Среда, 04 Август 2021    Печати
МАКЕДОНСКИОТ РЕВОЛУЦИОНЕР ДАМЕ ГРУЕВ ВО РУСИНОВО (17)

1dam12Даме Груев од Смилево си остана чист македонски национален револуционер. Веруваше дека Европа ќе помогне во ослободувањето на Македонија. Но, како и други пред него и по него се излажа. По востанието Груев останал во Битолско со народот за да работи на консолидирање на Организацијата. Се застапувал за Организацијата да продолжи да функционира, централизирана како тајна држава во османлиската држава, како „подземна република“.

Во 1905 година претседавал на Општиот конгрес на Револуционерната организација и бил избран за член на Централниот комитет. Сакал да се надминат поделбите но постигнатото единство на Конгресот траело кратко. Даме Груев одлучил да се врати на теренот во Македонија.

Инаку, родното место на Даме Груев Смилево се наоѓа на крајниот јужен дел од територијата на Општина Демир Хисар, во подножјето на Бигла Планина. Селото е ридско, на надморска височина од околу 950 метри. Кон крајот на XIX век селото влегувало во рамките на Битолската каза и се состоело од две маала, Старо и Ново Смилево. Центарот на селото се наоѓал во Ново Смилево и тоа маало имало околу 400 куќи, а Старо Смилево имало 10 куќи.

Во селото имало егзархиска црква и училиште. Староседелците на селото се Брсјаци и тие живееле во Старо Смилево додека, пак, во Ново Смилево живееле новодоселените - Мијаците. Во средината на XVIII век во Смилево се доселиле повеќе мијачки фамилии од Галичник, Гари, Тресонче и Лазарополе

Даме Груев загинал во борбата на врвот Петлец, кај село Русиново, Малешевско, на  23. XII 1906 година. Населението од Русиново го погребало во дворот на селската црква. Подоцна неговите останки биле пренесени во село Смилево.

За смртта на големиот македонски револуционер Даме Груев и неговите последни мигови напишал еден од најголемите синови на Малешевијата - Никола Петров-Русински. Русински запишал: „Даме и четата, која го придружуваше и во Русиново, само неколку дена пред заминувањето од Струмица за Русиново, претерале неколку коњи натоварени со пушки за Кукуш. Близу до Аржанското Блато, еден од натоварените коњи со оружје се изгубил и отишол во село Гаваланци, во чифлигот на Зора-бег. Бегот го вратил коњот, плашејќи се дека намерно му бил испратен и дека веројатно ќе му бараат откуп за пушките. По оставањето на оружјето во Кукушко, без да се задржуваат, заминале за Струмица и до последниот нивни крај Русиново - Петлец".

 1dam123

Чествување на Даме Груев во Русиново

Според пишаните документи, четата на Даме Груев влегла во селото Русиново и заседнала во куќата на Димитар Р. Алаѓозов. За жал, Комитетот од Русиново на чело со малешевскиот револуционер Иван Белчев  не му обезбедил посигурна куќа во селото, како и не обезбедил стражари внатре и околу куќата, за што се смета дека бил направен кукавички и предавнички чин.

Исто така, Русински запишал дека во крвавата битка прочуениот смилевски  даскал, апостолот на македонската слобода Даме Груев, ја нашол својата херојска смрт на 23 декември 1906 година. Следниот ден, на 24 декември турските воени власти наредиле убиените да се кренат од местото на погубувањето и да бидат погребани. Селаните ги погребале Даме Груев, Сандо Китанов и Атанас Карчев  во еден гроб кај русинската црква, а мртвото телото на Ѓорѓи Поп Стојанов го однеле во Владимирово.

Сопствениците на куќата во Русиново, Димитар Р. Алаѓозов и неговата жена Божана биле отсутни од дома и не знаеле што се случило во нивната куќа. Тиа биле пречекани пред нивната куќа од разлутените заптии кои без да ги распрашат каде биле, што правеле, веднаш ги застрелале.

Според податоците на Русински, Иван Белчев се криел во друга куќа и не учествувал во престрелката. Селската револуционерна организација, огорчена од таквиот чин на Иван Белчев, врз кого била фрлена целата вина за смртта на Даме Груев и неговите револуционери, го повикала да одговара пред селскиот револуционерен суд. За жал, Белчев не се потчинил на Револуционерната организација туку пребегнал кај врховистите, од каде се заканувал на раководството, разбојникувал и убивал. Така, Белчев го убил највредниот член на раководството Мито Ников Трнков. Подоцна, следеле и убиствата на некои членови на Организацијата како што се, Серафим Горѓиов Трнков и Горѓи Василев Хоџов, за на крајот, на 11 февруари 1921 година и платеникот Иван Белчев  да биде убиен од српските власти.

 Со загинувањето на Даме Груев, Димитар Влахов го забележал следното:

„Со смртта на Дамјан Груев му се нанесе огромен удар на македонското ослободително движење. Местото што тој го имаше остана незафатено, празно. Немаше фигура што можеше да го замени паднатиот на својот боен постмакедонски револуционер, немаше човек што можеше да го има авторитетот на Даме Груев и да служи како центар за обединување на македонските сили“.

1dam124На гробот на Даме Груев во Русиново 

На апостолот Даме Груев му е подигната скромна биста во Русиново и спомен-плоча на Петлец. Овие историски места се посетувани од мештаните на Русиново и околните места, од претставници на Општините Берово, Пехчево, Делчево, Виница, од бројни почитувачи на неговото име и дело од Република Македонија, од Пирин и Егеј, претставници  од Смилево и „Здружението на граѓани за заштита на ликот и делото на Дамјан Груев–Битола“, како и планинарски друштва кои учествуваат на планинарскиот марш кон врвот Петлец.

  Во чест на војводите Даме Груев и Никола Петров-Русински, во беровското село Русиново се одржуваат пригодни манифестации. Така, чествувањата започнува со панихида за војводите во црквата „Света Петка Параскева“ во Русиново. По одржаната богослужба гостите и делегациите на општините Берово, Делчево и Пехчево се поклонуваат пред гробот на неговите соборци Сандо Китанов, Атанас Карчев  и Ѓорѓи Поп Стојанов, загинати на Петлец на 23 декември 1906 година, а кој се наоѓа на селските гробишта.

Потоа, прославата продолжува со читањето на пригоден реферат за значењето на Даме Груев и неговите истовременици, пред споменикот на револуционерот, во центарот на селото. Во рамките на чествувањето десетина планинарски друштва учествуваат на планинарскиот марш кон врвот Петлец.

Сите тие се однесуваат со голема почит и се трудат да ги заштитат  и продолжат постигнувањата на револуционерот и учителот, војводата  Даме Груев, а со тоа да ги зацврстат корените на Македонците ширум светот.

Продолжува 

1slave Пишува СЛАВЕ КАТИН