Среда, 22 Јули 2020    Печати
Андреја Дамјанов

1andreaАндреја Дамјанов

Андреја Дамјанов (1813 – 1878) е македонски градител, протомајстор, од родот Реизовци, еден од најзначајните градители на Балканот. За време на македонската преродба, заедно со своите браќа, тој гради повеќе од 40 зданија, од кој најголем дел цркви на територијата на Македонија, Србија и Босна и Херцеговина. Црквите главно изградени помеѓу 1835 и 1878 година се со нови архитектонски решенија како симбиоза на домашната традиција неоренесансните, необарокните и неокласицистичките стилови. Неговите цркви со големи димензии, богата архитектонска обработка и изразена акустилност, преставуваат бисери на сакралната архитектура на Балканот.

Андреја Дамјанов е роден во 1813 година во велешкото село Папрадиште. Потекнува од родот Рензовци-Дамјанови, познати мијачки градители од Тресонче. Занаетот се пренесувал од колено на колено со генерации. Поради разбојничките напади, тие кон крајот на XVIII век се преселиле во Велес, а потоа во Папрадиште (тогаш познато како Ѕвезданово).

Инаку, прадедото на Андреја, Силјан Рензовски, бил познат мајстор кој со својата тајфа градел во Едрене, Тракија и Цариград. Синовите на Силјан, Јанкула и Стефан, работеле како мајстори во Солун, Серез, Кавала и Измир. Синот на Јанкула, Дамјан, таткото на Андреј, исто така градел цркви околу Солун, Бугарија и Македонија. Најчесто работел по селата, но и во градовите. Тој ја започнал соборната црква „Св. Богородица“ во Скопје, но бидејќи во текот на градбата починал, неговите синови ја продолжиле изградбата.

Андреја Дамјанов прво учел зографство. а работејќи со својот татко се запознал со старата македонска архитектура и го научил и градителскиот занает на кој потоа му се посветил. Околу 1850 година тој населил во Велес и го презел раководењето со тајфата. Заедно со браќата Никола (копаничар), Ѓорѓи (зограф) и Коста (мајстор градител и зограф) го обиколил целиот Балкански полостров и неговите дела денес се наоѓаат во Македонија, Србија и Босна и Херцеговина. Неговото име станало познато низ целиот Балкан.

Меѓу неговите дела има повеќе од 40 градби, од кои повеќето се цркви. Црквите главно ги решава како трикорабни базилики обиколени со тремови од западна, од јужна и од северна страна, над кои се наоѓаат трибини „женски цркви“ кои во западниот дел се соединуваат со галерија, создавајќи нови архитектонски решенија како симбиоза на домашната традиција неоренесансните, необарокните и неокласицистичките стилови. Посебно се истакнува внатрешниот простор на црквите со големите димензии и богатата архитектонска обработка.

Андреја Дамјанов е најзначајна градителска личност во Македонија од XIX. век, протомајстор кој за 65-годишниот живот остави 10-тина цркви во Македонија, шест во Србија, три во Босна и Херцеговина. Меѓу нив позначајни се: завршување на градбата на соборната црква „Св. Богородица“ во Скопје (1835); црквата „Св. Јован“ во Куманово (1836); „Св. Пантелејмон“ во Велес (1840); „Св. Илија“ во Печењевец, Србија (1844); црквата во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ крај Крива Паланка (1845); црквата „Св. Апостоли“ во Туреновац, Србија (1845); „Успение на Св. Богородица“ во Ново Село, Штипско (1850); „Св. Никола“ во Куманово (1851); „Св. Ѓорѓи“ во Смедерево, Србија (1850–1854); „Св. Дух“ во Ниш, Србија (1857–1872); „Св. Троица“ во Нови Варош, Србија (1857–1873); „Св. Архангел Михаил“ во Горно Чипово (1861); „Св. Богородица“ во Чајниче, Босна (1857–1863); „Св. Богородица“ во Сараево, Босна (1863–1868); „Св. Троица“ во Пирот, Србија (1868); „Св. Троица“ во Мостар, Херцеговина (1873), урната во војната (1992).

Од профаните објекти, Андреј Дамјанов ја изградил Големата касарна во Сараево и Вакувската болница во Сараево, урната во војната (1992–1995). Градителската традиција ја продолжува неговиот син Дамјан (Даме) Андреев (околу 1847–1921). Освен со архитектура, Андреја се занимавал и со сликарство. Зачувани се неколку икони во Велес и во Мостар.

Андреја Дамјанов починал во 1878 година во Велес. Погребан е на гробиштата веднаш до едно од најзначајните негови дела цркавата „Св. Пантелејмон“. По негово барање гробот на Дамјанов е без никакви ознаки, оти како што образложил, „мајсторот по делата се познава“.