Среда, 09 Декември 2020    Печати
Илија Јовановски - Цветан

1herojИлија Јовановски - Цветан

Илија Јовановски (1921 – 18. Ⅷ 1944) е македонски револуционер, комунист и првоборец. Од 1939 година е член на СКОЈ, а по август 1940 година станал член на КП во Македонија. Учествувал во илинденските демонстрации во Прилеп во 1940 година. По Априлската војна во 1941 година, по повикот за служење на воениот рок во бугарската армија, преминал во илегала. Истата година станал борец на Првиот прилепски НОПО „Гоце Делчев”, а подоцна бил на илегална работа во Преспа во 1942 година, па борец на НОПО „Даме Груев” и заменик -командант на баталјон на Првата македонско-косовска НОУБ. Познат под псевдонимот Цветан или македонски Чапаев поради својата бестрашност, загинал како заменик -командант на Петтата македонска НО бригада. Прогласен е за народен херој во 1952 година.

Илија Јовановски или Илија (Иле) Игевски е роден во 1921 година во прилепското село Топлици во сиромашно семејство. Неговата мајка починала рано, а неговиот татко Иге во 1923 година се преселил во Прилеп. По завршувањето на основното училиште, почнал прво да го учи фурнаџискиот занаает, а потоа работел и како опинчар. Набрзо потоа ја завршил  вечерната школа и како занетчија станал член на културното – уметничко друштво „Абрашевиќ“, каде бил член на драмската секција.

Во 1937 година Иле заминал во Србија, каде работел како фурнаџија. Во Прилеп каде повремено доаѓал, истата година организирал штрајк на опинчарските калфи. Додека бил во Србија работел во Краљево и Крагуевац, каде се истакнал во демонстрациите и криење на илегалци. Кога дошол во Аранѓеловац тој веќе бил познат во работничките кругови. Додека бил во Србија станал член на УРС-овите синдијати, а во 1939 година и член на Сојузот на комунистичката младина на Југославија (СКОЈ).

Во 1940 година продолжил да работи во Прилеп како опинчар. Истата година, се истакнал за време на Илинденските демонстрации во Прилеп, поради што подоцна бил уапсен. После 15 дена бил пуштен од затвор и тогаш станал член на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) во Македонија. 

По Априлската војна во 1941 година и окупацијата на Македонија, Илија Јовановски – Цветан бил ангажиран во собирање на оружје, воен и санитетски материјал за партизаните, кои ги криел во својата куќа. Во летото 1941 година, кога бугарските окупациски власти му упатиле покана за отслужување на воениот рок, тој преминал во илегала. Во договор со секретарот на партиската ќелија се криел се додека во прилепскиот крај на 12 септември 1941 година во месноста Бидимаш на Селачка планина не била формирана првата партизанска чета. Таа била составена од борците Јоска Јордановски – Сандански, Трајко Бошкоски – Тарцан, Борка Велески – Левата, Лазо Филипоски- Лавски, Ѓоре Велкоски – Стрелката, Киро Крстевски – Платник и Илија Јовановски, кој тогаш го добива псевдонимот Цветан. Набзо потоа, на 11 октомври 1941 година. станал борец на Првиот прилепски народноослободителен партизански одред „Гоце Делчев“.

Цветан бил прв кој ја информирал јавноста за почеток на востанието во Македонија. По акцијата на 11 октомври, тој ја пробил блокадата во Прилеп и се поврзал со партиската организација. Потоа го подготвил извештајот, го изнел надвор од градот и со него ја информирал македонската јавност за нападот на 11 октомври. По акцијата го предводел одредот во нова акција до Царевиќ.

За време на војната повеќе пати како доброволец учествувал во извршување на разни задачи, а особено се истакнал за време на нападот на село Царевич извршено на 7 ноември 1941 г., кога се заробени бугарски полицајци. Поради храброста, од своите соборци бил нарекуван Чапаев, по името на познатиот руски командант на Црвената Армија Василиј Иванович – Чапаев.

Во почетокот на 1942 година заминал на илегална работа во Преспа, која била во Италијанска окупацијона зона. Со конспиративно име Петре (Цветан), пет месеци ги обоколувал селата во Преспа и имал состаноци со младите. Кога на 6 јули 1942 година се формирал Битолско-преспанскиот одред „Даме Груев“, Цветан им се приклучил и наскоро станал командант на чета. Подоцна станал командант на батаљон.

Во Првата македонско-косовска бригада 1943 година бил вршител на должност заменик командант на батаљон. Бил и еден од главните курири на Главниот штаб на НОВ и ПО на македонија и Централниот комитет на Кумунистичката партија на Македонија.

Во есента 1943 и пролетта 1944 година Цветан учествувал во борбите за одбрана на слободната територија во Дебарца и Егејска Македонија. На 2 август 1944 година бил поставен за заменик командант на Петтата македонска бригада. На 28 август 1944 година, за време на борба со Бугарите кај селото Здуње, смртно бил ранет откако разурнал бугарски бункер од непосредна близина.

Илија Јовановски – Цветан бил прогласен за народен херој на Југославија на 2 август 1952 год.