Среда, 13 Јануари 2021    Печати
Иван Генадиев

1Ivan Genadiev Иван Генадиев

Иван Генадиев (1829 - 1890) е македонски преродбеник, музички и книжевен деец, автор на црковни напеви и псалтикиски зборници. Еден од првите преродбенски дејци што дале голем придонес за обновувањето на нашата писмена музичка традиција. Познат како Јоан Хармосин Охридски тој пишувал песни и други творби на грчки и македонски. Меѓутоа, иако бил грчки воспитаник и првично бил под силно грчко влијание, подоцна се изјаснил против грцизмот и се борел за духовното ослободување на македонскиот народ.

Иван Генадиев е роден 1829 година во Охрид, во семејството на идниот велешки и дебарски митрополит Генадиј (световно име Георги Димитров). Основно училиште завршил во родниот град, а средно во Битола (каде татко му бил протосингел на митрополијата) и во Цариград.

Своето образование Иван Генадиев го продолжил на Филозофскиот факултет во Атина, каде се прочул со својата музикалност и убав глас. Истовремено биле забележани и неговите литературни творби на грчки јазик. Издал комедија во стихови, а заедно со Григор Прличев, со кој бил сооученик и пријател, го редактирал списанието „Сфингс“.

Работел како учител и бил секретар на митрополитот Герасим на деркоската епархија, која припаѓа на Цариградската патријаршија, со седиште во Сан Стефано, предградие на Цариград.  

По враќањето во татковината, живеел во манастирот „Св. Јован Бигорски“ и во „Св. Пречиста“. Иако бил грчки воспитаник и првично бил под силно грчко влијание, Иван Генадиев се изјаснил против грцизмот и се борел за духовното ослободување на македонскиот народ.

Од 1866 до 1867 година, тој работел како секретар на неговиот татко кој бил назначен за митрополит на Дебар. Предавал црковно пеење на манастирските ученици во Кичево. Тој обработувал и издавал црковни песни на црковнословенски јазик.

Од овој период, од неговите зборници со црковни творби, најзначајна е книгата „Пасхалија“, печатена во печатницата „Македонија“ во Цариград во 1869 година. Зборникот се состои од: велигденски напеви на црковнословенски јазик (преведени од него од грчки јазик), творби од постари певци во Македонија, и осум лични творби на авторот.

За својот најуспешен напев од овие творби, Генадиев вели: „Во Достојно ест се слуша месниот напев на горна Македонија, саканата татковина наша.“.

Во 1870 година, повторно како секретар го следиел неговиот татко кој бил назначен за митрополот на Велес. Веќе во 1873 година и двајцата се селат во Битола.

По смртта на неговиот татко во мај 1876 година во Битола, Иван Генадиев заминал прво за Цариград, а потоа за Пловдив каде работел како учител по историја и музика во гимназијата во Пловдив. Потоа, од 1878 година, па до крајот ба својот живот, тој работел како секретар за Пловдивскиот митрополит.

Во 1887 година го објавил „Брачник“. Книга за сродствата и другите односи во бракот.

Иван Генадиев, еден од првите преродбенски дејци што дале голем придонес за обновувањето на нашата писмена музичка традиција, починал во Пловдив во 1890 година.