|
||||
| Линеарното зголемување на пензиите останува во сила |
|
Линеарното зголемување на пензиите останува во сила откако Уставниот суд на Република Македонија на денешната седница ја запре постапката за оценување на уставноста на член 2 од измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување од 2025 година. Предлогот не добил потребно мнозинство, поради што оспорениот акт останува во правниот поредок и продолжува да се применува. Со оваа одлука, Судот практично стави крај на правната неизвесност што со месеци го следеше моделот на линеарно усогласување на пензиите. Овој модел беше воведен како привремено решение, наместо редовниот процентуален механизам, со образложение дека во услови на економска нестабилност и раст на трошоците за живот е потребна поедноставна и побрза интервенција во корист на сите пензионери. Во претходната фаза од постапката, самиот Суд оцени дека има доволно основ да се отвори прашањето за уставноста на законската одредба. Во образложението беше посочено дека доделувањето на ист износ зголемување за сите пензионери може да отвори дилеми во однос на начелото на еднаквост, правото на сопственост и гарантираната социјална сигурност. Особено беше нагласено дека пензискиот систем по својата природа се темели на различна висина на уплати и различен стаж, што резултира со различни износи на пензии. Сепак, со запирањето на постапката, мнозинството судии не ја поддржа иницијативата за понатамошно оценување на уставноста. Тоа значи дека линеарното зголемување останува важечки механизам, а институциите ќе продолжат да го применуваат сè додека законодавецот не одлучи поинаку или не воведе нов модел на усогласување. Одлуката на Судот има и политичка и социјална тежина, имајќи предвид дека прашањето за пензиите директно ги засега стотици илјади граѓани. За дел од јавноста, линеарното зголемување претставува пофер решение во услови на криза, бидејќи обезбедува еднаков номинален раст за сите. За други, пак, останува отворено прашањето дали ваквиот пристап долгорочно го нарушува принципот на правичност врз кој почива пензискиот систем. Со денешниот исход, барем на правен план, дилемите се расчистени: член 2 од измените на Законот останува во сила, а моделот на линеарно зголемување продолжува да се применува како валидно законско решение. |





















