Среда, 29 Мај 2019   
МИТРОПОЛИТОТ КИРИЛ И НЕГОВАТА ДУХОВНО-НАЦИОНАЛНА И ЦРКОВНА МИСИЈА ВО ТАТКОВИНАТА (28)

mitre1

ЛЕШОЧКИОТ МАНАСТИР -  ЗНАЧАЈНО ХРИСТИЈАНСКО СВЕТИЛИШТЕ  ВО ПОЛОГ

Лешочкиот манастир е православен манастирски комплекс, кој претставува најголем духовен центар во Тетовско. Манастирот е сместен во природен амбиент во близина на селото Лешок, на надморска височина од 610 метри. Во комплексот се наоѓаат црквите „Св. Атанасиј“ и „Св. Богородица“, како и гробот и спомен собата на Кирил Пејчиновиќ кој е еден од најпознатите македонски преродбеници од XIX век

На 8 км североисточно од Тетово, во подножјето на Шар Планина, се наоѓа  селото Лешок со манастирот „Св. Атанасиј“. Непосредно од северозападната страна се издига величествената Шар Планина која, со својата убавина во сите годишни времиња, дава импозантна слика. Највисоките делови во пролет се под бела снежна покривка која како огледало ги одбива зраците на пролетното сонце. 

Асфалтниот пат кој поминува низ селото Лешок кон планинските села Брезно и Варвара во минатото по коритото на реката одел за Призрен. Во крајниот северозападен дел од селото, дел од патот се одделува и води кон манастирот „Св, Атанасиј“. Манастирот е заграден со висок ѕид, а на влезот има манастирска врата која е невообичаена. Изработена е од железо и е поставена во шеесеттите години, со крст на покривот. Внатре големиот манастирски двор е покриен со свежа зелена трева, а во него се испреплетуваат стари и нови зданија, зависно од времето во кое се градени.

Во централното место од дворот со својата убавина доминира манастирската црква „Св. Атанасиј“, обиколена со зеленило на манастирскиот двор. На источната страна од црквата се наоѓа новоподигнатото вечно почивалиште на македонскиот просветител, преродбеник, деец и обновител на Манастирот, игуменот Кирил Пејчиновиќ. На 20-30 м јужно од гробот на игуменот Кирил, се наоѓа старата црква „Св. Богородица“ од XIV век, покриена со стари засводени ќерамиди. Југозападно од црквата „Св. Атанасиј“ се наоѓа манастирскиот конак со приземје, два ката, скали и влезна врата во средината.

mitre2

Манастирскиот комплекс Лешок

Во продолжение на конакот кон запад се наоѓа архаичниот колосален кош исплетен од прачки кој зборува за економскиот живот на манастирот во минатото. Под истиот покрив е направена летна трпезарија која дава извонреден амбиент. Наспроти црквата се издига ридот со остатоци од средновековниот град Лешцек или Leaskumcosu кој, со својата близина, го попречува погледот на дел од шарпланинските сртови со разни форми. Северозападно од црквата, во дворот, се подигнати статични сцени за изведба на фолклорни програми и за друг вид настапи и застаклена манастирска летна трпезарија за свадби и за крштевки.

Гледајќи панорамски фотографии на манастирскиот комплекс од пред Втората светска војна може да се заклучи дека сегашниот манастирски комплекс е целосно изменет. Вака ревитализираниот манастир привлекува внимание и сé повеќе е посетуван како од верници така и од видни личности од животот на македонската држава и од странство. Доказ за тоа се и книгите на впечатоци во кои не се крие восхитот од Лешочкиот манастир, но и искрените желби да се обнови и да се зачува тоа богатство за идните поколенија. Христијаните во него ги обновуваат древните обичаи.

Посебно значење имаат масовните посети на учениците и на просветните работници од државата и на македонските деца од дијаспората. При нивните посети се организираат часови под отворено небо за сé што е поврзано со манастирот и со игуменот Кирил Пејчиновиќ.

Почнувајќи од 1971 година, традиционално, секоја година кон крајот на август, Манастирот го посетуваат учесниците на Меѓународната средба на преведувачите што се одржува во Тетово. Посетата се состои од запознавање на светските преведувачи со ликот и делата на игуменот Кирил Пејчиновиќ во спомен-собата и со поклонување на гробот на овој голем македонски просветител.

mitre3              mitre4 

Кирил Пејчиновиќ – Тетоец                           Предговорот на „Утешение грешним“

На 17 мај 1997 година во овој резиденцијален манастир на митрополитот Кирил се одржа централната прослава на триесетгодишнината од обновувањето на автокефалноста на древната Охридска архиепископија. На овој мошне значаен црковен и народен собор присустуваа голем број црковни великодостојници на чело со поглаварот на Македонската православна црква, архиепископот охридски и македонски г.г. Михаил, голем број гости од целокупниот живот на Република Македонија, гости од странство и многубројни верници. Свеченото поздравно слово и свечената бешеда на овој собор ги одржа Неговото високопреосвештенство митрополитот г. Кирил.

Изградбата на новата црква „Св. Атанасиј“ започнала во 1924 година. Со прекини, црквата се градела 10 години, а изградбата завршила во 1934 година. По повод 120 години од смртта на игуменот Кирил Пејчиновиќ, во 1967 беше подготвена и отворена за посетителите спомен-соба за игуменот. Во неа се презентирани делата од игуменот Кирил „Огледало”, „Утјешение грјешним” и др.

Во манастирските конаци има параклис посветен на светите Кирил и Методиј, додека надвор од манастирскиот комплекс има стара црква посветена на Атанасиј Александриски т.н. Стар манастир. Манастирот за прв пат е основан во 1321 година од страна на епископот полошки Антониј. Комплетното заживување кое е видливо и денес се должи на доаѓањето на Пејчиновиќ од Света Гора, во 1818 година, кога се обновени манастирските конаци и кога е основана манастирската библиотека.

Во тоа време Лешок прераснал во книжевен и просветен центар. Манастирските конаци денес се реновирани, располагаат со сместувачки капацитети и особено се погодни за летен манастирски туризам.

Манастирот досега е два пати уриван. Прв пат во 1690 година Турците го разурнале целиот комплекс сосе црквите. Втор пат манастирот го кренале во воздух албанските терористи за време на конфликтот во 2001 година.

Инаку, Кирил Пејчиновиќ-Тетоец (1771 - 1845) е  македонски  просветителски автор кој сите свои дела ги напишал на народен македонски јазик и заедно со Јоаким Крчовски ја претставуваат првата генерација писатели на современата македонска книжевност.

Пејчиновиќ е роден во тетовското село Теарце во 1771 година. Првите почетоци од неговото образование биле во селото Лешок, а потоа продолжил во Дебарскиот манастир „Свети Јован Бигорски". Меѓутоа, потоа татко му решава да го продаде имотот во Теарце и со него и со неговиот чичко одат во Света Гора каде се замонашуваат. По извесно време Кирил се вратил во Тетово, а оттаму заминува во Кичевскиот манастир „Света Богородица Пречиста“.

Во 1801 година Пејчиновиќ станал игумен на Марковиот манастир „Свети Димитрија“ во Маркова Сушица, Скопско, кој решил да го обнови. Овој манастирот  е изграден во средината на XIV век во 1345 година, од  македонскиот средновековен владетел Крале Марко, кој е ктитор на манстирот кој го носи неговото име.

Манастирот бил речиси уништен, меѓутоа Кирил Пејчиновиќ успеал да издејствува помош од верниците, па конаците и манастирот биле обновени. Во наредните 17 години (до 1818 година), тој се занимавал со обновувањето и истовремено оформил манастирска библиотека од собраните ракописи од претходниот век.

Додека престојувал во Марковиот манастир ја напишал неговата прва книга „Книга сија глаголемаја Огледало“, која била отпечатена во 1816 година во Будим. По дваесет години минати во манастирот, под притисок на грчкиот владика од Скопје, го напуштил Марков манастир и се вратил во родното Теарце. Го обновил Лешочкиот манастир со помош на богатите верници и отворил училиште во кое ги подучувал младите и старите. Патувал и како проповедник собирајќи книги и пишувајќи сопствени текстови. Кирил Пејчиновиќ умрел на 12 март 1845 година во Лешочкиот манастир каде и е погребан во црковниот двор

Освен духовната и просветната дејност на манастирот „Св. Атанасиј“, тој има и своја економија од која многу зависело неговото опстојување и создавање на неговите христијански и културни вредности.

mitre5

Во дворот на Лешок

Економската моќ на манастирот била значајна и за населението кое гравитирало кон него. Честопати, во тешките времиња, дел од населението се потпирало на помошта од Манастирот, особено најсиромашните, хендикепираните и болните.

Старата манастирска црква „Св. Богородица“, пак, се наоѓа во југоисточниот дел од манастирскиот двор и претставува еден од најстарите зачувани објекти во Полог. Живописот во оваа црква во литературата се смета дека е од вонредно значење, особено циклусот со сцени од акатистот Богородичин, во однос на иконографијата и на ликовните квалитетни дострели настанати во XVII век во Македонија.

Продолжува

c6

 Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

Сајкоски: Вчера докажавме дека Македонија не толерира некој да ја тероризира– граѓаните во нас препознаа луѓе кои ќе дон

Вчера докажавме дека само заеднички, единствени како никогаш досега можеме да успееме. Можеме да усп...

Историја

News image

Репортажа: По врвиците на Александар Македонски-Македонците од Киргистан

Оваа приказна за денешниве Македонски белези во Средна Азија почнува во 2003 година на бреговите на ...

Култура и туризам

Фељтон

News image

ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО САД И ВО КАНАДА – (ДЕЛ III) (29)

ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ НА АТАНАС БЛИЗНАКОВ ВО МОНОГРАФИИТЕ НА СЛАВЕ КАТИН

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.