Среда, 13 Април 2011   
Детали од животот на војводата Мице Чегански

„Јас не се борев за ваква слобода. Јас се борев за слободата на независна Македонија, а Македонија не е ниту слободна, ниту пак независна“.

mite-ceganskiМице (Чегански) Зајков, подоцна Димитар Христов, е роден во далечната 1875 год. во воденското село Чеган, Егејска Македонија. На револуционерната борба на ВМОРО се приклучува кога има 27 години, пред самиот почеток на Илинденското востание.

За време на востанието како најистакнат борец од неговото село бил Чичо Колчив.

Колчив бил предаден на турскиот аксер од страна на Коле Шанев, дотогашен член на организацијата. По убиството на Чичо Колчив, Мице Чегански добил наредба од организацијата да го ликвидира Коле Шанев. Па така кога Коле Шанев требаше да оди до соседното село Пателе, со некоја непозната цел, Мице Чегански со уште еден член на организацијата ги натовариле маските со дрва божем ќе продаваат дрва во соседното село Пателе. Тие го престигнале Коле Шанев кај месноста позната под името Гумната. Коле бил добро наоружан, а Мице и неговиот придружник биле само со една единствена секира заради можен претрес од страна на турскиот аскер. Додека придружникот на Мице му правел муабет и го привлекувал вниманието на Коле Шанев, Мице Чегански, од зад грб силно го замавнал Коле Шанев со тапиот дел од секирата и го онесвестил. Потоа го извадиле револверот од појасот на Коле Шанев и му пукале во главата.

Неговото мртво тело го фрлиле во некој смреков џбун, кое по неколку дена било пронајдено од страна на турските власти. Тогаш Мице се повлекол назад во планините и ја продолжил својата борба во четите на Тане Џолев, Алексо Џорлев и Крсте Љондев.

По завршувањето на Илинденското востание Мице Чегански бил назначен за воденски околиски војвода. Тој посебно се прославил во неговото село Чеган, по одмаздата за убиството на Чичо Колчив. Мице Чегански бил еден од поистакнатите војводи, заедно со Тане Кланџов од Горничево и Цоле Герчев од с. Баница. Чегански пребегнал во Софија во 1905 год. Тој таму дошол до судир со врховистите.

Од централистичкото крило на ВМОРО, неговата чета добила наредба да изврши атентат на некои врховисти. Мице Чегански за тоа време се наоѓал на планината Витуша, заедно со неговата чета. Во тој момент, донесоа едногласна одлука војводата да го изврши атентатот врз врховистите. Мице Чегански без двоумење се преоблекол во владика и заедно со придружбата слегол покрај патот што водел за Софија каде чекал превоз. Во еден момент запрел еден војнички камион. Тогаш еден комита од придружбата на Мице Чегански му рекол на шоферот – „овој владиката ќе мора да оди за Софија и води рачун безбедно да пристигне во градот“. Шоферот без никакво одбивање го зел Мице за Софија.

Кога пристигнал Мице во Софија, многу жени трчале да му бакнат рака, мислејќи дека е владика. Тие го прашувале што празник е денеска, бидејќи во тој момент биеле камбаните во Софија. Мице без одговор побрзал да влези во кафеаната во која седеле двајца врховисти кои требало да ги ликвидира. Чегански се приближил кон нив, а тие му бакнале рака и го понудиле што сака да пие. Тој ја одбил нивната понуда, го повикал кафанџијата и му рекол бидејќи е празник тој ќе ја части целата кафеана. Кога Мице станал да ја плати сметката, ненадејно извадил два револвери и стрелал кон членовите на ВМОК. Побрзал да ја напушти кафеаната и да пребегне кон некоја соседна улица каде што го чекале луѓе од неговата чета. Тие го засолниле во една коњска приколка натоварена со сено. После овој атентат тој ја напушта Бугарија и преку некое грчко пристаниште заминува за Италија.

По повлекувањето на Османската империја од Балканот и завршувањето на Балканските војни, Мице Чегански се враќа во Вардарскиот дел на Македонија, кој тогаш бил под српска окупација. За да може безбедно да се движи низ Бугарија и тогашна Србија, тој го сменил својот идентитет, па така од Мице Зајков станал Димитар Христов. Се до почетокот на Првата светска војна тој престојува во Битолскиот крај.

За време на Првата светска војна тој учествува во возобнувањето на организацијата. Тогаш е одново назначен за воденски околиски војвода. Кон крајот на месец април 1925, Мице Чегански е назначен и за воен инструктор во Мелничката област. Неколку месеци по Петричкиот инцидент (во кој зема учество), заедно со неговата фамилија трајно се преселува во Софија. Извесен период од неколку месеци Мице Чегански е личен телохранител на Александар Протоѓеров. По убиството на Протоѓеров во 1928 год. Мице Чегански се приклучува кон лагерот на протоѓеровистите.

Во 1929 год. Чегански заедно со Доно Поп Штерјов и Симо Костов заминал за Егејска Македонија. Таму има средба со Георги Попхристов, Крум Петишев и Петар Ангелов, кои со помош на италијанската армија од Италија се пренесени во Албанија,а од Албанија преминуваат во Егејска Македонија која е под грчка окупација. По таа средба Мице Чегански со неговите другари заминува кон Леринско и Костурско, каде има судири со грчката војска, а Попхристов со неговите другари, преку преспанските села пристигнуваат во битолското село Смилево, каде имаат судир со српските воени сили. Од овие судири сите шестмина револуционери многу среќно се извлекуваат живи. Тие се враќаат во Бугарија, а подоцна по наредба на Ванчо Михајлов, Мице Чегански заедно со Попхристов се повлекуваат од политичката дејност во 1931 год.

По повлекувањето од ВМРО, Мице Чегански останува да живее во Софија со неговата сопруга и неговите две деца. До крајот на Втората светска војна се занимавал со земјоделие. Со доаѓањето на власт на КПБ во тогашната Народна Република Бугарија, Георги Димитров вовел Илинденска пензија за учесниците во востанието. Според сведочењата на Павле Груевски од Скопје (внук од сестра на војводата), Мице Чегански едногласно ја одбил понудената пензија, велејќи :

„Јас не се борев за ваква слобода. Јас се борев за слободата на независна Македонија, а Македонија не е ниту слободна, ниту пак независна“.

Големиот војвода умира во Октомври 1970 год. на 95 годишна возраст. Тој е погребан на централните софиски гробишта во алејата на Македонскиот отпор, со сите високи почести, како што му доликува на еден вистински борец за слободата на Македонија.

Напиша: Филип Десановски

Извор:

1 - Революционната борба в Битолския окръг - Спомени на Георги Попхристов
2 - Интервју со Павле Груевски од Скопје (внук на војводата Мице Чегански) - Миле Брзовски
3 - Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 108.
4 - Тюлеков, Димитър. Обречено родолюбие. ВМРО в Пиринско 1919-1934
5 - Предавствата и атентатите во македонската историја - Виолета Ачковска и Никола Жежов, Скопје 2004 год.
 

На прво место

News image

Мицкоски: Народот е на нозе и огромното мнозинство се спротивставува на оваа деспотска власт

Мицкоски: Народот е на нозе и огромното мнозинство се спротивставува на оваа деспотска власт

Историја

News image

Македонија, мојот копнеж – Маноил Мане Јаковлевски (1)

Македонија, мојот копнеж – Маноил Мане Јаковлевски (1)

Иселеници

News image

СТИВ ПЉАКАС И НЕГОВАТА ПОСВЕТЕНОСТ НА МАКЕДОНИЈА (27)

ДЕЛ ОД ЖИВОТНАТА ПРИКАЗНА НА СТИВ ПЉАКАС ВО КАНАДА ...

Култура и туризам

News image

ВО ГОРНА ПРЕСПА КАКО ДОМА (5)

СЕЛАТА ЕЗЕРЕНИ И ПЕРОВО – ЦЕНТРИ НА ПТИЦИТЕ ВО ПРЕСПА

Фељтон

News image

ОД ПАНОНИЈА ДО ЕГЕЈ (6)

ИСТОРИСКА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ПАЛЕОБАЛКАНСКИТЕ (СТАРОБАЛКАНСКИТЕ) И ЕГЕЈСКИТЕ ПОПУЛА...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.