|
||||
| Време кога камилите крстосуваа низ Македонија |
|
Камили во Струмица Во XIX век во Македонија, преставува главна раскрсница која ги поврзува Европа со Блискиот и Средниот Исток, Црното Море и Јадранот. Целокупната стока од Македонија која се извезувала и увезувала преку Солун, како и увозно-извозната трговија на Македонија со Босна, Србија, Бугарија и средна Европа се пренесувала со добиток. Пред изградбата на железницата, главно транспортно средство биле коњот, камилата, маската и магарето. Во тој период кираџиството во Македонија било значајна стопанска гранка и извор за егзистенција на голем број семејства. Кираџиите најчесто држеле коњи, кои како најбрзо превозно средство во тоа време, можеле да се користат за превоз на стоката на подалечни дестинации. Вообичано тие имале од два до осум коња, кои според потребите на трговецот ги изнајмувале. Секој коњ можел да превезува товар од 100 до 150 килограми. Единствена конкуренција биле кираџиите кои чувале камили. Овие „пустинските бродови“, бавни но издржливи, кои лесно ги поднесувале лошите патишта низ турската империја, овозможувале превоз на товар со пониски транспортни трошоци.
Камили во Струмица Во почетокот на XIX век безбедноста на патиштата не била голема, па затоа кираџиите кои патувале на подолги дестинации не оделе сами. Кираџиите морале сами да се грижат за безбедноста на товарот, па за да се превезе товарот безбедно од Солун до Сараево или обратно, се собирале повеќе ќираџии кои формирале карвани. Овие карвани најчесто имале од 20 до 50 коња, а во одредени случаи ги имале и повеќе (660 камили). Ниту еден карван не смеел да тргне на пат недоволно заштитен бидејќи изгледите стоката да стигне на целта биле минимални. Затоа сите кираџии биле вооружени како да одат во војна, а во зависност од големината на товарот со караванот имало придружба од 20 до 80 или повеќе луѓе, што била доволна гаранција за трговците дека карванот можел да се спротивстави и на најсилен ајдучки напад. Ако некој караван бил мал, тогаш се чекало додека се здружат неколку помали или пак да се приклучат кој некој поголем караван. Инаку кираџиите кои го прифаќале транспортирањето на стоката се задолжувале за договорена награда благовремено да ја пренесат стоката на означеното место. Задоцнувањето или загубата на стоката се признавале само ако се случило како резултат на виша сила. Секој од овие карвани имал свој старешина, капеџи-баша или бајрактар, кој обично бил трговец и во составот на карванот имал најмногу коњи или камили натоварени со стока. Особено при преминувањето на опасни места, кон карваните се придружувале христијански или турски трговци за да можат безбедно да поминат од едно во друго место, така да придружбата на карваните се зголемувала. Иако трговците при поминување низ одредена територија им плаќале специјални давачки на локалните моќници за да бидат заштитени нивните карвани, таква заштита тие слабо добивале. Често пати под изговор дека ги штитат, пашите овие каравани просто ги ограбувале. По триесеттите години од XIX век, откако завршија српските востанија, Србија станала привлечен пазар за македонските трговци и најпогодна транзитна сувоземна сообраќајница за извозно-увозната трговија на Македонија со Европа. Ликвидирањето на феудалната анархија и овозможувањето на релативен мир во Отоманската империја, овозможило зголемување на производството, посигурно патување на караваните и развој на трговијата. Истовремено потребите за поголемо транспортирање на стока овозможувале побрзо составување на карвани од десетици и стотици луѓе и добиток и по таков начин безбедноста при патувањето станувала знатно поголема Какви биле размерите на оваа трговија покажува примерот од март 1837 година кога преку Алексиначкиот ѓумрук (царинарница) за Србија, или преку неа за Средна Европа, минале 2200 товари разна стока, а тоа значи во просек по 70 товари дневно или, што е покарактеристично, во јуни 1852 година само еден карван бил составен од 660 камили натоварени со тутун од Ениџе за Белград. Карваните се формирале не само во Солун, туку во сите похолеми места во Македонија, како Сер, Струмица, Битола. Прилеп, Велес, Скопје. Низ Скопје како централна балканска раскрсница и трговски град, поминувале безброј карвани. Пристигнувањето на карвани Скопје, меѓу кои и карвани со камили, било секојдневие. Најчесто кираџиите биле мештани, Македонци. Употребата на камилите како превозно средство низ Македонија и Балканот, се поврзува со времето на Наполеон, кој за потребите на француската економија го открил т.н „Бел Пат“, по кој се пренесувал памукот. Обично овие карвани се формирале во Струмица, потоа преку Велес и Скопје оделе кон Запад. Затоа хроничарите на Скопје ќе забележат дека сите каравансараи биле со високи порти, за да можат низ нив да поминат натоварените камили. Цената на превозот во тоа време најчесто се формирала во зависност од далечината на која требало да се достави стоката, од годишното време, а и од понудата и побарувачката. Според таблицата за транспортот на стоките од 1851 година цената за превоз од Солун до Белград, преку Ниш при употреба на коњот како превозно средство изнесувала 70 до 80 пијастри. Таа не била константна и се менувала, достигнувајќи највисоки цени за време на одржувањето на панаѓурите, особено на Серскиот, Прилепскиот и другите поважни. Најниски биле транспортните трошоци кога стоката св пренесувала со камили. Евтината цена за превоз ќе овозможи оваа традиција на користење на камилите како превозно средство да се задржи многу долго време. Кираџиството било тешко, напорно и, при тие услови, рискантно занимање. Појавено во одредена етапа од економскиот развој во Македонија, тоа долго време успешно ќе ја врши улогата која ја има. Во одредено време неговите услуга ќе бидат непотребни што ќе доведе до негово постепено и дефинитивно исчезнување, а со тоа и исчезнување на камилата од патиштата на Македонија. Според познатио хроничар на Скопје Данило Коцевски последните камили од ваквите карвани му биле продадени на еден чешки циркус во 1937 година. |






















