|
||||
| Конечно во Македонија почна да се гради свест дека демографијата не е статистика, туку прашање на опстанок |
|
Само едно нешто поубаво од тоа да бидеш жена, а тоа е да бидеш мајка! Во време кога Македонија се соочува со сериозна демографска криза, сѐ повеќе општини започнуваат активно да преземаат конкретни чекори за поддршка на семејствата и за охрабрување на раѓањето деца. Овие мерки не се само форма на социјална помош – тие претставуваат инвестиција во иднината на државата и во нејзиниот највреден ресурс: луѓето. Деновиве, повеќе општини низ Македонија јасно покажаа дека семејството и децата повторно стануваат приоритет. Сѐ поголем број локални самоуправи воведуваат конкретни мерки за финансиска поддршка на новороденчињата и на младите семејства, испраќајќи силна и охрабрувачка порака до младите дека не се сами и дека државата стои зад нивната одлука да создадат семејство. Па така, секое семејство во Општина Гази Баба кое ќе добие новородено дете ќе добие финансиска поддршка од 8.000 денари. Во Општина Центар, еднократната парична помош за секое новороденче се зголемува од 7.000 на 10.000 денари, што е јасен сигнал за зголемена грижа и поддршка. Општина Могила оди чекор понатаму и директно инвестира во иднината и во семејството, обезбедувајќи 10.000 денари за првородено дете, 15.000 денари за второродено и дури 30.000 денари за трето дете. Дополнително, општината ги поддржува и новосклучените бракови со по 20.000 денари, охрабрувајќи ги младите да го направат првиот и најважен животен чекор. Во Општина Аеродром, младите до 35 години се целосно ослободени од плаќање комуналии за изградба, доградба или надградба на својот прв дом – мерка која директно го решава едно од најчувствителните прашања за младите семејства: домувањето. И многу други општини воведуваат или планираат да воведат вакви или слични мерки. Тоа е добар и охрабрувачки сигнал. Овие локални политики сами по себе нема магично да го решат проблемот, но тие се важен и неопходен почеток. Носат директно финансиско олеснување ја зголемуваат сигурноста кај младите семејства и, можеби најважно, испраќаат јасна порака дека државата и локалната самоуправа размислуваат долгорочно и одговорно. Поддршката за новороденчињата не е трошок. Таа е најисплатливата инвестиција што една држава може да ја направи – инвестиција во луѓето, во иднината и во опстанокот на Македонија. За зголемување на наталитетот, секако, клучна улога има и инфраструктурата – изградбата на нови детски градинки, училишта, болници, како и создавање подобри услови за образование и грижа за децата. Без доволен капацитет и квалитетни јавни услуги, секоја демографска мерка останува недовршена. Но, колку и да се важни институциите, најважниот фактор сепак се луѓето – младите. Ниту една финансиска мерка, ниту една градинка или училиште нема да дадат вистински резултат ако не постои мотивација кај младите и свест дека семејството и децата се најголемата и највредната животна инвестиција. Токму затоа државата и општините мора постојано да испраќаат јасна и недвосмислена порака: семејството е вредност, а повеќедетното семејство е сила, а не товар. Најголемиот капитал на една држава се детскиот џагор, полните училишта и семејствата што гледаат иднина токму тука. Децата не се товар, туку најсилниот мотив. Тие го тераат човекот да се бори повеќе, да создава, да оди напред и кога е најтешко. Детската љубов има сила да ги надмине и најголемите животни кризи. Колку семејството е поголемо и посложно, толку е посилно и поотпорно на ветровите што дуваат од сите страни. Семејството е остров на сигурност – место каде секој може да се врати, да најде мир, љубов и сила за нов почеток. Денес, државата конечно ја препознава сериозноста на демографската состојба. Актуелната влада, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, вложува напори за да се запре сушењето на македонското дрво. Свеста дека демографијата е прашање на национален опстанок полека, но сигурно, се зацврстува. Децата отсекогаш биле богатство, а не товар. Не вреди животот ако зад себе не оставите потомство кое ќе ја продолжи семејната лоза и ќе ги памети делата на своите родители и на својот народ. Децата се нашата иднина, нашата надеж и нашата поддршка во староста. Време е зборовите да се претворат во дела. Време е младите да не се плашат од својата најважна животна мисија. Да ја добиеме битката за зголемување на наталитетот. Создавајте семејства. Имајте повеќе деца. Затоа што без нив – нема Македонија.
|

























