|
|
| Мисијата на Француската хуманистка Виоле во Битола (1859-1925) |
|
Француска милосрдна сестра Виоле (1859-1925) е основоположник раководител и сесрден учесник во лазаристичката мисија во Битола. Во 1900 година заедно со уште две милосрдни сестри пристигнала во Битола и отворила диспанзери и училиште. Голема хуманистка која се грижела за настраданите во Битола во периодот пред и по Илинденското востание. Во јануари 1901 година започнале со интензивна работа, т.е со лекување и учење на деца. Под раководство на Виоле се отворило и женско француско училиште во Битола. Исто така сестрите на калуѓерскиот ред Св. Венсан, отвориле диспанзер каде што давале лекарска помош на населението од градот. Освен на македонското население, тие им помагале и на ранетите турски војници. Народот бил згрижуван и лекуван па поради тоа сестрите под раководство на Виоле се стекнале со голем авторитет. Сестра Виоле редовно испраќала извештаи во Франција за тешката економска и политичка ситуација во Македонија. Во август 1903 година испратила извештај од Битола до Лисен Проа во Париз, известувајќи дека „Земјата е во револуција“. За време на борбите на Илинденското востание, Диспанзерот на сестра Виоле работел непрекинато. Покрај медицинската помош, Виоле успеала да ја убеди турската власт за ослободување на голем број Македонци кои биле заробени поради учеството во востаничките борби. Сестра Виоле, заедно со своите помошнички останале во Битола и по Илиндеснкото востание. Во 1908 година, Диспанзерот на сестра Виоле бил зголемен до 8 сестри каде покрај превентивна, оспособиле и сала за хируршка интервенција, но без инструменти и апарати за стерилизација. И во Првата Светска Војна, Диспанзерот работел неуморно лекувајќи ранети војници. Во 1915-1916 година, епидемиите од заразни болести во Битола и околината биле чести, болни имало премногу, а сестри останале само две. Виоле починала во Битола во 1925 година. |


















