Среда, 27 Јуни 2012   
Големиот антички град Стибера кај с.Чепигово

stibera1

Градот Стибера на локалитетот „Бедем“ кај селото Чепигово за прв пат во историките извори се споменува во 200 година пред нашата ера кај античките историчари Полибиј, Ливиј и Страбон, а го споменува и географот Равенацки. Според бројот на ефебите, младинци кои постигнале зрела возраст за во војска, запишани на мермерни споменици градот имал најмалку 20 000 жители слободни граѓани без робовите. Од историјата се знае дека во овој град доаѓале македонските кралеви Филип V и неговиот син Персеј, како и големи римски војсководачи. Не е исклучено дека во него имало развиена клултура и образование, за што сведочат и малиот број откриени градби, како што се храмот на божицата на судбината Тихе и еден гимназион. При ископувањата кои се вршени на неколку пати до 1953 година се извадени десетици мермерни статуи и други археолошки остатоци од градот.

Денес археолозите немаат дилеми околу лоцирањето на античкиот град Стибера кој се споменува во историските извори уште во 200 година п.н.е. Според описите на старите историчари Полибиј, Ливиј, Страбон, како и географот Равенацки и археолошките наоди, посебно епиграфските споменици на кои се споменува името на овој град, тој се наоѓа на локалитетот „Бедем“ кај денешното село Чепигово, на левиот брег на реката Блато, во близина на местото каде таа се влива во древниот Еригон или денешната Црна Река. Меѓу првите историчари кои го споменуваат овој град е историчарот Полибиј, а поточни податоци, кои упатуваат на неговата локација, даваат Ливиј и Страбон.

Најстари податоци за овој град се, сепак, археолошките предмети и монетите пронајдени на локалитетот „Бедем“ кај Чепигово за кои пишува археологот Иван Микулчиќ во својата книга „Пелагонија во светлината на археолошките наоди – од егејските преселби до Август“.

КОРЕНИТЕ НА ГРАДОТ СТИБЕРА

stibera2Според археологот Иван Микулчиќ, најстарите наоди на локалитетот „Бедем“ кај Чепигово потекнуваат уште од архајскиот период, односно 6 век пред нашата ера. Во следниот период од Чепигово се регистрирани наоди на вазни од типот кантарос, кои се датираат во 4 и 3 век п.н.е., а од тој период има и наоди на монети од Македонските кралеви. Така, регистрирани се монети на Филип II (359–336) и Александар III (336–323) (И. Мукулчиќ, Пелагонија ..., 50–65), а една монета на Александар III Македонски потекнува од времето по неговата смрт, што занчи таа е издадена постхумно. Таа потекнува од 315 година пред н.е. (Вера Битракова – Грозданова, Хеленистички споменици во СР Македонија, Скопје 1987, Т. III, 5). Присуството на монети на поголем број Македонски кралеви и градови на локалитетот „Бедем“ кај Чепигово е уште една потврда за постоењето на развиена наслеба во античкиот период. Регистрирани се монети на кралот Филип V (359 – 336), Александар III Македонски (336–323), Касандар (317) 305–297, Деметриј I Полиоркет (294–287), Антигон Гонат (277–239), Деметриј II (239–229), Филип V (221–179), Персеј (179–168), на градовите Тесалоника, Амфиполис, Филипи, и др. (И. Микулчиќ, Пелагонија ..., 65).

Од Стибера од Македонскиот период потекнуваат и делови од калапи за отпечатување на украси на чаши на кои се изработени уметнички обликувани фигури на луѓе со карактеристични локални етнографски белези, веројатно, на Пелагонците или Пајонците. Посебно се интересни ламбите од керамика кои, исто така, се регистрирани во Стибера. Некои од нив археолозите ги датираат во 4, а некои во 3 век п.н.е. (И. Микулчиќ, Пелагонија ..., 52–54. В. Битракова – Грозданова, Споменици ..., Т. XVI, 1)

На 4 век п.н.е. му припаѓа и една глинена статуетка од типот на божица во седечка положба (И, Микулчиќ, Пелагонија ..., 54).

Една надгробна стела пронајдена на локалитетот кај Чепигово потекнува од 3 век п.н.е. и на неа се споменува името Аристоник Теодорос (Ф. Папазоглу, Милена Милин, Маријана Рицл, Инсцриптионес граецае Епири, Тхрациае, Мацедониае, Скитхиае, 148, бр. 318).

Во Чепигово е регистрирано и погребување со кремација (со спалување на мртвите) кое, исто така, е карактеристично за времето на Македонското кралство.

Според археолозите на локалитетот „Бедем“ кај Чепигово, на кој се наоѓал античкиот град Стибера се наѓаат наоди од 3 век п.н.е. до доцниот 3 век на нашата ера. Локалитетот е богат со наоди, а тоа го потврдуваат и скромните археолошки истражувања извршени во 1924, 1953 и 1959 година, при што е откриено богатство од археолошки материјал, меѓу кое впечатливо место заземаат скулптурите и постаментите за скулптури со натписи. Затоа археологот Иван Микулчиќ истакнува: – „Ретко каде во светот истражувачите имале толку среќа како Н. Вулиќ и Д. Вучкович во Стибера, во откопаните градби да најдат толкав број мермерни споменици: повеќе од 30 статуи и бисти, 20–тина постаменти и плочи со натписи и многу други камени украси“. (И. Микулчиќ, Стибера, 21).

СТИБЕРА, БАЗА ЗА СНАБДУВАЊЕ И ОДМОР НА МАКЕДОНСКИТЕ ВОЈСКИ

Првите споменувања на градот Стибера ги наоѓаме кај Тит Ливиј кој, пишувајќи за областа Девриоп како област на Пајонија крај реката Еригон (Црна Река), вели дека сите градови на оваа област, Бријанион, Алкомена и Стимбара (Ливиј го пишува со тоа име) се наоѓаат на реката Еригон (Ф. Папазоглу, Македонски градови ..., 212. Лив. XXXIX, 53).

За време на Втората македонско–римска војна (200–197 година) Стибера еден од градовите во кој војската на Македонскиот крал Филип V се снабдувала со намирници и се ослободувала од пленот од успешните битки со Илирите. Ливиј известува и за една битка меѓу Македонската војска на чело со Филип V и римската на чело со Публиј Сулпициј Балба во Пелагонија, кога Македонската војска и кралот Филип V имаат упориште на извесен тумул Атака. По битката римската војска се повлекла кон извесно место Отолоб, каде имала свој логор, а Македонската преку некои планини кон градот Бријанион. Сулпициј Галба со својата војска дошол во Стибера каде што го собрал житото и се повлекол кон Плуина. Во Плуина Филип V го изненадил Галба, доаѓајќи по скратена патека од градот Бријанион и Галба отстапил кон реката Осфаг. Потоа Филип V се улогорил во близина на реката Еригон (Н. шелдаров, В. Лилчиќ, Кралевите ..., 100).

Во Стибера доаѓал и синот и наследникот на Филип V, кралот Персеј. Според Ливиј тој во 169 година дошол во Стибера, каде собирал жито за храна за војската. „Откако неколку дена собираше жито и нареди со него да тргнат машини за опсадување градови, (Персеј) тргна оттаму (од Стибера) и третиот ден дојде во Ускана, најголемиот град на Пенестите” (Ф. Папзоглу, Македонски градови ..., (Лив. XXXI, 39, 4) 217)

Археолозите Ускана го лоцираат кај денешниот град Кичево, а во тоа време Римјаните ја избркале Македонската посада со војска од критско потекло и оставиле 4000 свои војници Римјани и 500 Илири (Ф. Папазоглу, Македонски градови ..., 218. Н. шеладров, В. Лилчиќ, Кралевите ..., 106, 107).

Изненадувајќи ја римската посада во Ускана, Персеј со својата војска повторно го зазел овој град на Пенестите и се вратил во Стибера. Еве што пишува за ова античкиот историчар од грчко потекло Полибиј во своите Истории – „... Адеј и Плеурат се вратија дома (од пратеништвото кај Илирскиот крал Генциј, з.м.) со овој одговор (дека Генциј не може да ги исполни барањата за помош на Персеј против Римајните поради недостиг на средства, з.м.). Персеј стигна во Стибера, го распродаде пленот и ја остави војската да се одмори, очекувајќи го враќањето на пратениците. Кога овие дојдоа ја ислуша пораката на Генциј и веднаш повторно му ги прати Адеј и Главкиј,...“ (Полибиј, Истории, 388).

Значи во Стибера дошле и пратениците кај Генциј, Адеј, кој според Полибиј бил од градот Бероја и Плеурат, кој по потекло бил Илириец и кај Персеј нашол прибежиште. Значи Стибера играл значајна база за Македонската војска во борбата против Илирите и Римјаните. Од сето тоа произлегува дека овој град бил главен на областа Девриоп и доволно голем за да може поголема војска да се ослободи од пленот со распродавање, да се нахрани и да си најде место за одмор.

ГРАД  СО НАД 20 000 СЛОБОДНИ ГРАЃАНИ

Дека Стибера бил еден од поголемите градови во овој крај во антиката, може да се заклучи и според спомениците од мермер пронајдени на локалитетот „Бедем“ кај Чепигово, а на кои има пишани текстови. Овде посебно се значајни списоците на ефебите, момчињата кои биле воспитаници на гимназиумот. Пронајдени се доста долги списоци на ефеби во Стибера од годините 190, 203, 206, и 223 во нашата ера. На списокот од 190 година има запишано дури 130 имиња на ефеби. Фанула Папазоглу прави споредби со слични списоци од останатите градови, како Бероја, Едеса, Лета каде списоците содржат по неколку десетици имиња, како и со Атина во која тие за времето на Антонините изнесуваат просечно 90, а само на еден список од 42 година на н.е. има 120–130 момчиња. Според сите овие показатели Фанула Папазоглу заклучува дека Стибера бил град со најмалку 4500 граѓани со возраст над 18 години и 20 000 жители, слободни граѓани без робовите (Ф. Папазоглу, Македонски градови ..., 220, 221).

Од археолозите остатоците од градот прв ги забележал Л. Хазеј кога, според, историските текстови на овој локалитет тој ја лоцирал областа Девриоп (некаде се преведува како Деуриоп). Српскиот археолог Балдуин Сариа и Македонецот од Охрид Димица за локалитетот кај Чепигово сметале дека е градот Девриоп (Ф. Папазоглу, Македонски градови ..., 213, 214. Сариа Балдуин, Археолошка испитивања ..., 112, 113, 114). Подоцна, со пронаоѓањето на бројни натписи на мермерни споменици започнува потрагата по неговото вистинско име. Еден од првите натписи на кои се споменува дека се работи за значајна населба е една одлука на градскиот совет на овој град со која градот треба да прими сума од 1500 динари кои со тестамент му ги оставил извесен угледен и богат граѓанин М. Ветиј Филон со тоа што од каматата треба секоја година да се слави еден ден во чест на друг угледен граѓанин Ветиј Болан (Ф. Папазоглу, Македонски градови..., 213).

Подоцна следат и други натписи на кои се споменува името на градот Стибера и утврдувањето дека на локалитетот Бедем“ се крие град од античко време со тоа име станува се поизвесно. Градот заземал значителна површина од 13 ха (В. Лилчиќ, Македонскиот камен за боговите, христијаните и за живот по животот, 421) на ритчето Бедем“ среде мочурливата рамнина, на која се појавуваат остатоци од значајни градби, со впечатливи димензии. Првите истражувања започнуваат во 1924 година, а следат и истражувања од 1953 и 1959 кога од земјата излегуваат фасцинантни археолошки наоди, меѓу кои и прекрасно зачувани скулптури, кои стоеле во еден храм на божицата на судбината Тихе и во еден гимназион кои се еднинствени откриени градби до денес од велелепниот антички град Стибера.

Treno_DimitrioskiТренчо Димитриоски
новинар, писател и истражувач

 

На прво место

News image

МАКЕДОНСКА ДИЈАСПОРА : НЕ ЗА ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА

Придонесот на  Македонците кои го напуштиле дедовскиот праг во етничка Македонија и поради ек...

Иселеници

News image

МАСЛИНОВАТА ГОРА И ЕРУСАЛИМ (9)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ИЗРАЕЛ И МАКЕДОНИЈА“ НА СЛАВЕ КАТИ...

Култура и туризам

News image

СИЛЈАН МИЦЕВСКИ - ИЗБРАН ЗА ПРВ ГРАДОНАЧАЛНИКНА БИТОЛА ВО 1996 ГОДИНА (10)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „СИЛЈАН МИЦЕВСКИ“ ОД АВТОРИТЕ СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ - КАТИН И ЃОРЃИ ЛУМБУРОВС...

Фељтон

News image

ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА И СУДБИНАТА НА МАКЕДОНСКОТО НАСЕЛЕНИЕ ВО ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА (4)

ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ НА СЛАВЕ КАТИН

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.