Среда, 27 Јануари 2010    Печати
Печал
Нема ли живот, нема ли
љубов за живот голема
љубов за живот човечна
у виа гради аргатски?

Нема ли срце, нема ли
срце  –  на срца срцето,
срце  –  ширини широко
срце  –  длбини длбоко  –
цел свет да збере, па да е
за виа гради малечко?

Нема ли бел ден, нема ли
ден да е над деновите,
ден да е на аргатите  –
ден слнце вишен високо
ден  –  море ширен широко,
слнце да запре, да стои
и времето зачудено:

срцето пука обрачи
и плиска знаме алово,
срцето што се отвора
и шири ширно широко  –
целиот свет да загрне!


Бели мугри, Загреб, Самобор, 1939.