|
|
| Кој сака да ги одроди Македонците со исламска вероисповед од македонскиот народ? |
|
На бесмислените потези на дел од македонските политичари им нема крај. Кај некои од нив веќе не станува збор само за бесмислени и тактички чекори, туку за класични будалаштини. Ете, на некого му текнало дека т.н. „Торбеши“ требало да бидат засебна етничка популација, која ќе стоела запишана дури и во Преамбулата на македонскиот Устав. Партијата за европска иднина на Фијат Цаноски во Струга ја презентира т.н. Торбешка повелба, со цел, како што вели, да ја претставела реалната слика за оваа „етничка заедница„ во Македонија. Прво, партијата на Цаноски прави невидено понижување на овој нераскинлив дел од македонскиот народ, бидејќи станува збор за Македонци со исламска вероисповед, а тоа што нејзини претставници погрдно ги нарекуваат Торбеши е жаргон од кој треба што поскоро да се оттргнат официјалните политички претставници во државава, без оглед дали се власт или опозиција. Изјавата на извесен Шериф Ајрединоски, кој се претставува како претседател на Румелија дека „торбешката популација е една од најнегираните популации, присвојувана од другите и негирана од другите„ не докрај ја објаснува. За да станат работите појасни, Ајрединоски треба дополнително да одговори на прашањата. Кој ги присвојува Македонците со исламска вероисповед, чии тортури трпат, кој им врши притисок за време на одржувањето на пописот ? Не сакаме ниту да помислиме дека Ајрединоски мислел на нивно присвојување од страна на Македонците со православна вероисповед, затоа што гледано од етнички апсект тие се едно тело, една душа, еден народ, еден јазик, само со различна вера која ја примиле за време на османлиското владеење на македонските простори. Неретко има случаи еден исти народ да споделува различни вероисповеди, но во моментите кога тоа резултирало со нивно отцепување од сопствениот народ во етничка смисла на зборот, се случувале братоубиствени војни. Такви се случаите меѓу христијаните католици и христијаните протестанти, како и меѓу муслиманите шиити и муслиманите сунити. Кај нив станува збор за верски мотивирани судири меѓу исти народи, но со различна вероисповед. Доколку направиме една паралела и денешните Албанци се поделени по верска линија, некои се муслимани, некои христијани католици, други христијани православни. Па, никогаш ниту на едните, ниту на другите не им паднало напамет од верски побуди да се делат по етничка линија оти тоа е неиздржано. Од друга страна, и Ромите се поделени по верска природа како никој друг. Тие се и муслимани, и православни, и протестанти и Јеховини сведоци. Што би се случило доколку секоја од овие верски заедници кај Ромите посака да биде малцинство по национална линија ? Ова што сега го форсираат некои недораснати политички изроди, самопрогласени претставници на Македонците со исламска вероисповед во Македонија, не претставува ништо друго освен аматерско и одродничко однесување, се со цел да ги задоволат личните политички и финансиски интереси.
Ако Македонците со исламска вероисповед, односно нивните самопрогласени политички репрезенти се обидат да се прокламираат како засебна етничка заедница, дали истото тоа не би важело за Македонците со протестанска вероисповед? Нашиот поранешен претседал Борис Трајковски и припаѓаше токму на оваа верска заедница, но во душата и срцето беше голем и достоинствен Македонец, крвта му беше македонска. Обидот да се промовира „торбешка етничка заедница„ во Република Македонија е огромен удар врз македонското национално битие, откинување на витален орган од македонскиот организам без кој не може да преживее. Сличен ваков обид имаше некаде во 1998 година, кога претседателот на тогашната Демократска муслиманска партија, Тефик Кадри, познатиот слаткар од Шехерезада, невешто сакаше да протне теза дека Македонците со исламска вероисповед се посебна етничка заедница. За време на изборната кампања коалициски седеше на една маса со Бошњаците, Ромите, Турците, Власите и Србите, давајќи сигнал дека Македонците со муслиманска вероисповед се малцинство. Тогаш тоа не помина. Нема да помине ниту ова денес, оти Македонците со исламска вероисповед знаат со какво млеко се задоени, знааат чија крв тече во нивните вени, знаат чиј јазик зборуваат, чии песни пејат. Ајрединоски понатаму вели: „кај другите етнички заедници, како што се Албанците и Македонците, постои свест дека ние сме нешто друго.„ Напротив, кај Македонците постои високо развиена свест дека Македонците со исламска вероисповед се дел од македонскиот народ, дел што никој не може и не смее да го оттргне, затоа што ќе го искриви секое делче од историјата на оваа напатена нација. Доколку други етнички заедници во Македонија со муслиманска вероисповед се обидуваат да ги присвојат со физички или психолошки притисок, тогаш тоа е сосема друга работа и надлежните органи треба да постапуваат врз основа на постоечките закони. Никој нема право врз основа на верските убедувања да создава различна етничка заедница и истата да ја искористува и злоупотребува за дневно политички цели. Тоа е пред се, грев пред Господа. Македонија како држава отсекогаш се залагала за почитување на верските права и слободи на сите етникуми, па оттука и на Македонците со исламска вероисповед. Тие се дел од богатството на македонската ризница, на македонскиот фоклор, традицијата и обичаите. Сигурни сме дека Македонците со исламска вероисповед нема да дозволат сквернавење на својата крв, нема да дозволат да бидат откинати од својот македонски народ. Секој народ има свои одродници и таквите историјата секогаш ги казнувала, секогаш завршувале на буништето на срамот, таму кај што никој не згазнува. Со т.н. Торбешка повелба, партијата на Цаноски ќе исправала голема неправда кон „Торбешите„ не размислувајќи дека токму со таа повелба веќе врши голема неправда врз Македонците со исламска вероисповед, бидејќи сака да ги откине од сопственото огниште. Не треба да се кријат зад параванот на зборот демократија и основни човекови права, оти очигледно не знаат што тие всушност значат. Демократијата подразбира почитување и уважување на различностите, а не деградација на еден народ. Македонска нација им порачува на Македонците со исламска вероисповед во Македонија и во соседните држави дека проектите за деградација на нашиот народ нема да поминат. Македонскиот народ е доволно свесен кој е, што е и каде е. Доста му беа џелати низ историјата. Оставете го малку да проживее. |















