Среда, 08 Декември 2021    Печати
Легенди и верувања: Од минатото на селото Арвати

selo-arvatiЛегендите и митолошките верувања се често застапени сред луѓето кои се интересираат и сакат да знаат како настанале некои места или случки. За одредени нешта, во атарот на селото Арвати има повеќе легенди.

Како што е познато во селото Арвати се изградени неколку црковни храмови меѓу кои и храмот на манастирот Пресвета Голема Богородица. За подигањето на овој храм, меѓу старите мештани се говорело дека некогаш пред да биде изграден денешниот храм на истото место преку ноќта, на жителите од маалото Реџовци (од албанско население) кое се наоѓа преку реката спроти постојниот храм, им се сторило дека слушаат некакво плачење од женски глас. На западната страна во непосредна близина од тоа место живеело и тогаш и денес живее семејството Лозановци. Но, на Лозановци не им се причинувало дека го слушаат гласот, бидејќи не биле од спротива на тоа место од каде доаѓал тој тажен плач.

Еден ден мештаните од преку реката, им рекле на постарите луѓе од семејството на Лозановци: А бре комшии, има неколку вечери на она место преку реката на среде ноќ како да ни се слуша некакво плачење од женски глас. Па, рековме да ви кажеме да се види што е тоа плачење, дали е некоја напатена жена, или се работи за нешто друго.

Кога ги слушнале постарите луѓе на Лозановци тие зборови од нивните комшии ги известиле сите луѓе од Арвати, со мисла дека тоа плачење можеби е на Пресвета Богородица и местото каде плаче, треба да и припаѓа нејзе.

Тогаш селаните од село Арвати се собрале и го изградиле овој свет храм. Откако го изградиле селаните храмот, плачењето веќе престанало и од тогаш го нарекле манастир на Пресвета Голема Богородица на која патрониот ден и е на 28 август каде се збираат луѓе (верници) од сите околни села.

Многу е важно со изградувањето на светиот храм на Пресвета Голема Богородица во тоа време, на жителите од Арвати им се создаде можност, тој ден да го служат како селска слава со пречекување на гости.

Преку селскиот пат кој води за арватската планина веднаш од спротивната страна на светиот манастир Голема Богородица е изградено едно малечко црквиче кое исто така е дел од тој свет манастир. За ова црквиче се кажува следното:

Пред повеќе години, уште кога била жива Ането (мајка на Цико Џумгов) од село Арвати, на кои нивата им е веднаш до патот, видела соне дека Пресвета Богородица била седната на крајот од нивната нива, со наведната глава како да се моли. На утрото, Ането на своите домашни им го раскажала сонето и им рекла: на тоа место ќе морам да изградам едно мало црквиче за Богородица и да остане вечен спомен.

Еден ден Ането ошла кај мајсторот Стефан Пампулевски (Недановски) кој во тоа време бил прочуен ѕидар, му кажала за сонето и го замолила да и го соѕида црквичето. Кога го слушнал тоа Стефан, одма прифатил и еден ден отишол и го соѕидал црквичето кое и ден денес постои.

Многу е интересно и важно што црквичето е подигнато од виденото соне на Ането Џумговска. Иако таа била муслиманка, сепак како божествена жена го прифатила сонето и од самата сугестија решила и го направила црквичето кое било осветено од православни свештеници.

Како што и порано рековме дека во селото Арвати, покрај православните жители живее и албанско население. Но е многу важно што и тие се верници во она што си веруваат. Затоа денес нема човек од албанско население да помине покрај Пресвета Богородица, а да не подари нешто за здравје затоа што тие Богородица ја признаваат како господов светец која им помага на сите луѓе, не е важно од кој род или која вера.

Голема и Мала Калуѓерица

Во пазувите на планината Баба, на неколку километри од селото Арвати, Преспа има две места што се викаат: Голема Калуѓерица и Мала Калуѓерица.

За имињата на овие две места, по кажувањето на старите луѓе од селото Арвати, се вели дека ги добиле по тоа што тука некогаш биле населени калуѓери кои подоцна се поделиле на две групи. Едната група била поголема и останала на истото место, а помалата група се преселила на неколку километри подалеку на северо-источната страна покрај Србинова Река.

Кога калуѓерите решиле од разни причини да ги напуштат овие две места, арватските староседелци ги крстиле местата да се викаат по бројноста на калуѓерите: Голема Калуѓерица и Мала Калуѓерица. За заминувањето на калуѓерите врзано е и едно верување сред населението дека постои калуѓерска клетва. Имено, во тоа време, кога  калуѓерите живееле таму, живееле под многу тешки услови. Често пати биле напаѓани и ограбувани од разни арамии и други зулумџии кои во тоа време не само таму, туку и насекаде ограбувале и правеле пакост.

Кога виделе калуѓерите дека повеќе не ќе можат да живеат под такви услови решиле да ги напуштат местата и да одат во Света Гора. Но од големи маки што претрпеле во двете места тие проколнале:

„До каде тече оваа река аир да нема“.

Овие зборови тие ги напишале на книга и книгата ја однесле во Света Гора.

И од тогаш, небаре од нивната клетва селата Арвати и Крани низ кои течи таа река, често пати страдале од разни зулумџии како и од временски непогоди.

Како што зборувале и верувале постарите луѓе, ако денес некој оди во Света Гора треба да ја пронајде и да ја поништи таа клетва изречена и напишана од тие калуѓери, белки овие две села ќе имаат поголем напредок.

Од книгата „Арвати“ од Алексо Лозановски, Скопје 2001.