|
|
МАКЕДОНСКА ЗАЕДНИЦА ВО АЛБАНИЈА |
Македонската партија во Албанија викендов со митингот на плоштадот Гоце Делчев во Пустец ја почна изборната кампања за престојните локални избори во Албанија коишто се одржуваат на 8 мај. На митингот присуствуваа пратениците Едмонд Спахо и Ѓерѓи Папа од Демократската партија во Албанија, пратеникот Владимир Ѓорчев од ВМРО-ПДМНЕ, претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров, претседателот на Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН Ташко Јованов и делегација на општина Штип предводена од Јордан Тунев. Пред неколку стотини избирачи зборуваа пратениците Едмонд Спахо и Владимир Ѓорчев, претседателот на месниот огранок на Македонската партија во Пустец Спасе Мазенковски и претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров. Кандидатот за градоначалник Едмонд Темелко пред присутните укажа на постигнатите резултати од минатиот мандат и за проектите кои Македонската партија планира да ги оствари во наредните четири години. По митингот се одржи богата културно-забавна програма на којашто настапија Сузана Спасовска, Крум Спасовски и Ванчо Тарабунов. Кандидатот за градоначалник на општина Пустец, Едмонд Темелко кој и сега ја врши таа функција очекува победа на Македонската партија на престојните локални избори во Албанија што се одржуваат на 8 мај годинава. - Веруваме во изборна победа во општина Пустец (Мала Преспа) и општина Требиште (Голо Брдо) каде што Македонците се мнозинство од избирачкото тело, очекуваме советнички места во Корча и Билишта, општините Запот и Шиштеец во областа Гора и во други општини во Албанија каде не’ има во значителен број. Учеството на локалните избори потврдува дека Македонците своите права ќе ги остваруваат преку институциите на системот, својата иднина ја гледаат во интеграцијата во општеството како лојални граѓани на Албанија, која истовремено е и држава на Македонците, - рече градоначалникот на општина Пустец, Едмонд Темелко. Македонската партија е во коалиција „Алијанса за граѓанинот“ со Демократската партија на Албанија на премиерот Сали Бериша. Наредните денови до 8 мај, Македонска партија ќе одржи изборни митинзи во сите девеет населени места во општина Пустец: Горна Горица, Туминец, Долна Горица, Глобочани, Шулин, Леска, Пустец, Зрноско и Церје. Поголем дел од Македонците од Мала Преспа живеат и работат во Корча и Тирана во Албанија, Ресен, Битола и Скопје во Македонија и Лерин во Грција. Нјаголемиот број од нив се во своите села и масовно гласаат на денот на локалните и парламентарните избори во Албанија во својата родна Мала Преспа. |