|
||||
| Јован Костадинов е 19-годишниот херој од Виница што спаси 20 животи |
|
Во време кога младите често се етикетираат како апатични, себични или изгубени, 19-годишниот Јован Костадинов од Виница покажа што значи вистинска храброст, човечност и пожртвуваност. Додека пламените јазици ја проголтуваа дискотеката Пулс во Кочани, тој не размислуваше за себе, туку за другите. За своите врсници. За животот. Наместо да избега, како што би направиле многумина во паника, Јован се вратил внатре, во чадот и хаосот, и извлекол над 20 млади, некои од нив буквално на своите раце. Без опрема, без заштита, со срце поголемо од стравот. Такви луѓе не се бараат, такви луѓе се паметат. Јован Костадинов, младиот Виничанец не се двоумеше да го ризикува својот живот за да спаси други. Неговото име не треба да стои само во новински наслов. Тоа треба да биде запишано во колективната меморија како симбол на храброст. Овој млад човек покажа што значи да си Човек во најтешките моменти, кога секоја секунда значи живот или смрт. Македонија треба не само да му се заблагодари, туку и да го одликува, за да испрати порака, дека храброста и доблеста не се забораваат. Дека постојат млади кои носат светлина, дури и во најтемните моменти. Јован не е само херој на Кочани. Тој е херој на цела Македонија. Денес сите ние сме му должни.
|

























