Среда, 06 Февруари 2013    Печати
Во потрага по слободата

Во потрагата по слобода
следени од својот презир,
само Прометеј пред нас го гледаме
окован на карпата на 21-от век
како иднина на нашите џигери.

Ако тој сакаше да го украде огнот
ние сакаме да си ја земеме
само искрата која нам ни следува,
искрата на смртниците:
огнот да го запалиме во нашите огништа.

Го нема комунизмот!
Го нема Берлинскиот ѕид!
Нема ниту Студена војна!
Ги нема хероите на диктатурите,
режимите на Садам Хусеин и Гадафи...

Не сме во заблуда
за значењето на слободата
и дека секој сам треба да се ослободи,
туку сме во длабока заблуда за тајната
на Пандорината кутија на новите богови!

А, што се крие во неа и новонапишаниот Капитал
знаат само неколкумина од новиот Олимп,
зашто, ако други ја допрат, ќе бидат обвинети за грев
и од неа ќе излезе лошиот дух и поголема трагедија
од економска криза, до антракс или свински грип!

Панде Манојлов
12 јануари 2013 г.                  
Битола