Среда, 20 Октомври 2021    Печати
ДЕЛ ОД ЖИВОТНАТА ПРИКАЗНА НА ИСЕЛЕНИКОТ ПЕТАР СТАМАТОВ ОД СМИЛЕВО (2)

1fon121ИСЕЛЕНИЧКАТА ФОНДАЦИЈА „ПЕТАР СТАМАТОВ“ НА УКИМ 

По угледот на најголемиот донатор во иселеништвото и фондацијата, Атанас Близнаков“, се формира и Фондацијата “Петар Стаматоф” на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Втората Фондацијата е животен завет на Петар Стаматов и на неговата сопруга Јажа од Чикаго. Иако тие немале биолошки пород, меѓутоа имаат стотина свои студенти кои остануваат крајно благодарни за помошта што им ја дале во овие дваесетина години

Во повеќе продолженија во порталот „Македонска нација“ ќе се обидовме да   ја претставиме посветеноста на Македонија на еден скромен Македонец на северноамериканскиот континент донаторот Петар Стаматов кој е роден во револуционерното Смилево, а живееше во САД. Преку неговото монографско дело на англиски и македонски јазик, насловено како „Петар Стаматов“ од Славе Николовски-Катин и Методија Трајковски, а во издание на на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, 2010, 1-192, (на македонски и англиски),. читателите ќе бидат запознати со бројни аргументи и факти за неговата Фондација како  донатор од македонското иселеништво.

Петар Стаматов, доблесниот донатор по потекло од селото Смилево, ја напуштил својата родна земја – Македонија од економски причини, а спомените, мислата, љубовта, тагата и патриотскиот дух кон татковината и својот народ не го напуштиле. Проникнувањето на овие хоризонтали во животот на Петар Стаматов и другите донатори, како и сите Македонци ширум дијаспората, ја открива сликата за библиската природа на земјата на нивното потекло сместена на балканските простори.

Инаку, роднините, соселаните и пријателите во Македонија Петар Стаматов го викале Петре, додека неговото презиме Стаматов, со доаѓањето во новата земја, администрацијата во САД го завела како Стаматоф (со две ф), што е случај за сите славјански презимиња што завршуваат на “в”. Затоа и неговата донација при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје е регистрирана како Фондација “Петар Стаматоф”.

1fon1212Животната приказна на Петар Стаматов е, истовремено, и скромен дел од историјата на неговото родно Смилево, на Македонците во дијаспората, а преку нив и на нивната татковина – Македонија. Зашто она што се случувало од исконските времиња на Филип Втори и Александар Трети - Македонски, или како што е познат Александар Велики, преку незаборавните битки на цар Самуил, до оние на Гоце Делчев, Даме Груев и сите борци по нив, ги отсликуваат историските голготи низ кои минала Македонија, се’ до нејзиното прогласување за самостојна, демократска и независна држава. Затоа, може да се рече,  со монографскиот труд за доблесниот иселеник Петар Стаматов, во скромни рамки се проектира најновата фаза на македонската иселеничка историја.

Тој е личност за почит и пример од кој можат и треба да се огледаат и други Македонци во двете татковини, САД и Македонија. Делото што го направиле Петар Стаматов и неговата сопруга Јажа, Американка од полско потекло, претставува убав пример и патоказ на еден честит, мешан  и благороден американски брачен пар, меѓу Македонец и Полјачка.

Животот на еден благороден иселеник од Македонија во Соединетите Американски Држави, како што бил Петар Стаматов сместен во еден ограничен со податоци биографско-публицистички времеплов е своевидна сага за неговото опстојување. Монографијата за Петар Стаматов, со сета скромност е лика и прилика за неговиот живот и за делото што тој го остави вечно да се сеќаваат младите генерациите во Македонија.

Иако најголемиот дел од животот го минал во емиграција,  Стаматов до крајот на своето битисување останал поврзан со родната земја - Македонија. Тој не се покажал како обичен печалбар кој, ете, отишол само да спечали и да се врати, или после долгата и успешна печалба да остане во туѓина и таму да ги остави коските. Напротив, покрај печалбарската судбина, Петар Стаматов во САД, како личност, настојувал да навлезе во суштината на животот во новата средина и во македонската вистина, слобода, иднина...

Затоа кај него тлеела неговата убава и правдољубива идеја за Македонија, а со тоа тој се издигнал над времете во кое живеел. Целиот свој живот делбата на Македонија ја сваќал како трагедија и погуба на македонското дело, на својот народ и на идните македонски генерации.

1fon1213Треба да се потенцира дека по угледот на најголемиот донатор во иселеништвото, Атанас Близнаков, со формирањето на својата Фондација “Петар Стаматоф”  бил убеден дека ќе даде драгоцен прилог и придонес за Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, а во исто време за македонската младина  и народ и за неговата родна земја - Македонија. Тој бил убедуван дека неговото дело, во исто време ќе претставува поттик и инспирација за идните македонски генерации, особено во иселеништвото, а и пошироко во Македонија.

Монографијата за Петар Стаматов и неговата Фондација “Петар Стаматоф” се потпира на фактографија која извира од неговиот животен опус и од големото дело. Книгата е скромна слика за човекот кој поголемиот дел од животот го поминал во Чикаго, САД, и кој направил големо дело со формирањето на неговата Фондација, со цел да им помогне на младите македонски генерации - студенти.

Меѓутоа, целосна претстава за него може да се добие ако за проекцијата се прекрши родното огниште - легендарното Смилево, потоа Битола, каде го поминал своето детство, и неговите две татковини – Македонија и САД.

Монографијата за донаторот Петар Стаматов е поделена на неколку дела. Во нив се претставени неговите две татковини – родната Македонија и Соединетите Американски Држави каде го завршил неговиот овоземен живот. Посебен простор е посветен на Фондацијата “Петара Стаматоф” која е формирана по примерот на Фондацијата “Атанас Близнакоф”. Овие две фондации на македонски иселеници во дијаспората, досега се најголеми на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, а и во Македонија во целина.

Фондацијата “Петар Стаматоф” е животен завет на Петар Стаматов и на неговата сопруга Јажа. Иако тие немале биолошки пород, меѓутоа имаат стотина свои студенти кои остануваат крајно благодарни за помошта што им ја дале во овие дваесетина години. Името и делото на Петар Стаматов ќе се слави вечно кај генерациите кои досега, а и во иднина ќе ја  почувствуваат економската поткрепа од Фондацијата “Петара Стаматоф”.

Продолжува

1slave 1Пишува: СЛАВЕ КАТИН