|
|
| Историјата нè научи дека брзањето има своја цена! |
|
Во време кога Европа повторно зборува за проширување, кога геополитиката ја оттурнува Унијата да се отвори кон Западен Балкан, Македонија повторно се наоѓа на позната раскрсница – меѓу ветувањата за напредок и условувањата. Францускиот амбасадор во Македонија Кристоф ле Риголер, дипломатски, но недвосмислено ја повтори позицијата на Франција што веќе две години стои како камен-темелник на процесот – договореното во 2022 година е затворена тема. Нема враќање назад, нема нови преговори за истите прашања, нема „ресет“ на процесот. Европската порака е едноставна: условите се познати, изборот е ваш. Но токму тука започнува македонската дилема. Од една страна, постои реална можност – можеби една од последните во догледно време – Македонија да го фати европскиот бран на проширување. Од друга страна, постои длабоко вкоренето чувство на неправда, дека процесот не е чисто европски, туку оптоварен со билатерални прашања кои ја поткопуваат неговата суштина. Според премиерот Христијан Мицкоски, процесот не може да продолжи без јасни гаранции за правата на македонската заедница во Бугарија, како и без конкретни заклучоци од Европскиот совет кои би ја дефинирале крајната цел. На европските претставници им порача дека единствено од ВМРО-ДПМНЕ зависи дали ќе има уставни измени, додавајќи дека е подготвен да чека доколку условите не се јасни и праведни, исто како што за одредени политики се чекало со децении. Премиерот ја повторува токму таа позиција: „Ако тие мислат дека услов треба да биде промената на Уставот, а во сè друго да бидеме најдобри, тогаш жалам, но овде нема да има добар соговорник без да бидат исполнети и другите услови. Треба секој да знае дека тоа зависи исклучиво од најголемата политичка партија во Македонија и од ова раководство, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Ако некој повторно живее во илузија дека ќе најде марионети кои ќе направат нешто спротивно на интересите на државата – се лаже“, порача Мицкоски. Тој додава дека актуелната позиција на државата е резултат на, како што вели, „криминалните и предавнички политики на претходната влада на СДС“, но нагласува дека станува збор за историски процеси во кои Македонија ќе продолжи да се бори. „Кај нашиот источен сосед политичарите, за да го применат принципот на живковизмот, чекаа децении да се создадат услови и да се појават политичари какви што беа тие во изминатите седум години кај нас. Ако треба, и ние ќе чекаме децении. Но политики кои директно влијаат врз нашиот идентитет, а притоа не нудат предвидливост и јасен крај на процесот – нема да прифатам. Додека сум претседател на Владата, немам намера по било која цена да влезам во таква авантура“, изјави Мицкоски. Неодамнешните изјави на италијанскиот амбасадор во Македонија само ја потврдуваат оваа комплексност – нема гаранции дека нема да има ново вето. Единствената „гаранција“ е градење доверба. Но довербата не се гради со декларации, туку со конкретни дела – и тоа од двете страни. И токму тука се крие суштината на проблемот: Европа бара доверба, а Македонија бара предвидливост. Европа инсистира на процес, Македонија бара крајна точка. Европа нуди перспектива, Македонија бара сигурност. Прашањето не е дали Македонија треба да стане членка на Европската Унија. Тоа е стратешки консензус што речиси никој не го оспорува. Прашањето е – под кои услови? Дали цената е прифатлива за Македонија? Иако Европската комисија со години препорачува почеток на преговорите, процесот за Македонија и натаму останува заглавен во политички условувања. Тоа не е само институционален проблем – тоа е проблем на кредибилитет. Затоа што секое ново одложување, секој нов услов, секое ново „само уште ова“ ја еродира вербата на граѓаните дека правилата се јасни и еднакви за сите. А кога вербата исчезнува, исчезнува и европската идеја како движечка сила. Во меѓувреме, светот не чека. Геополитиката не трпи вакуум. Додека Европа калкулира, други актери веќе дејствуваат – економски, политички, па и безбедносно. Балканот повторно станува простор на интерес, а не само на интеграција. Во време кога САД сѐ поотворено сигнализираат интерес за стабилизирање на односите со Русија, доколку Унијата продолжи да го одолговлекува членството на Македонија без јасна визија и кредибилен сигнал за проширување, таа не само што ќе ја изгуби сопствената привлечност, туку ќе отвори простор за геополитички натпревар кој веќе е во тек. Затоа што прашањето повеќе не е дали Македонија ѝ треба на Европа, туку дали Европа има храброст навреме да го признае тоа – и со својата неодлучност да не ги оттурне оние што со години чекаат пред нејзината врата. Историјата нè научи дека брзањето има своја цена. |















