Среда, 17 Февруари 2010    Печати
Митрополит Кирил
Митрополит КирилВи зборувам вистина во името на Христа,
не лажам - тоа го сведочи мојата совест
преку Светиот Дух, дека ми е многу жал
и срцето ме боли постојано; оти повеќе би сакал
јас да бидам одвоен од Христа
за браќата свои, моите сродници по плот.
(Послание до Римјаните 9, 1-3)

Ние, Православните христијани, во своето сеќавање посебно ги пазиме и славиме личностите кои на одреден начин ја „спровеле“ во дело Божјата промисла. Таквите луѓе ги нарекуваме свои учители и нивниот пример се обидуваме постојано да го оствариме и примениме во своите животи. Некои од нив се удостоиле Божјата милост и Неговата света промисла да ги определи да бидат првенци и херои во својата непосредна средина, токму меѓу својот сопствен народ. Таквите луѓе се објект на воодушевување и анализа за целото народно потомство и за сите идни генерации. Понекогаш, врз тие луѓе, односно врз нивните животни дела, се базираат сите битни и значајни настани од одреден историски период на целиот народ, а некои, пак, се директни „виновници“ за цивилизациското и културното напредување на цело едно општество. Не постои народ, кој во своите редови нема свои генији, херои и светители за кои гордо не прераскажува и не создава бројни корисни и поучителни слова, посланија и преданија. Токму со вакви чувства и емоции е обоена биографијата на големиот македонски великан, на македонскиот самопрегорен делатник, на столбот на македонскиот опстој, на човекот чиј живот е отворена историска читанка, на Митрополитот Полошко - Кумановски господинот Кирил.

Митрополит КирилВладиката Кирил е роден на 21.7.1934 година во с.Царев Двор, Преспанско. Основно образование завршува во родното село, во 1951 година, а петоразредна Богословија во Призрен, во 1956 година. Во 1960 го-дина прв пат се вработува како службеник во Скопската Митрополија. На 6.4.1964 година го прима монашкиот завет (на 7 април на празникот Св. Благовести е ракоположен во ероѓаконски чин), во манастирот "Света Пречиста" кај Кичево. Пролетта 1965 година, како член на делегацијата на МПЦ, предводена од Архиепископот Доситеј, во својство на архиѓакон за прв пат патува во Канада и во САД.

Во Московската Духовна Академија, во Загорск, каде до 1967 година завршува I степен на студиите. Веднаш потоа е повикан да се врати во татковината, а на 5 јули 1967 година на редовната седница на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква, одржана во Архиепископската резиденција во Криви Дол, е избран за викарен епископ на МПЦ со титула Тивериополски. Наречението е извршено на 11 јули 1967 година, во соборниот храм "Свети Димитриј" во Скопје, а наредниот ден, на Петровден, во овој храм, е извршена хиротонија во епископски чин. За овој настан митрополитот г. Кирил има изјавено: Со задоволство го примив името на македонскиот рамноапостол свети Кирил Солунски. А, Петровден 1967 година никогаш нема да го заборавам. Беше величествено. Беше вознесено, станав член на Светиот аархиерејски синод на МПЦ, на чија седница, одржана пет дена подоцна, на 17 јули истата година, беше донесена историската одлука за канонско возобновување на целосната афтокефалност на Охридската архиепископија во лицето на автокефалната Македонска православна црква и бев избран за прв надлежен македонски архиереј за Американско-канадско-австралиската епархија на МПЦ“.

Во 1969 година заминува за Канада, со седиште во Торонто, со цел да ја организира прекуокеанската Епархија. Со Австралиската епархија, која во 1974 година е одвоена од Американско-канадската,активно раководи до 1982 година, а со Американско- канадската до 1987 година. Во периодот на раково дењето со овие епархии, од 1971 до 1978 година, адми нистрира и со Полошко-кумановската епархија. Во 1987 година е назначен за Полошко-кумановски митрополит.

Коавтор е на монографијата "Почит кон Свети Кирил Солунски-Десетте поклоненија на Светикириловиот гроб во Рим", Скопје, 1979 година. По упокојувањето во Господа на Архиепископот Доситеј, од 22 мај до 19 август 1981 година, до изборот на новиот поглавар Архиепископот Ангелариј, ја извршува должноста местобљустител на архиепископскиот трон на нашата Света Црква. Прогласен е за почесен граѓанин во повеќе од 15 града во САД и во Канада и во неколку града во Австралија. Добитник е на повеќе признанија, плакети, како и на Орден заслуги за народ.

По успешно остварената и завршена мисија во странство, меѓу нашите иселеници, повторно по човекољубивата промисла Божја, владиката Кирил се враќа во матичната земја и овде му е доверено од Синодот на МПЦ раководењето на Полошко - Кумановската епархија. Оваа епархија се наоѓа долж границата со нашиот северен сосед, а дедо Кирил е поставен за директен браник, во првата линија на фронтот, онаму каде е најсилна заканата и каде е најстрашна опасноста. Се разбира иако ова е симболично кажано сепак си има и тоа своја логика и објаснување. Во битките најдобрите, најснаодливите и најсилните војници се праќаат во првите редови, па така и овој добар војник Христов е испратен на самото чело со задача да се бори против лагата и лицемерието, а да ја промовира и брани вистината и добрината. Неговото оружје се разбира не е калашниковот и сабјата, туку штитот на верата со кои се гаснат сите вжештени стрели на лукавиот. Облеката негова е оклопот на правдата, појасот му е самата вистина, шлемот му е спасението, а духовниот меч е сепобедливото слово Божјо. Со ваква молитва, прозба и состојба на духот е наоружан овој миленик и пратеник Божји, за да проповеда смело, како и што му прилега.
Митрополит Кирил
Во Македонија владиката Кирил уште еднаш ќе ги покаже своите исклучителни квалитети и надарености во организирањето и духовното раководење на довереното македонско Божјо стадо. Во меѓувреме ќе претрпи многу, ќе проголта доста, но затоа и наградата ќе му биде голема, а радоста бескрајна и нераспадлива. Ниту еден човек не е толку напаѓан и клеветен како Митрополитот Кирил. За жал, нападите понекогаш доаѓаа не само однадвор, туку и одвнатре, од она место каде најмалку се очекуваше да се појави опасноста. Логиката на овие напади е повеќе од јасна, нејзината девиза е „ќе ги поразам првенците, а останатите од страв ќе се разбегаат и покорат“. Но, во тие моменти, по директна интервенција Божја, се случуваат чуда, и од пред навидум безизлезните ситуации се отвора широкиот пат на излезот и спасението, а поразот се претвора во тивка и слатка победа.

Бројни битки водеше овој величествен и надарен човек. Божјата промисла го определи да ñ се најде на својата татковина тогаш кога е најтешко, кога опасностите и лукавите искушенија се најголеми. Мораме да признаеме дека за да се води и брани еден народ повеќе од 40 години не е воопшто лесна и едноставна работа. За да се биде одлучен во најтешките времиња, кога се заканува страшното ропство со сите негови пропратни демонски замки, единствено е сведоштво за големата желба за слобода, која е основниот човечки порив и основната човечка потреба. Во ситуација кога од сите страни демне опасноста и во исто време да се гради и да се сведочи вистината, навистина е потребна состојба на духот како на свет маченик и цврстина на волјата како на апостол - мисионер. А, да се укрепува, утврдува и просветува со Христовата наука народот Божји потребно е изострено око и широко срце кое сé може да опфати и истрпи како и срцето на искусен старец - подвижник и духовник.

Она што посебно го одликува Митрополитот Кирил, уште од млади години, е неверојатната верност и преданост на македонката кауза, која пред сé се состои во зачувување на националната свест на Македонецот, а потоа и во негово издигнување и промовирање на духовен и религиозен план. Ретко може да се сретне таков човек кој ќе држи исто темпо на своите уверувања, но се разбира и во напорот и желбата за практично дејствување и спроведување на зацртаниот план. За него зборовите „мајка - црква“ не значат само една обична флоскула, која се користи за обични и секојдневни потреби. Повикот на мајката - Црква за влегување во нејзиниот клир за дедо Кирил значи целосно, беспоговорно и безрезервно служење и предаденост. За владиката Кирил ништо не е побитно од овој повик, ниту своите лични амбиции, ниту личните желби, ниту своето образование.

Митрополитот Кирил за црквите во дијаспората ќе рече: Споделивме бројни радости на светите богослужби и на други свечености со присуство на десетици илјадници македонски верници, почнувајќи од Лос Анџелес до Торонто, и во многу други градови. На 19 2005 септември беше евангелисана прекрасната новоизградена црква во Хамилтон, Канада. Сега имаме уште една црква "Св. н.м. Ѓорѓи Кра товски". На 26 септември 2005 година осветивме камен-темелник за црква во Колумбо, Охајо. Создатели на ова грандиозно свето дело се околу 1.000.000 македонски верници-чеда, заедно со македонските народни пастири и архипастири.

Првиот собир го одржавме во 1975 го дина, во Торонто, Канада; вториот во Колумбо, Охајо; третиот во Хамилтон, Канада; четвртиот во Гери, Индијана, и така по ред дојдовме до 30-от во Лос Анџелес. Собирските ма ни фестации се многу значајни. Севкупните позитивни остварувања создаваат нови релации и нова позитивна клима во односите на САД и на Канада со Македонија, зацврстувајќи ги мостовите за вистинско искрено пријателство и севкупната соработка, разбирање и заемно почитување.
Нашата суверена Македонија е призната под нејзиното уставно име од оваа
најмоќна демократска велесила на планетата Земја.

Затоа, од ова место да упатиме трајна и неизмерна благодарност кон пријателските САД, а да се надеваме дека во најскоро време нејзиниотпример ќе го следат и Австралија и Канада.

Митрополит КирилСо особено задоволство можам да кажам дека македонското иселеништво во САД и во Канада, преку дејноста на македонските православни цркви, ја доживува својата вистинска црковно-духовна, културно-просветна и сенародна ренесанса и афирмација, што секако е заслуга на матичната татковина - Македонија и грижата на мајката автокефална Црква. Всушност, нашата Светоклиментова автокефална МПЦ е оној "СПИРИТУС МОВЕНС", кој ги мотивира, обединува и инспирира македонските чеда во нивното ежедневно и севкупно живеење и творење на, достојни за почит, трајни дела за себе и за идните генерации. Ова зборува дека такви добри дела можат да прават само добро организирани институции, со примерни во работата, креативни и силни луѓе, штедри дарители какви што се членовите на МПЦ, кои ги има и меѓу иселеништвото, како што ги има и овде во татковината. Луѓе проникнати со достоинство и искрено и чесно маке доно љубие. Луѓе со широки и чисти евангелски христијански погледи и љубов кон својот народ и сите луѓе. Гореискажаните бериќетни остварувања на нашата Света Црква не се голи статистички показатели.

Митрополитот Кирил сега е активен надлежен епархиски архијереј на Полошко-кумановската епархија со седиште во Скопје. Редовен член на САС на МПЦ и член на речиси сите највисоки органи и тела на МПЦ. Зборува руски јазик, а се служи и со англискиот. Епархијата Полошко-кумановска го зафаќа северозападниот дел од Република Македонија и е дел од живиот организам на Македонската Православна Црква.

Нејзин надлежен епархиски архиереј е Митрополитот Кирил и тоа од 1971 година, па сè до денес.

Во Полошко–кумановската Епархија функционираат сите нејзини епархиски органи и тела. Епархијата се состои од пет aрхиерејски намесништва, во кои има 202 цркви, 28 манастири, 54 параклиси и 194 места каде се поставени крстови, а на кои во годината по разни поводи се собираат голем број верници.

- Архиејско намесништво Тетово: 72 цркви, 10 манастири,
6 параклиси и еден крст.

- Архиерејско намесништво Гостивар: 45 цркви,
6 манастири, 20 параклиси и 4 крстови.

- Архиерејско намесништво Куманово: 60 цркви,
8 манастири, 12 параклиси и 120 крстови.

- Архиерејско намесништво Кратово: 12 цркви,
3 манастири, 9 параклиси и 19 крстови.

- Архиерејско намесништво Крива Паланка: 13 цркви,
еден манастир, 7 параклиси и 50 крстови.

Најпознати манастири во оваа епархија се:

Манастир на свети великомаченик Георгиј, Старо Нагоричане
Манастир на свети Јоаким Осоговски, Крива Паланка
Манастир на свети Никола, Псача
Манастир на свети Атанасиј Велики, Лешок
Манастир на Пресвета Богородица, Матејче

Оваа епархија обединува околу 200.000 верници, православни христијани. Преку петте архиерејски намесници и преку црковните и манастирските настојателства, се координираат работите на црковно-духовен и финансиско-материјален план на целиот нејзин простор. Административно-организационата дејност се извршува од страна на надлежниот Епархиски Архиереј г. Кирил и секретарот на истата, протоѓагонот Вичко Гочевски.

Поради малиот број верници во оваа Епархија, што се должи на емиграцијата во прекуокеанските и европските земји или миграцијата на населението од селата главно во градовите во нашата суверена држава, со текот на времето голем број селски парохии беа крајно осиромашени. Еден подолг временски период во нив како да престана да пулсира не само црковно-духовниот, туку и обичниот живот. Со големи напори и лични посети на епархискиот архиереј, на секретарот, како и на нивните најблиски соработници, речиси во сите, дури и најоддалечени селски населби, отпочна повторно да заживува верата, со што и самите места доживеаја преродба. Не се допушти да згасне кандилцето на светото Православие пред ликот на Спасителот Господ Исус Христос, на Пресвета Богородица; на вечно живите пред Бога свети Климент и свети Наум охридските чудотворци и пред ликот на сите светии-застапници пред Бога за вековно опстојување на нашиот благороден македонски народ и на овие простори на светата библиска и апостолска македонска земја.

Во текот на овие години се изградени 26 цркви, 11 манастири, 69 обновени и изградени објекти за крштевки и парастоси. Над поголем број цркви и манастири се извршени сеопфатни санациони и реставраторски работи, со што тие се заштитени од понатамошно пропаѓање.