Среда, 04 Јануари 2023    Печати
Јордан Варналиев

290331 Јордан Варналиев

Јордан Варналиев (1883 – 11. III 1903) е македонски револуцинер, кратовски војвода на Македонската револуционерна организација. Од почетокот на 1901 година станал четник, а подоцна организатор и војвода во Кратовско. Во бојот кај селото Карбинци, за да не падне жив во рацете на османлиската војска, се самоубил.

Јордан Варналиев е роден во 1883 година во градот Велес, тогаш во рамките на Отоманската империја. Тој е син на Петар Јорданов Варналиев, трговец и советник при Велешката митриполија и внук на револуционерот Петар Михов. Се школувал во Солунската егзархиска гимназија. Откако завршил четири класа во споменатата гимназија, заминал во илегалност.

Јордан влегол во Македонската револуционерна организација и заедно со неговиот брат Диме бил меѓу првите револуционери во Велес Првата група за револуционерна работа во Велес организирана од Поп Арсов, според Никола Зографов, ja сочинувале: Велко Думев, Андреја Коробаров, Трајче Христов, Иван Панче Варналиев, Димче Зеков и Диме и Јордан Варналиеви.

Од почетокот на 1901 година Јордан Варналиев станал четник, а подоцна организатор и војвода во Кратовско.

На 11 март 1903 година неговата чета водела битка со Турците кај селото Карбинци, Шипско. Во бојот кај селото Карбинци, за да не падне жив во рацете на османлиската војска, младиот дваесетгодишен војвода се самоубил со последниот куршум.

Единствениот преживеан четник Стојан Хаџиниколов Ковачев го опишува Варналиев како бестрашен човек, кој бил секогаш ведар и голем мајтапчија. Според Ковачев, ранетиот Варналиев пред да се застрела изјавил: „Прости Македонијо, поробена земјо! И на нас ни подготви гробови, но не ти се лутам! Запомни, Македонче, и тргни во борба по нас!“. 

(извор: https://www.strumski.com/books/st_nikolov_kovachev.pdf )

подготвил: Т.К.