Среда, 26 Мај 2021    Печати
НИКОЛА КАЛАПЧИЕВ

5Nikol

НИКОЛА КАЛАПЧИЕВ

Роден е на 25 мај 1914 год. (12 мај по стар стил) во селото Грамада, Горна Џумаја (денес Благоевград), Пиринска Македонија.

Селото Грамада поради својата близина до градот, денес е кварт во градот Благоевград. Според некои податоци селото е основано во почетокот на 19ти век, од Македонци кои се доселиле од областа Пијанец, Делчевско.

Никола Калапчиев во 1932, на 18 годишна возраст започнува со својата револуционерна дејност, како член на Работничкиот Младешки Сојуз (РМС), а потоа ќе биде назначен и за организационен секретар на Окружниот комитет на комунистичката партија.

Калапчиев подоцна ќе стане и близок соработник на Никола Вапцаров и на членовите на Македонскиот литературен кружок во Софија.

Поради револуционерната активност во 1938 е уапсен од бугарската полиција и осуден на 7 години затвор. Ослободен е 1940 година.

По пуштањето од затвор, повторно им се приклучува на своите другари.

Откако Македонците од Пиринска Македонија во јуни 1941 решаваат сами со оружје да се борат против бугарскиот фашизам, без да чекаат одлука од БКП, Никола Калапчиев добива задача да ги организира за борба Македонците од околината на градовите Свети Врач (денес Сандански) и Петрич.

Македонските партизани под Пирин први на целиот Балкански полуостров ја почнуваат борбата против фашизмот.

Во јули 1941 година Калапчиев заминува во илегала и е еден од основачите на Горноџумајската партизанска чета.

Во октомври 1941, кај планинското село Цервиште бугарските фашисти го апсат Калапчиев откако претходно го раниле, но Македонецот успева да им побегне.

Во март и април 1942 година, Бугарија двапати го осудува Калапчиев на смрт.

Толку многу им бил трн во око на фашистите, што Калапчиев станува познат како човекот со две смртни пресуди.

На 6 мај 1942 бугарските фашисти организирале полициска блокада на Горна Џумаја по добиени информации за движење на партизани во градот.

Калапчиев во тој момент бил дојден во домот на својот татко. Полицијата ја опколува куќата на Калапчиев и започнува престрелка.

Тој мајски ден, дваесетина дена пред неговиот 28 роденден, Никола Калапчиев ја положува својата младост за слободата на Македонија.

Пролетта 1943 година, новоформираниот Горноџумајски партизански одред ќе го носи името Никола Калапчиев.

За Калапчиев е напишана и познатата македонска песна од Пиринот - „Имала мајка едно ми чедо“.

ВЕЧНА ТИ СЛАВА МАКЕДОНСКИ ХЕРОЈУ!

ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН