Среда, 30 Декември 2020    Печати
Марко Секулички

1zahari Марко Секулички

Марко Стојанов (16. XI 1848 – 1928) е македонски ајдутин и револуционер, припадник на Тајната македоно-одринска револуционерна организација (ТМОРО). Познат по родното место како Марко Секулички, тој бил член во ајдутска дружина која во период од 1870 до 1876 година дејствувала во Кратовско, Кумановско и Велешко. Учествувал во Српско-бугарската војна во 1885 година. Меѓу, 1902 - 1905 година. бил пунктов началник на ТМОРО во Ќустендил. Учествувал и во Балканските војни.

Марко Стојанов е роден на 19 ноември 1848 година во кратовското село Секулица., по које подоцна станал познат како Марко Секулички. Завршил само IV одделение.

Заедно со неговиот брат Никола (Кољо) Секулички, за кого македонскиот народ испеал песна, станал член на ајдутска дружина која во период од 1870 до 1876 година дејствувала во Кратовско, Кумановско и Велешко.

Тој бил на чело на ајдутската дружина која во овој период ги ликвидирани познатите зулумџии Исмаил ага и Дели Мустафа.

По неуспехот на Македонското (Креснеско) востание (1878 - 1879) Марко Секулички се населува во градот Ќустендил, во Кнежество Бугарија, формирано по Руско-Турската војна (1877 - 1878).

По обединувањето на Кнежеството Бугарија со Источна Румелија во 1885 година, која довела до нарушување на равнотежата на Балканот, дошло до војна помеѓу Србија и Бугарија. Во оваа војна учествувал и Марко Стојанов - Секулички како доброволец во бугарската армија.

По завршувањето на војната и демобилизацијата на војската, Марко Секулички се вратил во Ќустендил каде се занимавал со трговија. Но. како стар ајдутин, искусен борец и добар познавач на теренот, десет години потоа повторно ја зел пушката во раце. Во 1895 година тој зел учество во четничката акција, позната како Мелничкото востание, кое го организира  Македонскиот комитет, организација на македонската емиграција во Бугарија.

Марко Стојанов - Секулички станал член на Македонски комитет, кој прво го менува името во Врховен македонски комитет (ВМК), а потоа и во Врховен македоно-одрински комитет (ВМОК). Како член, тој активно учествува во активностите на Ќустендилското друштво. Меѓутоа, меѓу 1902 до 1905 година станал пунктов началник на ТМОРО во Ќустендил. Тој се грижел за финансиите и собирањето на оружје за Организацијата и бил во роднинаска врска и со официјалниот фотограф на ТМОРО Анастас Новев, од ќустендилското село Коњаво.

По избувнувањето на Првата балканска војна во 1912 година Марко Секулички бил доброволец во Македоно-одринското ополчение. Тој служи во 1 чета при VII Кумановска дружина, заедно со својот 16 – годишен син Димитар.

Во 1923 година Секулички бил уапсен од страна на власта на Бугарски земјоделски народен сојуз (БЗНС) поради конфликтот со ВМРО.

Неговиот син Захари (Заре) Секулички бил деец на Македонската федеративна организација. По враќањето од Виена, Заре бил обвинет од Ванчо Михајлов за српски шпион и бил обесен спротив споменикот на Тодор Александров во Ќустендил на 9 декември 1928 година. Истата 1928 година, во Ќустендил починал и неговиот татко  Марко Секулички.