Среда, 27 Октомври 2021   
ПЕТРЕ ШИЛЕГОВ НЕ ЗНАЕ ДЕКА АНТИЧКИТЕ МАКЕДОНЦИ ОФИЦИЈАЛНО СЕ ПРОГЛАСЕНИ КАКО ПРЕДЦИ НА ДЕНЕШНАТА МАКЕДОНСКА НАЦИЈА ТОКМУ ОД СТРАНА НА НЕГОВАТА СДСМ!

1Donski Александар ДОНСКИ

          Сведоци сме дека Петре Шилегов како градоначалник на Скопје застапува отворени анти-македонски ставови посебно кога е во прашање античката македонска историја. Не само што се заканува дека ќе ги урне спомениците од античката, но и од средновековната и понова историја на Македонија кои го красат центарот на Скопје и кои претставуваат досега невидена туристичка атракција на градот, туку и истите ги прогласува за „мит“ (!?). И притоа, како некое домашно милениче кое чека да го погалат затоа што е послушно, се умилкува на грчките шовинисти плукајќи против сопствената македонска историја (доказ: неговото интервју за грчкиот весник „Етос“ од 14.4.2020 во кое најавува уривање на спомениците од македонската историја за што добива „пофалби“ од грчките шовинисти).  Со ваквите свои ставови Шилегов не само што покажува дека е аналфабет и ќутук од областа на историјата, туку истиот се промовира себеси како првиот (веруваме и последен) талибански градоначалник на Скопје кој најавува уривање на споменици поврзани со историјата на неговиот народ.

          Не заради Шилегов туку заради граѓаните на Скопје кои треба да гласаат во недела, овде ќе докажеме дека со ваквите свои талибански ставови Шилегов, верувале или не, се спротивставува на официјалните ставови на сопствената партија – СДСМ!     Но, да поминеме на фактите. 

          Шилегов не е единствен но сигурно дека е еден од најгласните, среде оние активисти на СДСМ кои фрлаат дрвја и камења против оживувањето и актуелизирањето на славната античко-македонска историја.

          Нема потреба да повторуваме дека ваквите анти-македонски ставови на Шилегов и неговите пајташи се целосно идентични со ставовите на шовинистите од Грција и Бугарија и на другите малубројни негатори на македонската нација. Сите тие, како вампири од крст, бегаат и се плашат  дури и од самото спомнување на нашата античка историја и од вистината за етно-културните врски помеѓу денешните и античките Македонци. Ваква перверзија – некој да си ја плука сопствената античка историја, не постои кај ниту еден друг народ во светот. Замислете си ги денешните Грци да плукаат против културното наследство на античките Хелени. Или Италијанците да плукаат врз Римјаните и да се плашат од спомениците на овој народ. Дури и Арапите во Тунис се гордеат и со голема стравопочит се однесуваат кон чувањето на споменот на Картагина – славната античка држава која егзистирала на територијата на Тунис, а за денешните Египјани и да не зборуваме. Ист е случајот и со нашите соседи Бугари кои со голем пиетет се однесуваат и го сметаат како свое, наследството од Тракијците (народ што во антиката живеел на територијата на Бугарија). Бугарската официјална историографија ги има прогласено Тракијците за делумни предци на бугарската нација. Ист е односот и на современите Албанци кон Илирите. Само кај нас постојат суштества како Шилегов кои ја оцрнуваат античката историја на сопствениот народ.

          Ваквите субјекти го измислија и ретардираниот поим „антиквизација“. Според нивната логика, денешните Македонци се „чисти Словени“, а претходната влада на ВМРО ДПМНЕ (под премиерот Груевски)  се обидувала да ги направи „антички Македонци“. Но, вистината е сосема поинаква. Како прво Македонците не се и не можат да бидат „чисти потомци“ на ниту еден народ, вклучително и на Словените, поради едноставна причина што никаде во светот не постојат народи со„ чисто“ етничко потекло. Оттаму ваквите ставови на СДСМ содржат елементи на расизам – се форсира „чисто“ етничко (во случајов „словенско“) потекло на денешните Македонци.

          Како второ, претходната влада на чело со Груевски и сегашната опозиција на чело со Мицкоски со ништо и никогаш немаат изјавено дека Македонците се чисти потомци на античките Македонци, па ваквите тврдења на заевци и шилеговци претставуваат уште една од нивните дрски лаги. Владата на ВМРО ДПМНЕ само се погрижи за исправање на една историска неправда, а тоа е тенденциозното и злонамерно запоставување на античко-македонската историја и античките Македонци како составен дел од етногенезата на македонската нација каква постоеше за време на југословенското едноумие. Да поедноставиме – ВМРО ДПМНЕ не тврди дека античките Македонци се единствените предци на денешните Македонци, туку дека и античките Македонци го дале својот крвен и културен прилог во денешната македонска нација. Истото го тврди и МПЦ, која од спомнативе креатури некоректно беше нападната дека се „откажала“ од Св. Климент Охридски и сл. (ако се откажала зошто се уште во нејзиното име стои називот на овој познат светител?). Нападите против овие вистини се само доказ повеќе  за бедата на сегашната влада која во случајов изигрува адвокат на странските шовинисти на кои најмногу им пречи нашето поврзување со античко-македонската историја (не случајно спомнав „адвокат“, како добро платена професија посебно ако работи во интерес на  странски субјекти).         

          А сега да поминеме на главната тема на овој текст. Во продолжение ќе докажеме дека субјектите од СДСМ од типот на Шилегов и дел од нивните коалициски партнери, кои хистерично ја напаѓаат нашата античка историја и вистината за нашите етно-културни врски со античките Македонци, всушност се напаѓаат – самите себе!!! Токму така. Во времето на претходните влади на СДСМ и ЛДП, нивни официјален став беше дека античките Македонци се составен дел од денешната македонска нација, при што недвосмислено беше глорификувана славната античко-македонска историја. Како доказ за ова ќе ги понудиме учебниците по историја за основно и за средно образование објавени во времето на нивните режими. Зошто токму учебниците по историја? Едноставно, учебниците по историја се одраз на официјалните ставови во однос на историјата на секој режим, т.е. на секоја влада. Во една држава, во зависност од степенот на демократија, секој може да пишува што сака во однос на историјата, но она што го пишува во учебниците по историја наменети за стотици илјади ученици, официјално објавени и платени од страна на односната влада, всушност претставува официјален став на таа влада. Ниту една влада нема да поддржи учебници по историја во кои се застапени ставови спротивни од ставовите на таа влада, која преку Министерството за образование сама ги финансира овие учебници и преку истите ја образува младината во својата држава.

          Ако се знае дека СДСМ беа на власт во Република Македонија од 1992 до 1998 и од 2002 до 2006 година (во коалиција со ЛДП), ќе  направиме краток преглед на учебниците по историја објавени во нивно време и тоа само на деловите во однос на темата за која овде станува збор. Притоа ќе кажеме дека автори на овие учебници се наши реномирани историчари, па во оваа прилика сакам да потенцирам дека нивните имиња со ништо не сакам да ги поврзам со СДСМ или со нивните коалициски партнери. Едноставно авторите на овие учебници се професионалци, кои чесно си ја завршиле работата и чии дела (учебници) биле прифатени од страна на тогашните  влади.

          Веднаш ќе кажеме дека во сите учебници што ги прегледавме, а кои се објавени и платени од владите на СДСМ, недвосмислено се тврди дека античките Македонци се составен дел од денешната македонска нација – сосема истото што го тврдеше и владата на ВМРО ДПМНЕ на чело со Груевски (но и денешното раководство на чело со Мицкоски)! Истовремено во овие учебници драстично е зголемен обемот на изучување на античка Македонија со забележливо глорифицирање на ликот и делото на Александар Велики Македонски и на неговиот татко Филип Втори.

Така, на пример, во учебникот „Историја за I клас“ (Природно-математичка гимназија и правна струка), објавен во „Просветно дело“ (Скопје, 1996) од авторите: проф. д-р Бранко Панов, д-р Симо Младеновски и   д-р Светозар Наумовски на стр. 162, сосема јасно пишува дека античките  Македонци се составен дел од денешната македонска нација и дека тие на Словените им го пренеле не само своето етничко име Македонци и името на земјата Македонија, туку и својата култура, обичаи и религија. Овде читаме:

Од измешаните Словени и Македонци постепено во втората половина на Х век бил создаден новиот македонски народ... Древните Македонци им ги пренеле на Словените не само својата култура, обичаите, христијанската религија, туку и називите Македонија и Македонци со што ги издвоиле од другите балкански народи.

          Потсетувам дека ова е објавено во официјален учебник по историја, наменет за македонските ученици и финансиран од владата на СДСМ и тоа во 1996 година кога министерки за образование беа Емилија Симоска и Софија Тодорова – обете од СДСМ.

Истиот став, според кој „староседелците“ ја внеле својата крв и култура во денешниот македонски народ, е спомнат и во учебникот „Историја за први клас на сите струки“  од проф. д-р. Светозар Наумовски (Просветно дело, Скопје 1995). Овде (на стр. 99) читаме дека „староседелците“ во Македонија (што претежно биле потомците на античките Македонци) биле вклучени во „словенската симбиоза“, што значи дека се измешале со Словените:

„Со населувањето на Словените во Македонија... еден дел од староседелците изгинале во борбите, некои се повлекле во планинските места, а пак некои биле вклучени во словенската симбиоза, т.е. се словенизирале.“

Во овој учебник има три обемни лекции за античка Македонија, исто колку што има и за „античка Грција“, што значи дека, во однос на југословенскиот период кога во учебниците одвај дали беше спомната античка Македонија, владата на СДСМ овде драстично го проширила изучувањето на античко-македонската историја. Во овој период министер за образование и наука е д-р Емилија Симоска од СДСМ.

Сепак најдецидно потенцирање на фактот дека античките Македонци се составен дел од денешниот македонски народ е претставено во учебникот по историја за прва година гимназиско образование (Просветно дело, Скопје, 2006) од група автори.  Овде јасно е спомнато дека доминантно население во Македонија, непосредно пред појавата на Словените, биле античките Македонци од кои Словените го прифатиле името Македонци, а потоа дошло до нивно меѓусебно мешање од кое бил создаден денешниот македонски народ. Овде читаме:

„По населувањето, Словените во Македонија ги затекнале античките Македонци... Со меѓусебно мешање постепено се формирал македонскиот народ“.

Во овој учебник, каде исто така е издвоена посебна тематска целина за античка Македонија под наслов „Македонија во Стариот век“, застапена е дури и лекција под наслов „Апостол Павле го проповеда христијанството во Македонија“ во која јасно е посочено дека токму античките Македонци во римско време го повикале свети Павле да дојде во Македонија.

Овој учебник е објавен пред самиот крај на владеењето на СДСМ во 2006 година. Коалициски партнер на СДСМ во тоа време е и ЛДП.

          Што се однесува до третманот на античка Македонија во учебниците по историја објавени од страна на СДСМ, веднаш ќе кажеме дека за време на нивното владеење, во учебниците по историја на античка Македонија е отстапен драстично поголем простор во однос на нејзиното изучување за време на југословенската држава. Оттаму навистина зачудува безобразниот негаторски однос кон нашата античка историја од страна на сегашни кадри на СДСМ од типот на Шилегов, кој се граничи со талибанско лудило и повици и најави за рушење на  спомениците со античко-македонска содржина. Но, да видиме што пишува во учебниците по историја во однос на античка Македонија, објавени и финансирани од страна на владите на СДСМ.

Во учебникот „Историја за I клас“ (Природно-математичка гимназија и правна струка), објавен во „Просветно дело“ (Скопје, 1996) од авторите: проф. Д-р Бранко Панов, д-р Симо Младеновски и д-р Светозар Наумовски за карактерот на античките Македонци (стр. 72), читаме:

Античките Македонци биле посебен народ кој се оформил по долготраен процес од повеќето македонски племиња, расположени на природните заокружени области на Македонија... Античките Македонци имале свој посебен јазик од индо-европско потекло, свои обичаи, начин на живеење и облекување, свои верувања и религија...“

Во тематската единица „Улогата и значењето на македонската држава“, јасно е потенцирана величината на најславниот македонски цар Александар Трети македонски. Овде читаме:

Александар Трети Македонски бил прогласен за цар на царевите. Имал намера да ја проширува својата држава и кон Апенинскиот Полуостров. Планирал нови походи тежнеејќи да изгради светска заедница на рамноправни народи... Но, ненадејната смрт ги прекинала неговите натамошни освојувачки планови. Се смета дека починал од маларија  во 323 година п.н.е. кога имал само 33 години, далеку од својата татковина Македонија чие име го прославил во светот.

Овде не можеме да се воздржиме, а да не се запрашаме: каде е логиката и здравиот разум на СДСМ кога од една страна сами финансирале учебник по историја наменет за десетици илјади македонски деца, во кој убаво пишува дека Александар Македонски го прославил името на Македонија во светот, а од друга страна нивни сегашни активисти од типот на Шилегов најавуваат негово уривање?

Во учебникот „Историја за петто одделение“ (IV изменето издание, Просветно дело, Скопје, 1995) од д-р Симо Младеновски исто така е посветена  посебна тематска целина за античка Македонија под наслов „Старата македонска држава“ со дури шест обемни лекции посветени на античка Македонија. Во самиот предговор на оваа тематска целина читаме:

Најголемо територијално проширување и процут државата на античките Македонци доживеала во времето на кралот Филип II и Александар III Македонски. Од мала балканска држава тие ја издигнале во  балканска велесила и потоа во најмоќна држава во стариот свет, простирајќи се од Јадранско Море до Индија и Египет“.

          Во првата лекција од обемниот циклус посветен на античка Македонија, под наслов „Територијата и населението“ во врска со карактерот на античките Македонци, читаме:

          „Античките Македонци како посебен народ имале сопствен јазик и култура, а се одликувале од другите племиња и по својата облека, обичаите и начинот на живеењето“.

          Во истиот учебник (стр.102) во врска со ликот на најславниот македонски цар, истакнати се неговата величина, патриотизам и космополитизам:

          „Александар III Македонски (336 – 323 година пред н.е.), подоцна наречен Велики, ја издигнал Македонија во светска сила, освојувајќи ги областите од Македонија до Египет и Индија. Тој сакал да создаде светско царство на рамноправни народи“.

          Јавно го прашувам Петре Шилегов: што имаш бе ти против споменикот на човек кој сакал да создаде светско царство на рамноправни народи (како што пишува во учебниците по историја финансирани од твојата партија)? Наместо да зборуваш глупости, седни и научи нешто за македонската историја и тоа од учебниците за основно образование објавени од твојата партија!

Заслугите на Александар Велики Македонски се потенцирани и во учебникот „Историја за петто одделение“ од група автори, чиј рецензент е д-р Елеонора Петрова – Митевска (во тоа време член на најтесното раководство на СДСМ, а потоа член на Советот за култура на оваа партија), објавен во издание на Табернакул (Скопје, 2005). Во овој учебник посветена е посебна лекција за ликот на Александар III Македонски, во која меѓу другото, читаме:

„Александар бил најголем војсководец и освојувач во историјата. Со своите походи тој надалеку го раширил и прославил името на Македонија... Поради неговите освојувања подоцна Римјаните му го дале прекарот „Велики“.

Во истиот учебник за античките Македонци јасно е потенцирано дека биле посебен народ, со сопствени обичаи што ги немало кај Хелените.

Во учебникот по историја за V одделение од авторите Борче Миревски и Тодор Тодоровски (Македонска искра, Скопје 2005), објавен во времето на владеењето на СДСМ,  исто така е застапена посебна тематска целина посветена на античка Македонија под наслов „Македонската држава во Стариот век“. Во воведниот дел, меѓу другото, читаме:

          „Вистински процут Македонија доживеала во време кога на престолот се наоѓале кралевите Филип II и неговиот син Александар III Македонски. Филип II ги покорил и ги ставил под своја власт грчките полиси, а  неговиот син Александар од битка во битка нижел победи и ја проширувал својата држава се до реката Инд на исток“ .

          Во продолжение на истиот учебник во врска со величината на Александар Велики Македонски, читаме:

          „Времето на Филип II и Александар III  македонски оставило неизбриш­ливи траги не само во македонската историја, туку и во историјата на човештвото...Македонија и нејзиниот војсководец Александар III Македонски имаат огромно значење во промовирањето на идејата за единствено царство... Значењето на Македонија од времето на  Александар III  Македонски е и во тоа што дошло до општ мир меѓу победниците и победените.“

          По изнесувањето на овие податоци, сега би требало да се очекува активистите на СДСМ да ја обвинат сопствената партија за „антиквизација“ на учебниците по историја што самите ги финансирале. Одвај чекам да видам какви „измени“  ќе направат во историските учебници сегашните сдсм-овци (секако доколку дотогаш останат на власт), т.е. како ќе почнат да ги менуваат историските факти што самите ги застапувале, што несомнено ќе предизвика потсмев и огромен револт среде македонската јавност, но и билет во еден правец за актуелното раководство на оваа партија кон буништето на историјата...

За тоа што оваа предавничка влада буквално го фрли на ѓубриште и споменикот на водачот на Илинденското востание Борис Сарафов (кој низ цела Европа зборувал дека Македонците не се ни Бугари ни Срби, туку посебен народ и кој според Крсте Мисирков бил „идол на целиот Македонски народ“), ќе пишуваме во некоја следна прилика. 

 

На прво место

News image

Милошоски за несреќата во Бугарија: Ова е организиран криминал и трагедија, дали 45 луѓе живи изгореа за некој да произв

Милошоски за несреќата во Бугарија: Ова е организиран криминал и трагедија, дали 45 луѓе живи из...

Историја

News image

Македонска федеративна организација

Македонската федеративна организација, позната како Македонска федеративна револуционерна организаци...

Иселеници

News image

ЊУЈОРК – ГРАДОТ НА ЖИВЕЕЊЕТО НА георги (ЏОРЏ) томов - i ДЕЛ (7)

Денес Њујорк е најголем центар на американската меѓунаро...

Култура и туризам

Фељтон

News image

ГОЛЕМАТА БИТКА ЗА ГРАДОТ ТИР И ЗНАЧАЈОТ ЗА ИДНИНАТА НА ОСВОЈУВАЊЕТО НА АЗИЈА ЗА АЛЕКСАНДАР (10)

Во ова продолжение за читателите на порталот „Македонска нација“ ќе  претставим...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.