|
|
Легендарната борба кај Локвата и Вињари |
Една од најхрабрите борби која се водела во предилинденскиот период помеѓу четите на ТМОРО и османлиската војска е битката кај Локвата и Вињари. На 31 мај 1903 во близина кај село Д’мбени, Костурско, Војводите Пандо Кљашев, Васил Чакаларов, Лазар Поп Трајков со 70 – 80 комити извршиле напад на османлиските сили. Најжестоки борби се воделе на врвовите Локвата и Вињари. Неколку востаници за да не паднат живи во рацете на османлиите се самоубиле. Ноќта четите се повлекле оставајќи зад себе 14 мртви, додека османлиската војска имала стотина мртви. Војводата Лазар Поп Трајков оваа голема битка ја овекувечува во неговата песна "Локвата и Вињари", а борбата на висовите кај Д’мбени станува легендарна и синоним за храброста на костурските великани. Со цел да ги уништат жариштата на Македонската револуционерна организација во Костурско, еден одред на османлиската војска го нападнал селото Смрдеш. Во ноќта на 8 спроти 9 мај 1903 година (21/22 мај 1903 г. стар стил) над селото Смрдеш, османлиската војска започнала престрелка со едно одделение предводено од Војводата Дичо Андонов. Нападот не бил очекуван и селото немало време да се припреми за одбрана ниту пак време да побара помош. Додека еден дел од аскерот се обидувал да ги опколи неколкуте вооружени селани предводени од војводата Дичо, другиот дел од одредот го ополил селото и започнал да го гаѓа со пушки и топови. Откако се разденило, османлиите го нападнале селото од сите страни. Надалеку се слушале пукотниците измешани со пискотот на немоќното население. Додека башибозукот од арнаутските села во Девол ги палел редум куќите, избезуменото население барајќи спас во бегство, налетувало на пушките и бајонетите на разулавените војници. Аскерот и башибозукот убивал, колел и силувал. Старци, жени, деца, сите биле мета на разјарените османлиски војници. Посебно на мета биле жените, кои со сите сили ја бранеле својата чест. По завршувањето на крвавиот пир во Смрдеш, турскиот аскер се нафрлил кон селата Статица, Поздивишта, Кономлади, Черновишта и Дреновени. Оставајќи го селото Смрдеш, зад себе оставиле 85 убиени или заклани, 50-тина ранети лица и запалени 240 куќи од вкупно 300. Во пожарот била уништена бомболеарницата, а пропаднале стотина пушки, како и поголемо количество на бомби и муниција. Во останатите села османлиската војска, исто така се оддала на насилства и грабежи. Претепала десетици луѓе, 25 одвела во Битола, а прибрале и стотина пушки. Организацијата претрпела удар, но не толку јак за да неможе да возврати. Два дена по настаните, во Смрдеш пристигнале четите кои најпрво го прибрале распрснатото население по планинските збегови, го распоредиле по останатите села, а потоа се справиле со башибозучките одделениа кои пристигале за да ги доограбат преостанатите домаќинства. Настанот во Смрдеш го подигнал нивото на приправност кај селските чети, а било и прибрано и складирано оружјето по планините. Десетина дена потоа, предадени над село Руља биле нападнати четите на Лазар Поп Трајков и Митре Влаот. Напомош им пристигнала четата на Васил Чакаларов и со здружени сили ја потиснале османлиската војска која била составена од пешадија и коњица. Во оваа борба Турците имале 12 загинати, додека комитите имале само една жртва. Ваквата победа ќе ги окуражи четите и населението, но ќе придонесе и за концентрирање на поголеми сили на турската армија која ќе започне со чешлање на теренот. На 30 мај 1903 година, многуброен аскер од разни страни се движел кон селото Д’мбени. Навреме информирани, селските чети фатиле бусија околу врвот Вињари, еден од двата врва на Д'мбенската Планина. На помош на д'мбенската чета дошла четата на војводата Дичо Антонов, составена од триесетина комити. На помош на д'мбенчани им пристигнале славните војводи Чакаларов, Кљашев и Влавот со своите чети..Тука селските чети ќе ги пречекаат атаците на Турците. На 31 мај 1903 година илјада души турски аскер го нападнале селото Д'мбени. Борбата траела цел ден и била чудна. Иако се водела со необична жестокост, додека Турците во бранови ги напаѓале позициите на селските чети, отаму за цело време се слушале песни кои ги исполнувале врвовите на Локвата и Вињари. На неколку пати четите возвраќале и го бркале аскерот од заземените позиции. Во текот на битката Дичо војводата, борејќи со во првите позиции и заплашен од заробување се самоубил. Три момчиња го следеле неговиот пример. Братот на Васил Чакаларов, Ѓорѓи, тешко ранет замолил да биде застрелан. Загинал и леарот на бомбите од село Смрдеш, Лаки Поповски, кој за цело време не престанал да пее и да им се заканува на Турците. Османлиите биле збунети од отпорот на комитите и селските чети, како и од бројот од над стотина свои жртви. Во текот на ноќта четите го напуштиле местото на борбата, оставајќи зад себе 14 мртви. Со таа битка Смрдеш бил делумно одмазден. Војводата Лазар Поп Трајков, револуционер и поет, еден од учесниците во битката, во чест на загинатите соборци ќе ја напише поемата „Локвата и Вињари". Таа не е само поема за војната и болката која ја носи со себе, туку поема за вербата дека душата вечно ќе живее: Нестаната уште од ноќните сништи За одмазда жедна сплотената чета И четири часа во жештина летна Македонци, ние без среќа сме биле Населението од Костурско, долго време ја воспевале битката кај Д’мбени и го негувале споменот на загинатите херои. Секоја година на 31 мај, тие ги посетувале местото на битката и гробницата на загинатите. Повикувајќи се на поемата на омилениот војвода и поет Лазар Поп Трајков, девојчињата ги кителе гробовите на борците. Подигнатото спомен-обележје било урнато во 1913 година од страна на Грците, кога според Букурешкиот договор тој дел од Македонија и припадна на Грција. Сепак, традицијата на посетување на Локвата и на Вињари, организирана како народен излет од населението во Костурско продолжило до 50-тите години од XX век. Посетителите на „Локвата" и „Вињари", долго време можеа на местото на настанпот да најдат остатоци од легендарната борба, една од најхеројските и најкрвавите во текот на предилинденската епоха. |