|
||||
| Кога глувчето ќе реши да го задева лавот треба да знае дека лавот веќе не спие! |
|
Во меѓународните односи постојат јасни правила. Почитта кон суверенитетот, достоинството на институциите и лидерите на една држава е темел на секој дипломатски однос. Кога тие правила ќе се нарушат, особено од официјален претставник на друга држава, тогаш тоа не е случаен лапсус туку свесна, намерна и провокативна порака. Токму тоа се случи кога бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, во емисија на бугарска телевизија, си дозволи да го нарече македонскиот премиер „северномакедонски“, придружувајќи го тоа со тон на надменост и супериорност. Тоа не беше само дипломатска невоспитаност, тоа беше намерна навреда на нашиот премиер, на нашата држава, на нашиот народ. И ова не е првпат. Години наназад гледаме слични испади, закани, уцени, омаловажувања, и сето тоа под превезот на „добрососедство“. Но, оваа Влада, ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ, покажува дека не е подготвено да молчи и да се наведнува. Министерството за надворешни работи веднаш реагираше остро, достоинствено и државнички. Амбасадорот на Бугарија беше повикан, протестот му беше врачен, и со тоа испратена порака: Македонија има свој глас, свој став и достоинство што никој не смее да го гази. Изјавата на бугарскиот министер беше нешто повеќе од навреда. Таа откри еден длабок ментален склоп на политичката елита во Софија, која сè уште живее во илузија дека Македонија е некаков нивен културен или политички приврзок. Зборовите „северномакедонски премиер“ не се случајни тие се продолжение на нивниот проект за обезличување на македонскиот идентитет, јазик и државност. И тоа мора да престане. Денес, повеќе од кога било, Македонија мора да покаже единство во одбраната на своето достоинство. Не заради суета, туку заради историска и иднината кон идните генерации. Премиерот Христијан Мицкоски со својата реакција, јасна, достоинствена, но и цврста покажа дека ние повеќе не сме држава на молчење и потклекнување. Ние сме држава што го знае своето место под сонцето, што се бори и што нема да дозволи да биде навредувана. Од Софија, пак, се очекува извинување. Не заради Мицкоски, туку заради нормализирање на односите, заради обврските кои ги имаат и кон ЕУ и кон сопствениот народ. Бугарија мора да разбере дека патот кон добрососедство не води преку навреди, туку преку почит. И за крај ова не е дипломатски инцидент. Ова е тест за тоа колку новата македонска Влада е подготвена да го брани националното достоинство. Првичниот одговор беше позитивен. Но борбата за почит не завршува со едно соопштение. Таа продолжува со секој следен чекор. Македонија има со што да одговори со достоинство, со историја, со државност. А кога глувчето ќе реши да го задева лавот треба да знае дека лавот веќе не спие. |
























