|
|
| Уште колку пати Македонија треба да се откаже од себе за да стане членка на ЕУ? |
|
Мане Јаковлески Три децении Македонија стои пред една врата што никако да се отвори. Три децении слуша ветувања, услови и познатото „само уште ова“ – формула што секогаш завршува со ново разочарување. Секој чекор напред носеше нов услов. Македонија стана држава што постојано плаќа, а никогаш не стигнува до целта. Приказната започна веднаш по независноста. Во 1991 година Македонија се одвои од распаднатата Југославија мирно, без војна – реткост во регион обележан со конфликти. Наместо поддршка, следеше блокада. Поради спорот со Грција, државата беше приморана да настапува под привремената референца ФИРОМ. Во 1995 година, со Привремената спогодба, беше направен првиот сериозен компромис – промената на знамето. Тогаш беше ветено дека тоа ќе ги отвори евроинтегративните процеси. Но тоа не се случи. И покрај пресудата на Меѓународниот суд на правдата во 2011 година дека договорот од 1995 бил прекршен, ништо не се промени. Во 2001 година Македонија повторно избра компромис за да ја зачува стабилноста – Охридскиот рамковен договор. Следуваа длабоки реформи, со јасна порака од Европа: државата се приближува. Но приближувањето остана само на зборови. Во 2008 година, на самитот во Букурешт, Македонија очекуваше членство во НАТО. Наместо тоа, повторно дојде блокада од Грција. Правото кажа едно. Кулминацијата дојде во 2018 година со Преспанскиот договор. Државата го промени своето уставно име – чекор без преседан во современата историја. Тоа беше претставено како конечна жртва што ќе ја отвори европската перспектива. Но хоризонтот повторно се помести. Во 2020 година следеше нова блокада – овој пат од Бугарија. И за првпат, условите не беа поврзани со реформи, владеење на правото или економија. Се отворија прашања за историја, јазик и идентитет. По три децении компромиси, Македонија има право да постави едно едноставно прашање: Колку пати една држава треба да се откаже од себе за да стигне–некаде? Ниту една друга кандидатска држава не морала да го менува своето име. Кога билатерални спорови стануваат услов за членство, европската политика престанува да биде политика на вредности, станува политика на притисок. Ова не значи дека Македонија треба да се откаже од европската перспектива. Но значи дека мора да престане да се однесува како држава без алтернатива.
Македонија наместо да гради повеќе партнерства, три децении ја сведува својата стратегија на едно, чекање пред затворена врата. Европската интеграција е важна, но постои граница што ниту една држава не смее да ја премине. Македонија таа граница ја помина повеќепати, секогаш со истото ветување: „само уште ова“. Велика Британија по излезот од Европската Унија не пропадна, напротив, почна агресивно да склучува билатерални договори, да отвора нови пазари и да гради сопствен модел на економска независност. Тоа е доказ дека во 21 век преживуваат и напредуваат оние што не чекаат дозвола – туку создаваат можности. Македонија сè уште живее во политиката на: Само уште една отстапка, само уште еден услов, само уште едно понижување и така без крај. „Само уште ова“ не е стратегија, тоа е бескрајна чекална.
|
















