|
||||
| ДУИ НЕ Е АЛБАНСКА КАУЗА, ТУКУ ПАРТИСКИ БИЗНИС |
|
Законoт за овластувањата за национална одбрана за 2026 година, кој, покрај Трамп, го усвоија и двете комори на американскиот Конгрес, не ги споменува по име политичките партии СДС и ДУИ, нема ни потреба, но ги опишува доволно јасно. Тој тестира зрелост на политичкиот систем и поставува прашање на кое Македонија мора да одговори: дали ќе се ослободи од заробените системи или ќе ги репродуцира со нови лица? Најголемата измама што ДУИ ја продаваше со години е дека секој напад врз неа е напад врз Албанците. Тоа е цинична лага. ДУИ не ги брани Албанците, туку ги користи како штит. Корупцијата не е етничка, тендерите не се мултиетнички, а милионите не завршуваат кај народот, туку кај партиската елита. Со години ДУИ ја користеше етничката реторика како оклоп: секој критичар беше прогласуван за непријател на Албанците, додека народот добиваше сиромаштија, иселување и нефункционални институции, а елитата моќ и пари. Американската порака е јасна: етничката карта не е лиценца за корупција. Токму затоа ДУИ ја губи најважната заштита што ја имаше, меѓународната толеранција. ДУИ и СДС долго време се претставуваа како спротивставени светови: едните „етничка стабилност“, другите „европска иднина“. Во реалноста, тие беа два столба на ист систем: систем на договори зад затворени врати, селективна правда и институции претворени во партиски сервиси. СДС добиваше меѓународен кредит без реформи, ДУИ добиваше власт без одговорност. Кога требаше правда, се зборуваше за стабилност; кога требаше реформи, се повикуваше на коалициски баланс. Кога излегуваа афери, тие се прогласуваа за „напади врз државата“ или „меѓуетничка провокација“. Така се владееше. Така се зароби државата. СДС ја претвори „проевропското“ во алиби за нефункционалност. Наместо реформи ПР, наместо правда изјави, наместо институции партиски кадри. Денес, кога се зборува за одговорност, СДС се обидува да се сокрие зад истата приказна: „ние сме прозападни“. Но Западот веќе не купува приказни, бара резултати. Со новиот американски закон, секоја влада што ја носи ДУИ на грб отсега ја носи и целата нејзина тежина. Американската порака е јасна: нема колективна амнестија, нема „коалициски компромиси“, нема изговори „мораше така“. Ако ДУИ е проблемот, тогаш оној што ја брани е соучесник, оној што молчи ја штити, оној што владее со неа ја дели одговорноста. ДУИ не е проблем сама по себе, таа е симптом, ако симптомот се тргне, а болеста остане, следи нова криза. ДУИ го губи најважното нешто што ја држеше жива: меѓународната заштита. Без неа останува само голата вистина, партија со истрошен легитимитет и многу одговори што треба да ги даде. За ВМРО-ДПМНЕ ова е момент на вистина: дали ќе го урне моделот или само ќе го наследи и ќе стане заложник на ДУИ? Ако утре влезе во исти пазарења, прифати идентични шеми со други актери и го замени ДУИ со „нова ДУИ“, американскиот притисок нема да запре, ќе се префрли. Со години македонските власти ја користеа истата формула: проамериканска реторика, нула реформи, меѓународна заштита. Но денес САД порачуваат: не нè интересира што зборувате, туку што испорачувате. Законот не е насочен против Македонија како држава, туку против оние што ја користеа државата како алиби за сопствено богатење: функционери што глумеа европејци, а владееја балкански, со притисоци, тендери по нарачка и судство по список. Проблемот се истите луѓе што 20 години се менуваат на функции, а ништо суштински не менуваат. Времето на алиби, вечни коалиции и етнички штитови е завршено. Новата политичка реалност бара резултати, институции и кредибилитет, а не празни реторики. САД повеќе нема да штитат „стабилни партнери“ кои произведуваат нестабилна држава!
|

























