|
|
| Илинденското знаме од Загоричани |
|
Малку луѓе знаат за учителката и револуционерка Маслина Грнчарова Иванова која рано се вклучува во редовите на Македонската револуционерна организација и долго време е главен раководител на реонот... Таа го има извезано знамето на четата од Загоричани, на кое доминира македонскиот симбол - лавот. Лавот држи сабја во десната и пушка во левата шепа, а има и круна на главата. Над него има натпис „СВОБОДА ИЛИ СМЪРТЪ“, а под него „20 юли, 1903, ЗАГОРИЧЕНИ“. Иако постојат многу малку биографски податоци за Маслина Грнчарова Иванова, истражувачите говорат дека според постоечките, таа зазема значајно место во македонското ослободително дело и е една меѓу првите жани херои на македонското револуционерно движење. Маслина Грнчарова е родена 1874 година во село Загоричани, Егејскиот дел на Македонија. По завршувањето на женската гимназија во Солун, работела како учителка во Демотика. Потоа учителствувала во Сурович и Зеленич. Рано започнува со револуционерната активност, но во 1895 година се приклучила на Македонската револуционерна организација. Вршела курирски дејности за организацијат, а со учителката Елена Минасова го извезла знамето на четата на Д’мбени. Подоцна Грнчарова сама го извезла и знамето на четата од Загоричани, на кое го поставува македонскиот симбол – лавот. На знамето лавот е во исправена положба, држи сабја во десната и пушка во левата шепа, а има и круна на главата. Над него, со буквите кои биле во употреба, пишува „СВОБОДА ИЛИ СМЪРТЪ“, а под него „20 юли, 1903, ЗАГОРИЧЕНИ“. Покрај нив во четирите агли биле пришиени фигури на бела полумесечина. Во 1901 година, во родното место го пречекува Гоце Делчев кој вршел ревизија на реонот. Поради членство во Македонската револуционерна организација и давање засолниште на учесниците во Иванчовата афера, Гранчарова била уапсена и осудена од турските власти. Казната ја издржувала во затворот во Корча, заедно со револуционерите Манол Ризов, Лазар Поптрајков и Павел Христов. По нејзиното ослободување, таа била назначена за секретар на Централниот комисија на ТМОРО и за член на Костурскиот окружен комитет на ТМОРО. Во пресрет на Илинденското востание таа го пречекува Борис Сарафов кој врши ревизија на реонот и активно учествува во планирањето, притоа покажувајќи широки организаторски способности. На 2 август 1903 година, кога се прогласува кревање на востанието во Костурскиот крај, Маслина Грнчарова качена на коњ покрај војводата Манол Ризов, широко го развива знамето на четата на Загоричани. Во востанието таа учествува како активен комита и покажува посебна храброст при ослободувањето на Невеска. Но, во август 1903 година била повторно уапсена, а ослободена по прогласувањето на амнестија, по што таа се вратила во Загоричени. По Балканската војна емигрира во Бугарија, каде живее во Криводол. Умира во 1958 година, а зад себе остава кратки белешки за револуционерното минато во кои скромно вели: „Од 1890 година до крајот на Илинденското востание мојата дејност се изразува со услуги на тие кои носеа пушки. Четите ги пречекувавме, носевме леб, за избеганите од Иванчовата афера ангажиравме куќи – да се сокријат од напади. Мојата дејност кога бев слободна беше за други, не за мене... Пред Илинден станав централна врска меѓу војводите и реонските началници. Таква останав и натаму во целото наше Костурско...“ По Илинденското востание, знамето од село Загоричени кое многу интересно за историската наука било пренесено во Бугарија, а потоа долги години стоело на саркофагот со моштите на Гоце Делчев во Илинденскиот дом. По неговото исчезнување, еден период се претпоставувало дека знамето било пренесено заедно со посмртните останки на Гоце Делчев и други материјали поврзани со неговото име и дело, во Скопје. Меѓутоа, по негирањето на проф. Матковски дека тоа е пренесено во Македонија, останува прашањето кој навистина ги крие доказите за карактерот на востанието. Доволно е да се видат македонските грбови, за да стане сосема јасно за какво знаме се работи.
|

















