Среда, 14 Јули 2021    Печати
Васко Карангелевски

 

1vas121

Васко Карангелевски (7. VII 1921 – 3. II 1977) е македонски комунист, првоборец, генерал-полковник на ЈНА. Во Втората светска војна учествувал од 1941 година. Бил командант на баталјон, заменик на командант на бригада, командант на бригада и командант на дивизија. По Ослободувањето дипломирал на Воената академија „Ворошилов“ во СССР, на ВВА и на Курсот за оператика на ЈНА. Бил командант на дивизија, началник на штаб на корпус и на подрачје, началник на штаб на армиска област и командант на армија. Прогласен е за народен херој на Југославија.

Васко Карангелевски е роден на 7 јули 1921 година во битолското село Брусник, во сиромашно земјоделско семејство. Мајка му работела на туѓи ниви, а тој уште како млад почнал да работи како земјоделски работник и чувал туѓ добиток.

На почетокот во 1941 година, Васко се приклучил на новоформираната младинска група во селото. Истата година стана и член на Сојузот на комунистичката младина на Југославија (СКОЈ).

По априлската војна во 1941 година и окупацијата на кралска Југославија, во селото се активирало антифашистичкото движење и Васко активно учествувал и собирање на тружје, муниција и опрема за формирање на  партизански одреди.

По формирањето на првите партизански одреди во битолскиот регион Васко заминал во партизани. Во првата половина на 1943 година бил поставен за командир на вод во Одредот и станал член на Комунистичката партија на Македонија (КПМ). 

Истакнувајќи се со своите активности, Васко бил назначен за командир на чета на Битолско преспанскиот одред „Гоце Делчев“, формиран во мај 1943 година од борците на Битолско преспанскиот  НОПО „Даме Груев“ и новопристигнати борци. Заедно со одредот, Васко се движел по планините Баба и Нередска Планина. Набрзо станал и командант на батаљонот „Стив Наумов“, формиран во ноември 1943 година во реонот на Лерин од борците на одредите на Битолскиот партизански одред „Гоце Делчев“ и „Даме Груев“. Во зимата 1943 година со батаљонот учествувал во акциите од Егејска Македонија до Козјак.

Во февруари 1944 година батаљонот влегол во состав на Третата македонска ударна бригада, а  Васко како командант на батањонот постигнал голем успех во борбите за време на пролетната офанзива во 1944 година кај Ново Село, Ристовац, Крива Река, Лисец, Плачковица и на планината Огражден.

По завршување на пролетната офанзива со тек на времето биле формирани Четвртата, потоа Петата, па Седмата македонска бригада и 49 македонска дивизија на Народноослободителната војска на Југославија (НОВЈ). Васко бил командант на баталјон, заменик на командант на бригада, командант на бригада и командант на дивизија. Ослободувањето на земјата го затекнало на должност командант на 49 македонска дивизија на НОВЈ. 

По Ослободувањето Васко Карангелевски дипломирал на Воената академија „Ворошилов“ во СССР, на ВВА и на Курсот за оператика на ЈНА. Бил командант на дивизија, началник на штаб на корпус и на подрачје, началник на штаб на армиска област и командант на армија. Бил член на ЦК на КПЈ. Прогласен е за народен херој на Југославија.

Сè до неговата трагична смрт. Васко бил командант на Скопската воена област со чин генерал-полковник.

Васко Карангелевски загинал на 3 февруари 1977 година при лов на терените на Караџица во „несреќен случај“. Постојат сомневања дека поради „национализам“, барање само Македонци да служат во тогашната Теритодијална одбрана на Македонија, бил ликвидиран од тогашните безбедносни служби на СФРЈ.