|
||||
| Депа Каваева |
|
Депа Каваева (XIX век) е собирачка и пејачка на народни песни, од градот на Миладиновци, Струга. Соработувала во подготовките на Зборникот на Браќата Миладиновци. Околу сто и педесет песни во Зборникот на Миладиновци се собрани од неа. Таа е поврзувана со животот и дејноста на Григор Прличев како негова можна љубов, можна свршеница. Депа (Деспина) Каваева е родена во Струга, во семјството Каваеви. Таа е внука од помала сестра на Миладиновци. На вујковците Депа им помагала во собирањето песни за епохалниот зборник. Константин Миладинов во Предговорот кон првото издание на Зборникот од народни песни (Загреб, 1861) соопштува дека „најповеќе песни се слушани во Струга, од Депа Каваева”. Во времето кога браќата ги слушале и запишувале песните, Депа била млада и даровита пејачка. Уште како дете, таа била бистроумна и ги учела песните од својот татко, а подоцна ги препејувала, ги дотерувала и создавала нови. Околу сто и педесет песни во Зборникот на Миладиновци (самовилски песни, други стари, црковни, јуначки, свадбени, лазарски и жетварски песни, како и свадбени обичаи), се собрани од неа. Честопати таа била поврзувана со животот и дејноста на Григор Прличев како негова можна љубов, можна свршеница, но и како можна коавторка на песната „Во илјада седумстотин шеесет и второ лето“. Од биографијата на Депа Каваева се знае дека таа се закалуѓерила во охридските цркви „Свети Климент“ и „Свети Јован Канео“, мошне млада, а како причина се наведува нејзината нереализирана љубов со авторот на „Сердарот”. Во монашкиот ред го зела името Касијана. При крајот на животот се повлекла во татковиот дом. За неа се грижел нејзиниот помал брат Јоаким Каваев. Се претпоставува дека е погребана во заедничка гробница, во дворот на црквата „Свети Ѓорѓија“ во Струга.
Подготвил: Т.К. |
















