Среда, 07 Март 2018    Печати
Ако сум - зарем да не бидам

Не можам да се откинам
од сама себе за да умрам!
Не можам ниту сама
грлово да си го
стегнам за да не дишам!

Не можам сама со кама
срцето да си го прободам.
Не можам ниту сонцето
со солзиве мои да го
изгасам, да не ме грее
додека дишам во твоите
прегратки мајчински,
свети македонски!

Не можам боса по земја
да газам додека ме бодат
коските од пра старини
закопани во свети гробови!

Како да избегам од себе
и да не бидам јас - јас!
Како пред Бога да застанам
како безимена од сама
себе откажана, по сама
себе со своја рака утепана!
Со свои раце сама во гроб
закопана, безимена и
раскината, сама себе си
продадена....издадена!

Ниту Господ нема да ме
препознае и молитвите
да ми ги услиши, ако сама
на себе рака си кренам
за да се утепам и крвта
света македонска да не
тече во моите жили,
како на мајка македонска
која по себе ќе остава
чеда без имени
чеда без корени,
неузнаени
ни кои се - ни од каде се!

violeta-petkovska
Виолета Петковска