Среда, 17 Февруари 2021    Печати
Скопска чаршија

skopska-carsija

Поминувајќи по камениот мост на реката Вардар, се навлегува во стариот дел на градот Скопје. Во просторот од Даут-пашиниот амам до Битпазар, реката Серава на исток и црквата Св. Спас, односно џамијата на Мустафа Паша кон запад во тој дел е старата чаршија.

За историјата на Скопје неговите знаменитости како и за старата чаршија има сочувано пишани документи и патописи.

Турскиот патописец Евлија Челебија престојувал во Скопје 1660/1661 година и ни ги соопштува своите впечатоци за градот и старата чаршија. Евлија споменува дека чаршијата имала 2150 дуќани, тргови и пазари градени од цврст материјал, и ги издвојува чаршиите: бесчиска, на казазите, чадорџиите, папуџиите и други и ја споредува со Багдадската чаршија.

Англискиот лекар Е. Браун престојувал во 1669 година и го споменува Скопје како голем трговски град и значајна сообраќајница. Меѓу другото, додава дека имало 700 кожари, кои ја преработувале кожата и ја извезувале и во други земји, дека имало прекрасен безистен покриен со олово, а чаршијата била соградена од штици и во неа биле поставени повеќе убави пазари....

Чаршијата била лоцирана во централниот дел од градот, кон која гравитирале сите патишта. Таа претставувала средиште на занаетите, трговијата и сообраќајот. Кон нејзиниот состав биле изградени јавни објекти, за потребите на населението: безистен, џамии, анови, каравансараи, медреси и слично.

Доминантно место заземал бесистенот изграден од цврст материјал.

Со развивањето на занаетчиството и трговијата кои стануваат значајна стопанска гранка за Скопје се проширува опсегот на чаршијата  и постепено се уредува во организиран организам кој живее и пулсира и покрај сите промени што ги доживува во својот развиток скоро до крајот на 19 век.

Старата чаршија го доживува својот расцут во време на турското владеење, пред се` заради слабо развиената индустрија. Таа настојувала да ги задоволи потребите на населението, вкусот на луѓето и се покажувала експанзивна во усвојувањето на пазариштата по другите градови во Македонија и надвор од нејзините граници.

Занаетчиите држеле до својот углед и настојувале да стекнат доверба кај муштериите и своите колеги. Во тој поглед важна улога играле нивните цехови – еснафи организирани според видот на занаетчиите. Еснафот ги казнувал оние мајстори кои се служеле со лаги, ги поткраднувале муштериите, изготвувале неквалитетни производи за сметка на цената и слично.

Големиот чаршиски простор бил поделен на одделни чаршии во кои биле групирани одделни занаетчиски работилници и дуќани. И затоа најчесто чаршиите и улиците добивале назив според видот на занаетот. Таквиот распоред не допуштал мешање на занаетите.

Во езгрото на чаршијата бил безистенот, изграден од цврст материјал кој служел за потребите на еснафот. Со развивањето на чаршијата се подигале се` поголем број дуќани сместени еден до друг, во иста висина, од сите страни на улиците. За полесно комуницирање со главните прометни улици се правеле помали пресечки на чии страни биле поместени трговско-занаетчиските дуќани. Тие исто така, биле долепени до монументалните објекти: ановите, безистенот, амамите. Во скопската чаршија постоел покриен дел кој се викал капали чаршија.

Дуќаните биле правени со едноставни, бандручни конструкции и слаб материјал.  На фасадите, свртени кон улиците имале големи отвори, што се затворале со капаци од штици. Според природата и развиеноста на работата се додавале простории до задниот дел или на спрат за сместување на работилници или за спремиште на стоката.

Кон крајот на XIX век, со појавата на индустриската стока, со раслојувањето на еснафите, појавата на нови занаети и изумирањето на старите, со менувањето на начинот на животот и потребите на луѓето, настапил процесот на напуштање на установениот поредок во чаршијата и нејзиното дефизиономирање.

Изменетите историски и економски услови придонеле да се измени некогашната расположба на одделни чаршии, доаѓало до мешање и инфилтрирање на други занаетчиски и трговски дуќани и според потребите се менувал нивниот изглед и обем.

Скопската чаршија и денес претставува интересен и атрактивен амбиент. Во сплетот на улиците се одвива жива занаетчиска и трговска дејност. И денес ќе се сретнеме со вештите занаетчии, со последните кепенци на старите дуќани: абаџиите, терзиите, ахчиите, бичакчиите (ножари), опинчари, кондураџии, калајџи, тенекеџии, јажари, ковачи, јорганџии итн.

Земјотресот од 1963 година и` нанесе големи штети на чаршијата. Во наредните години таа ќе биде реставрирана во духот на минатото и прилагодена на потребите од современиот живот.

ОдкнигатаСпоменицинакултуратавоСРМакедонијаодАнтониеНиколовски, ДимитарЌорнаков, КостаБалабанов, Скопје 1971 г.

 

Подготви: Марко Китевски