Среда, 03 Октомври 2018    Печати
МАЈКА РОДИЛКА

Матни дождови
од туѓо небо
со загадени облаци
низ браздите
на нашите ниви.
Ровји од ведро небо.
Поплави па суши.
Мотиките занемени
во очекување
на чисто небо
со сончеви лачи
и румени самраци.
‘Рѓа на остриците.
Молк на плуговите.
Лебното зрно
низ класјето
задушено од какол
со отровно семе
и јалови ‘ртулци.
Пустоши пламеница.
Црнее пепелница.
Офка земјата
мајка родилка
од слепите кртови
зариени во утробата
со благослов оплодена.
Корените подгризнати.
Но, долги и жилави.

rozita-hristova
Од моите "Оловни мониста"
Розита Македонска Христовска