|
||||
Претседателот Иванов- почесен доктор на науки на Универзитетот Истанбул |
Претседателот Ѓорѓе Иванов денеска на Универзитетот Истанбул беше прогласен за почесен доктор на науки. Титулата му ја предаде ректорот на Универзитетот Јунус Сојлет, кој го оцени претседателот како демократ и миротворец, човек кој често ја истакнува меѓуетничката толеранција. - Претседателот Иванов е еден миротворец за дијалог меѓу државите на Балканот, со кои тој сака да воспостави мирољубиви и чесни односи, истакна ректорот на Унивеверзитетот, јави известувачот на МИА. Посочувајќи ја соработката на истанбулскиот Универзитет со универзитетите во Македонија, најави дека таа соработка во областа на образованието, културата, како и поддршката на позитивните активности, ќе продолжи и во иднина. Универзитетот во Истанбул е еден од најстарите универзитети во светот и историски наследник на Универзитетот на Константинопол каде во 9 век се образувал и воедно предавал Константин Филозоф, односно Кирил, кој заедно со братот Методиј ја создаде словенската писменост. - Како професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје моето присуство овде го доживувам како своевиден академски аџилак, бидејќи доаѓам во историскиот центар на знаењето, науката и уметноста. Во градот каде учеа, се надградуваа и твореа, просветителите на мојот народ и воедно патрони на мојот универзитет ослунските браќа Кирил и Методиј, рече претседателот Иванов во предавањето на Универзитетот, по неговото прогласување за почесен доктор на наука. Предавањето на Универзитетот го посвети на Истанбул, име кое го носи и оваа образовна институција, односно на градот како еден од 25-те најголеми во светот. - Истанбул спојува два континента. Тој е крстосница на луѓето, културите и цивилизациите. Овој голем град со векови ја поврзува Европа и Азија, Балканот и Анадолија. Тој е трговски центар кој ги сплотува турскиот економски, социјален и културен живот, оцени претседателот Иванов. Тој додаде дека Истанбул како град кој е стар и модерен, мирен и динамичен, мултиетнички и мултирелигиозен, мултијазичен и мултикултурен, е повеќе од Турција, односно дека Истанбул е светот. Претседателот Иванов со ова го заокружи работниот дел од посетата на Турција, каде учествуваше на 14. Евроазиски економски форум што секоја година од 1998. го организира Мармара фондацијата. |