Среда, 05 Септември 2018    Печати
ШТО МОЖАТ УШТЕ ГЕНИТЕ ДА МИ КАЖАТ

savo-kostadinovski-pesna
САВО  КОСТАДИНОВСКИ

Што можат уште гените да ми кажат
на мојата прадедовска комитска крв,
освен доверливо комитски да општам
со зборот кој е живот, а животот збор
а тоа е зборот, кој од збор бил
та во мене многу ми значи и зрачи
да бидам дури и поет смел
разгласен со стихови
ко со куршуми врел.

Што можат уште гените да ми кажат
на мојата прадедовска комитска крв
освен нивните пораки и завети јасни
горделиво и во песни нив да ги множам
и надалеку радосно да ги праќам
како сонцето во денот со светлината
 и за пример јас да им служам
за родољуб непокорлив и верен
како да се сака и брани татковината.

Што можат уште гените да ми кажат
освен вечно да бидеме Македонски чеда
тоа што отсекогаш сме биле и ќе бидеме
неизлечиви родољуби кон родната земја
потомци сложни на војводи храбри
та сложната љубов иднина ни вети
и голем празник на слобода мила
затоа не смее никој да се плаши
од никаква туѓа неправда и сила.