Среда, 06 Октомври 2021    Печати
Киро Атанасовски

1ki1215 Киро Атанасовски

Киро Атанасовски (1923 - 7. IV 1944) е македонски комунист, учесник во НОБ и народен херој. Познат е под псевдонимот Страшо. Бил еден од организаторите на НОАВМ во Тиквешијата: член на МК на КПЈ во Кавадарци, како и борец на Тиквешкиот НОПО „Добри Даскалов“. При илегален престој во Кавадарци со секретарот на ОК на КПМ во Кавадарци Димче Мирчев за прифат на околу 60 нови борци, биле провалени и блокирани од околу 700 бугарски војници, контрачетници и полицајци. По седумчасовна оружена пресметка се самоубиле. Киро бил прогласен е за народен херој на Југославија на 20. XII 1951 г.

Киро Крстев Атанасовски е роден 1923 година во Кавадарци. По основното училиште, завршил три класа на граѓанското училиште. Поради работа во ковачницата на неговиот татко Крсто, тој морал да го прекине образованието. Работел како ковачки работник (налбат) се до пред Втората светска војна.

Киро Налбатот се приклучил на младинското револуционерно движење и во 1940 година станал член на Сојузот на комунистичката младина на Југославија (СКОЈ). Полицијата ја забележала неговата активност и бил уапсен со 17 години, за набрзо да биде ослободен. Веќе во пролетта 1941 година станал член на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ).

По окупацијата на Југославија во април 1941 година, Како член на СКОЈ и на КПЈ, Киро станал еден од организаторите на Народноослободителната и антифашистичка војна во Македонија (НОАВМ) во Тиквешијата. Ковачката работилница на неговиот татко служела за одржување на врска со селаните и растурање на илегалниот материјал.

Во 1942 година Киро станал член на Месниот комитет (МК) на КПЈ во Кавадарци. Во текот на 1943 година, бил борец на Тиквешкиот НОПО „Добри Даскалов“, кој функционира од 4.05.1943 до 24.09.1943 година.

Поради успех во организирањето на народноослободително и антифашистичко движење, во 1943 година, Киро станал член на Обласниот комитет на КПМ во Велес. Во почетокот на април 1944 година, под директива на партијата заминал во Кавадарци заедно со Димче Мирчев, секретар на обласниот комитет на КПМ за Кавадарци.

За време на илегалниот престој во Кавадарци, Киро Атанасовски и Димче Мирчев работеле на излаз и прифат на околу 60 нови борци за Втората македонска ударна бригада. Но, вечерта на 7 април 1944 година, во источниот дел од градот биле провалени и блокирани од околу 700 бугарски војници, контрачетници и полицајци.

Киро Атанасовски и Димче Мирчев се судриле со бугарските вооружени сили и по седумчасовна оружена пресметка, откако им привршила муницијата, се самоубиле,

Киро Атанасовски бил прогласен за народен херој на Југославија на 20 декември  1951 година.

Во нивна чест била испеана песната „Димче и Киро Налбатот“

Димче и Киро Налбатот, стурија долу во градот
куќичка една крај паркот, пролетна вечер мирисна.

Загрме, збабна престрелка, го смршти сиот Кавадар
стотина против два мина, одбор на шака јунака.

Цел ноќ во огин пливаја, зверот го смртно биеја,
завет во пламен дадоа, душмански раце сал мртви.

В зори се итро јурнаа, да скршат синџир куршуми,
да летнат в гора зелена, кај својте мили другари.

Киро далеку излезе, од обрач тој се извлече,
го дочу гласот на Димче, па се поврати кај него.

В раце му умре другарот, огин го смртно погоди,
гради му машки пронижа, падна и Киро Налбатот.

Низ град се песна разлеа, во тие гори ридишта,
по тије лозја, ровови, напред во борба неравна.