Среда, 08 Октомври 2014    Печати
Македонското знаме на Саемот за спорт и култура во Франција

Минатиот месец во Мант ла Жоли, Франција се одржа Саемот за спорт и култура.

10703537 10204664811370303 8450252467256359369 n

Слободното време исполнето со спорт и култура е составен дел од животот на жителите на Мант ла Жоли. За таа цел оваа општина организира стотици анимации од различни видови, кои се одржуваат на годишно ниво во градот: шоуа, концерти, изложби, спортски настани итн. Целта е на граѓаните да им даде пристап до што повеќе уметнички изразувања и спортски манифестации.

Преку овие културни настани и преку разните спортски активности, за збогатување на можностите за дополнителни активности свој придонос дадоа и асоцијациите кои функционираат во оваа општина.

Нашата македонско-француска асоцијација „Блаже Конески“ со претседателката на асоцијацијата г-ѓа Сузана Сурловски, поголемиот дел од нејзините членови и учениците од училиштето за дополнителна настава по македонски јазик привлекоа голем интерес кај претставниците од другите асоцијации и кај бројните посетители. Беше промовирана Република Македонија преку постери, со кои беше украсен нашиот штанд, со флаери за прекрасните предели на нашата земја. Не изостанаа и прекрасните македонски традиционални специјалитети, кои веќе добро се прифатени меѓу нашите сограѓани. И на крај голем аплауз и воодушевување предизвикавме со звуците на нашата македонска народна песна, прекрасните македонски народни носии и со единствените македонски народни ора, изведени на главната бина.

Секој обид направен за да се претстави својата земја, преку анимации и многу активности колку што е можно на едно место, им дозволува на посетителите да стекнат информации и сознанија за Република Македонија.

Интересот што го предизвикува нашиот штанд е доста голем, а за тоа говори и посетата од многу видни личности, и тоа: градоначалникотг.Michel Vialay, помошникот на градоначалникотг.Jean-Luc Santini и директорката на Куќата на асоцијации г-ѓа Leila Belarbi. Тие веќе добро се запознаени со нашите бројни активности за афирмација на Република Македонија, тие се големи пријатели и вљубеници на нашата земја и во својата комуникација користат македонски зборови.

Македонска нација