Среда, 17 Октомври 2012    Печати
Песна за Мирка Гинова

mirka-ginovaМирка Гинова била учителка и борец од Граѓанската војна во Грција (1946-1949). Мирка и нејзиниот брат Ташко биле деца на Коста Гинов учесник во Илинденското востание. Мирка била родена во 1916 година. Кога започнала Граѓанската војна во грција таа стапила како партизанка во редовите на  ЕЛАС (народна војска) која се борела против грчките монархофашисти. ненадејно била фатена и однесена во затворот во Воден каде што била сурово измачувана со цел да ги каже своите другари. Храбрата Иртини Гини како што ја ословувале грчките националисти, останала тврда како камен. никого не кажала, никого не предала. И на самиот судски процес храбро и достоионствено се држела.  Била осудена на смрт со стрелање што било извршено на 26 јули 1946 година во јаница (Ениџе-Вардар).
Македонскиот народ ја овековечил храбрата партизанка со една содржајна и мелодична песна под наслов: „Мирка уморна заспала“. Еве ги стиховите на песната:

Мирка уморна заспала,
во Почепските плалнини,
во Почепските планини
таму долу во ливади.

Рано в зори пристигнале,
клети шпиони, фашисти,
местото го заградиле,
жива Мирка ја фатиле.

Во град Воден ја носиле,
тешко Мирка ја мачиле,
тешко Мирка ја мачиле,
мачиле испитувале.

Кажи кажи, мори Мирке,
кои се твоите другари,
кои се твоите другари,
другари партизани.

Никој Мирка не кажала,
никој она не издалка,
тешко Мирка ја мачиле
жива во гроб ја ставиле.

Оваа песна со текст од мелодија ја запишав од Русија Топкова од Воденско, чиј сопруг загинал во Граѓанската војна во грција. Во 1964 година со својот сопруг живееше во с. Смоквица, гевгелиско.

Идентична варијанта на оваа песна во однос на текстот а со променлив ритам на мелодијата среќаваме во збирката „Македонски народни песни од Мегленско“, Скопје 1985 од д-р Трпко Бицевски.

Македонијо земја измачена

Во фашистичките затвори на Балканот и окупираните делови на поделена Македонија беа затворени и мачени и убиени голем број македонски синови и ќерки заради тоа што ја сакаа својата земја Македонија и се бореа за нејзината слобода. Анонимниот народен творец испеал песни на поголем број од тие борци и маченици за слободата на својот народ и татковина.

Македонијо земјо измачена,
Македонијо, земјо поробена,
твојта младост апсани ја јадат,
твојта снага тирани ја сушат.

Зашто да си вечно измачена,
зашто да си вечно поробена,
зар ти немаш право на слобода,
и човечки живот во природа?

Слушај, слушај младеж македонска,
имам право на вечна слобода!
И човечки живот ќе живеам,
и високо бунтовно ќе пеам!

Оваа песна ја составил испеал Лазар Манчевски од Кавадарци во 1943 година додека бил во затворот во Кавадарци. Песната ја мелографирал Васил Хаџиманов, а ја нотирал Ѓорѓи М. Ѓорѓиев. Поместена е во зборникот „Македонски народни песни од НОБ од авторите д-р Лазо Каровски и д-р Ѓорѓи М. Ѓорѓиев, а во издание на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, Скопје 1980 година.
Од книгата „Во темни зандани“ од Ристо Стамков, Скопје  2009 г.

(Подготви Марко Китевски)