Среда, 15 Октомври 2025   
ИНТЕРВЈУ СО ПУБЛИЦИСТОТ СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ – КАТИН

 90334567

СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ–КАТИН, кој е познат само како Славе Катин и’ е популарен кај  македонската и на меѓународната јавност по неговите бројни публикации, на македонски и англиски јазик, новинарски и научни трудови кои се посветени, главно, на етничка Македонија и на животот на Македонците во дијаспората, како и текстови од науката, новинарството, религијата, културата, македонскиот јазик, литературата и други области.

Славе Катин не припаѓа на политичка партија, бидејќи тој е припадник на етничка Македонија, на Македонците во дијаспората и на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), која како институција игра значајна улога во опфаќањето и сплотеноста на Македонците надвор од Македонија, особено во прекуокеанските земји и Европската Унија.

Катин е роден на 19 август 1941 година во Долна Преспа, во куќа која во тој период ја заплискувале брановите на Преспанското Езеро, во непосредна близина на старата населба Наколец. Во неговата биографија е забележано дека извесен период по неговото раѓање, семјеството се преселува во Љубојно, од каде е неговата мајка Сандра. До завршувањето на осумгодишното училиште во Љубојно и средното училиште во Скопје го носи презимето на мајка му – Грежловски, а потоа на факултет во Белград продолжува со презимето на неговиот биолошки татко Ристо (Барџевски) – Николовски, кој, како политички емигрант го направи постојаниот дом во Рио де Жанеиро, во Бразил.

Прашања:

Вие сте публицист, новинар, истражувач на македонското иселеништво. Како го постигнувате сето тоа?

Уште на почетокот сакам да го изразам моето задоволство што ми се укажа  приликата преку вашето гласило да се претставам пред вашите читатели. Во прилог на тоа сакам да нагласам дека во моето педесетгодишно творештво како публицист и објавените 66 публикации, а особено како новинар сум соработувал со голем број весници, списанија и други научни гласила, во кои, се разбира сум објавил над 5.500 новинарски и други текстови, претежно со материјали     од журналистиката, литературата, јазикот, религијата, со посебна нагласка на  Македонците во дијаспората.

Сето тоа го правам со неизмерна љубов кон информативната дејност, особено кон информативните гласила во нашата дршава и странство, особено како редовен и долгогодишен соработникк на порталите „Македонска нација“, од Скопје, „Мактел“ и списанијата „Повод“ од Сиднеј и „Македонски времеплов“ Австралија и весникот „Македонија“ од Торонто, Канада.Исто така, бев акредитиран новинар од Македонија за „Австралиско-македонски неделник“ од Мелбурн и за Меѓународна политика“ од Белград. Во изминатите педесетина години су објавил бројни новинарски и други материјали на македонски и на англиски јазик во бројни информативни и други гласила.

Љубојно во Преспа е вашиот семеен дом и инспирацијата за печалбарството. Какви ви се спомените?

Во Љубојно го поминав поголемиот дел од детството, од младоста, а се навраќам во него скоро цел живот. Таму, во нашиот стар македонски дом имаме библиотека со околу 4.000 книги и македонска народна соба. Во Љубојно од мали нозе го почувствував тешкиот печалбарски живот на луѓето од Преспа, особено преку печаллбарската сага на дедо ми Алексо (Алек) Ристов – Грежлов кој отишол на печалба во Детроит, САД во 1919 година, потоа преку судбината на мајка ми Сандра и очухот Јосиф Ничевски, кои 50 години живееја во Торонто, а дојдоа во Македонија за да го направат нивниот вечен дом во Љубојно.

Печалбарското Љубојно во кое оваа година се одржаа по 52-ри пат „Љубанските илинденски печалбарски средби“, е во Долна Преспа, сместено на околу 2 километри источно од Големото Преспанско Езеро  во една од западните пазуви на планината Баба, во долниот тек на живописната долина на Брајчинска (Стара) Река. Се простира на обата брега на реката, на надморска височина од околу 920 метри. Се наоѓа 2 километри од езерото, на 28 километри оддалеченост од градот Ресен и 5 километри од идниот граничен премин со јужниот сосед „Маркова Нога“.

Какви се вашите патишта во образованието?

Основното и осумгодишното училиште (со мала матура) го завршив во  второто училиште на македонски јазик во ослободена Македонија, „Димитар Влахов“ во  Љубојно, а Средно техничкото училиште, геодетски отсек во училиштето „Здравко Цветковски“ во  Скопје. Студирав две години Геодезија на Вишата геодетска школа во Белград., се школував една година на „Раерсон“ на Универзитетот во Торонто, а дипломирав на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Каква е вашата кариера во работата?

Од 1979 до 1984 година, работев во Матицата на иселениците од Македонија, каде ја водев Информативната служба и работев како преведувач и новинар во списанието “Македонија”. Од 1984 до 1990 година бев именуван за вработен во Републичката конференција на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија (РК ССРНМ), каде го уредував “Информативниот преглед” и други информативни публикации на оваа општествена организација. Воедно, од Претседателството на РК на ССРНМ бев именуван за раководител на Службата за информирање, за секретар на Комисијата на РК ССРНМ за меѓунационални односи и секретар на Одборот за остварување на улогата на ССРНМ во сферата на религијата и верските заедници.   

Од 1991 до 1999 година бев именуван од Собранието на Република Македонија, да ја вршам функцијата потпретседател на Републичката комисија за односи со верските заедници. Во 1999 година повторно се вратив во Матицата на иселениците од Македонија, сега веќе трансформирана во Министерство за иселеништво,за уредник во списанието „Македонија“.По една реконструкција на Владата, Министерството беше деградирано во Агенција за иселеништво. Со цел поангажирано да се посветам на иселеништвото, во 2001 година, ја напуштив Агенцијата и заминува во предвремена пензија.

Како функционер, кои беа вашите значајни средби?

Како функционер на Владата на Република Македонија, бев во посети и разговори кај поглаварите на Романската, Украинската, Руската и  Српската православна црква, потоа во Цариградската патријаршија во Истанбул  и повеќе пати во Ватикан во Рим. Исто така, бев член на делегацијата на Владата на Република Македонија за погребот на Мајка Тереза во Калкута, Индија, а многу пати патував со делегации на МПЦ-ОА за Канада, Соединетите Американски Држави, Австралија, бројни европски земји, Турција и Израел.

Сте работеле во поголем број институции, какви ви се спомените?

Веднаш по завршувањето на Филолошкиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, бев ангажиран во еден проект меѓу Хидробиолошкиот завод во Охрид и Смитсоновата фондација од Вашингтон, САД, за истражување на Охридското Езеро. Тогаш, во 1985 година го подготвив и беше публикувано моето прво дело “Англиско-македонски лимнолошки лексикон”. Исто така, ми беа објавени и голем број преводи на научни трудови во Македонија и САД, а ја преведов и  беше објавена докторската дисертација на проф. Милчо Точко, која се однесуваше на развојот на рибите циприниди во Охридското Езеро. Тоа, всушност, беше почеток и одскокна даска за мојата публицистичка иднина.

Одсекогаш сте биле активни во пишувањето. Што ве инспирирало најмногу?

Јас како Македонец, со длабоки македонски корени, одрастен во добро македонско патриотско семејство, воспитан и образован во македонски дух, целокупна Македонија ми била, ми е и ќе ми биде мојата патриотска љубов, патоказ. предизвик и водилка над се‘. Македонија, а особено судбината на мојот македонски народ насекаде по светот ме инспирирале да се зафатам да пишувам, со цел да оставам скромни траги за историскиот равој, културата, јазикот, религијата, минатото, сегашноста и иднината на мојот македонскиот народ и Македонија.

Како се движеше вашата работна и творечка иднина?

Од Охрид се вратив во Скопје на работа во Матицата на исеениците од Македонија и во списанието “Македонија”. Таму, како поранешен и еден од првите стипендијант на Матицата од Канада и Австралија, со голем ентузијазам ја продолжив мојата започната “втора  љубов”- новинарството и  иселеништвото. Како уредник на списанието „Македонија“ имав прилики да објавам голем број текстови на македонски и на англиски јазик за Македонија и   Македонците во светот. Потоа, подолг период бев на различни функции во поранешниот систем во Република Македонија, за во 1991 година, со осамостојувањето на државата, од првото Собрание на Република Македонија бев избран на функцијата потпретседател на Комисијата за односи со верските заедници.

Какви резултати постигнавте кога ја водевте Комисијата за верски прашања?

На чело на Комисијата за односи со верските заедници бев десетина годиди, избран како непартиски функционер од Првата Влада на Република Македонија, под патрон на академик Блаже Ристовски. Во тој период јас бев мостот меѓу држата и МПЦ. Се гордеам што Црквата се доближи до  православниот македонски народ, во тој период се изградија голем број нови ду- ховни светилишта во Македонија, а особено во прекуокеанските земји Австралија, Канада, САД и Европската Унија. Тогаш се отвори Теолошкиот факултет во Скопје и се продлабочија и се подобрија односите со македонските православни цркви и  манастири во светот.

Сте патувале многу. Какви се вашите впечатоци од тие патувања?

Јас сум во основа скромен човек, но многу сакам да патувам. Притоа, имам  “маана” се‘ што гледам да го бележам. Сегде каде сум бил по светот, секогаш сум ги забележувам сите карактеристики за државата, градот, местото, народот…, од што произлегле бројни новинарски текстови.. За илустрација ќе нагласам дека последното доаѓање во Канада беше моето 144 пре- летување преку Атланскиот Океан. Сум посетил многу земји, градови, места… Сум  учествувал на седумдесетина симпозиуми, конференции и други научни собири во  светот. Сето тоа ме збогатило како посетител, творец и вљубеник на напредокот на човештвото ширум светот.

Каков е вашиот творечки опус?

Од првото авторско дело „Ансглиско-македонски лимнолошки лексикон  (1986),  па до последното 65 дело „Selecтed Рapers for Maсedonia“ (2024) јас сум автор на 22 дела со буквата М“ (Македонија), 20 монографии за познати и признати личности во иселеништвото и Македонија. Автор сум на десетина лексикогравски издамија, како и на преводи на дела од македонски на англиски и обратно, од повеќе области. Коавтор сум на 10 дела со познати и признати автори, како академик Антоније Шкокљев –Дончо од Белград, проф. д-р Вера Стојчевска – Антиќ, проф. Петко Златевски, како и новинарите Фиданка Танаскова и Бошко Рајчовски – Пелистерски, со кои ги имаме објавено, меѓу другите делата: “Придонесот на Македонија во светската цивилизација”, “Ореолот на Дева Марија во Сливничкиот манастир во Преспа”, “Библиски речник”, “Илинден во Љубојно и  Преспа” , “Во чест на св. Кирил и Методиј”, “ Од Панонија до Егеј” и други.

Наведете некои од вашите најважни публикации.

Мене ми се сите публикации како прстите на раката-исти. Но, би ги споме нал, меѓу другите, моите дела: “Македонските православни цркви во Австралика, Канада и САД”,”Илинден 1903-2003 и македонските иселеници “, “Македонскиот иселенички печат”, “Иселеничка вртелешка” и “Светот на дланка”, монографиите за Гога Печенковски од Ресен и Силјан Мицевски од Битола“, кои се на македонски јазик, потоа “Македонците во САД и Канада”, и монографиите за Џорџ Атанасоски,  Атанас Близнаков, Петар Стаматов, Џорџ Томов, Стеве (Светле) Стамевски сите од САД, семејства Јановски од Канада, Андреа Бранов од Австралија, како и монографијата „Митрополит Кирил“ (сите на македонски и англиски јазик).

Исто така, би ги споменал моите лексикогравски изданија “Ајде да учиме македонски, англиски, германски, француски, влашки, турски, албански и ромски”, како и преводот од англиски на македонски јазик на историскиот роман “Александар Македонски” од германскиот научник Улрих Билкен.

Кои награди сте ги добиле?

Добитник сум на бројни признанија, пофалници, како и на наградата Крсте Петков Мисирков (1988) на Здружението на новинарите на Македонија од областа на журналистиката, Потоа сум добитник на „Признание за животно дело“ на 48-те „Љубански илинденски иселенички средби“ (2021), „Повелба за животно дело 2022“ на Пелагониските културно-науќни средби, како и најпрестижната Глобална награда за животно достигнување“ (2022) на „Обединетата македонска дијаспора“ од Вашингтон, САД, за постигнувањата на полето на иселенштвото. 

Кои се вашите омилени македонски писатели?

Културолошката историја на македонскиот народ и на Македонија е многу  богата и вековита. Македонците од сите делови на Македонија и од дијаспората оставиле големи траги со пишаниот збор. Така, се одушевувам од нашите постари творци: Мисирков, браќата Миладиновци, Рацин, потоа Конески, Шопов, Чинго, Фотев, Андоновски и плеада други вљубеници во македонскиот збор во етничка Македонија и во иселеништвото.

Како Македонец како ја гледате иднината на Македонија?

Македонската Империја од времето на Филип Македонски и неговиот син Александар Трети Македонски оставиле длабоки траги и ние денес да имаме од таа империја едно слободно парче земја на Балканот, кое се вика Македонија. Само античките Македонци и ние денес го задржавме, го негуваме и го чуваме името Македонија. Затоа, со право можам да констатирам дека на многу народи во светот судбината им била историја, а на нас Македонците историјата ни е судбина.

Народот на кој најубавата песна и најдоброто оро му се вика “тешкото”, објективно и неможел да има поинаква судбина и потешко минато. Македонија не само што отсекогаш била на секот на многуте мечеви и јатагани, сабји и ками, пушки и топови, туку, во исто време во неа се судрувале и се вкрстувале многу различни култури. И токму таа Македонија, всушност била и е лулка на цивилизациските средишта како една од најстарите цивилизации на светот. Затоа, со право се вели дека Македонија постоела, постои и ќе постои се‘ додека овој свет светува и векува.

903345678

Душан Ристевски – Македон, октомври  2025

 

На прво место

News image

Доста беше со корупција, доста беше со лаги и злоупотреби!

Додека народот преживуваше со 150 денари на ден – Заев и неговите блиски испумпуваа милиони од држ...

Историја

News image

Римските војни со Ханибал од Картагина, Пир од Епир и Македонците

Долго по смртта на Александар III Македонски, македонската држава била целина со наследници Филип II...

Иселеници

Култура и туризам

News image

АВСТРАЛИСКО – МАКЕДОНСКАТА ЦРКОВНА ЕПАРХИЈА (6)

ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ И ПОСТИГНУВАЊАТА НА АРХИЕПИСКОПОТ НА МПЦ-ОА Г.Г. МИХАИЛ

Фељтон

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.