|
||||
| Договорот со Обединетото Кралство не е крајна цел туку почеток! |
|
Што значи договорот со Обединетото Кралство за Македонија? Во време на глобални геополитички поместувања и растечки безбедносни, економски и технолошки предизвици, малите држави немаат луксуз на изолација. Токму затоа, потпишувањето на договорот за стратешко партнерство помеѓу Република Македонија и Обединетото Кралство претставува значаен исчекор за позиционирање на нашата држава на европската и светската мапа како сериозен и доверлив партнер. Овој договор не е само политички гест, туку документ со реална тежина – кој отвора врати за безбедносна, економска, енергетска, дигитална и образовна соработка. Тоа е јасна потврда дека Република Македонија се враќа на патот на реформите, на активна дипломатија и на реални резултати, за разлика од годините на празни ветувања и криминални врски што не’ држеа во заложништво.
Враќање на довербата Владата на премиерот Христијан Мицкоски, преку овој потег, не само што го зацврстува партнерството со еден од најсилните сојузници на НАТО, туку испраќа порака дека Македонија е подготвена да биде фактор на стабилност и развој во регионот. Обединетото Кралство, како земја со глобално влијание и исклучителна дипломатска мрежа, не би склучило ваков договор со држава која не нуди стабилност, визија и капацитет. Клучни придобивки од договорот: -Соработка во одбраната и безбедноста, особено преку зајакнување на капацитетите на АРМ и интеграција во НАТО-структурите; -Економски партнерства, со фокус на инвестиции, трговија, поддршка за мали и средни претпријатија и размена на иновации; -Енергетска трансформација, преку поддршка за зелена енергија и намалување на зависноста од нестабилни извори; -Образование и технологија, со можност за академска соработка, програми за размена, дигитализација и научен развој; -Поддршка за владеење на правото, транспарентност и борба против корупцијата – нешто што Британија го цени особено високо. Овој договор е и директен одговор на популизмот, изолационизмот и недржавничкиот однос што го негувале претходните влади. Наместо сомнителни договори во четири очи, Македонија конечно потпишува документи со кредибилни меѓународни партнери, со јасни цели и обострана одговорност. Договорот со Обединетото Кралство не е крајна цел туку почеток. Почеток на нова ера во која Македонија ќе биде држава со глас, со партнерства и со поглед кон иднината. Тоа е и показател дека европските и атлантските сојузници повторно гледаат во нас потенцијал, а тој потенцијал ќе го реализираме само ако продолжиме по патот на реформите, чесноста и националната одговорност. Македонија има сојузници. Време е да станеме и сојузник каков што заслужуваат светот и нашите граѓани.
|


























