Среда, 11 Април 2018    Печати
РОДЕ МОЈ

Тргни ја брате раката
во која ножот го држиш
за в грб да ми го зариеш,
оти ќе шикне крв црвена
и образот ќе ти го накаже
па така бележан ќе шеташ
светот да те прекорува
и дури си жив не ќе можеш
со ниедна вода да се измиеш
и образот да си го обелиш.

Ај, појави се пред мене
лице в лице да се сретнеме
и очи в очи да се погледнеме,
за да ти ја видам пизмата
и да те прашам од кај ти е,
кој ѓавол влегол во тебе
та те закрвил против мене,
а една иста мајка нè родила
и аманет свет ни оставила
да знаеме кои и чии сме.

Со исто млеко сме доени
и во иста црква крстени,
на исто огниште топлени
и од иста земја хранети,
и нели мајка нè учеше
на иста страна да стоиме
и по патот нејзин да одиме,
за никој, нигде и никогаш
да не може да нè раздели
и родот наш да ни го закрви.

rozita-hristova
Р. Христовска,
08.02.2018
("Оловни мониста")