Среда, 16 Јуни 2021    Печати
СО ПОЧИТ И ЉУБОВ КОН МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНСКОТО ИСЕЛЕНИШТВО

1sla12345

ДЕЛ ОД ТВОРЕШТВОТО НА СЛАВЕ КАТИН 

Славе Николовски-Катин, кој е познат само како Славе Катин е голем вљубеник во својата родна Преспа, во Охрид, во етничка Македонија и македонскиот народ, како и во Македонската православна црква - Охридска архиепископија и во Македонците насекаде во светот. Тој и’ е познат на македонската и на меѓународната јавност по неговите бројни публикации, новинарски и научни трудови кои се посветени, главно, на етничка Македонија и на животот на Македонците во дијаспората.

Македонското иселеништво е алфа и омега во творештвото на Славе Катин. Се’ што напишал и објавил во неговите книги, патеписи, репортажи, прикази, белешки, е длабоко проникнато со животот и опстанокот на Ма­кедонците во светот. Тие се негова генетска преокупација, која го потврдува фактот дека  е маѓепсан од феноменот на македонската голгота.

Македонија е опсесија на Славе Катин, од која нема да се раздели до крајот на својот живот. Зашто на овој свет дошол да трага по Македонците, по оние вистинските во земјата и во светот и со нив да го споделува и доброто и злото, давајќи се’ од себе да го осветли нивниот живот, нивните победи и порази, во сите фази на нивната ци­ви­лизациска битка за одржување во планетарната орбита, како ѕвезда чиј сјај не потемнува.

Еден од добрите познавачи на неговото творештво, професор  д-р Вера Стојчевска - Антиќ, во повеќе прилики по повод промоциите на делата на Катин, ќе истакне „Да се зборува за македонското иселе­­­ниш­­тво во светот, значи да зборуваме самите за себе, за нашата исто­ри­­­ја, за на­­шата миграција, за нашата историско-општествена состојба во егзистенцијалниот континуитет. Кога го читаме она што Катин го на­пишал за нашите преселници, тоа значи дека со нескротлив интерес се само­за­по­знаваме. 

Зашто тие преселници се наши роднини, оние кои своите ге­нео­лошки гранки ги пресадуваат во некоја далечна земја, за нас позната пре­ку прераскажувањата, а во која, еве, продолжува се­меј­ниот растеж, честопати пренесен од кај Драгорот долж Аризона, од Треска кај Нија­гара, од Преспанското Езеро кај Циришките Езера, или крај бескрај­ни­те океани на Америка и Австралија. 

Чувството за македонското иселеништво е такво зашто наши­те пре­­селници се некогашните комшии со кои растевме и ги формирав­ме на­­виките во маалата во кои живеевме, или тие се нашите сограѓани кои сега ги среќаваме наместо средсело или на плоштадите во Македони­ја, ши­рум светот, крај плажите на Лонг Бич во Лос Анѓелес, во Мајами Бич или сред Лозана и Фрајбург. 

Во тие моменти јас го наоѓав важниот спој на не­ко­гашниот заеднички живот, макар за еден ден или за неколку часови, кои живот знача“, нагласува Стојчевска - Антиќ и додава: дека дружејќи се со нив, Катин ги запознал постепено и перманентно, со сите нивни преоку­пации, судбини, истории. Не може човек да го запознае менталитетот на нашиот преселник, без личните контакти со него, во сообразност со сре­дината што ја одбрал за своја втора земја, по Татковината. Катин имал многу средби со нив, многу изминати денови со нив, како син на вредни преселници“.

Педесет години Славе Николовски - Катин ја следи пре­сел­нич­­ката судбина на Македонците, нивната економска ситуација, кул­тур­ниот престиж, улогата на МПЦ во нивното мотивирање за реализација на бројни програми на медиумски, културно-уметнички, спортски и духовен план. Со фактографски материјали за состојбите на македонските пре­сел­ници во светот, со афинитет да ги овековечи нивните судбини и со умешност и талент од секое пократко или подолго патување да под­гот­ви репортажа, патопис, скица или белешка. Со осет и љубов кон исто­ри­јата на македонското печалбарство, Славе Катин секогаш на секој Македонец му подарува убава литература, низ која ќе ја доживее својата судбина, не само во државата во која се преселил, туку и во својата Татковина.

Славе Ка­тин  е еден од најдобрите познавачи на македонското исе­леништво, кој со својата богата пишана продукција, со секој свој наслов ги збо­­гатува хо­ризонтите на македонската вистина. Во нив тој ја открива бол­­ната тра­гедија на Македонците, подигната до ниво на една колектив­на национална суд­бина и историска категорија, исполнувајќи ја притоа оп­штествената ми­сија во одржувањето и градењето на врските меѓу ра­се­лените Ма­ке­дон­ци и оние што живеат и создаваат во сопствената сло­бодна и не­за­вис­на држава.

Сублимирајќи ја судбината на Македонците на Балканот со онаа на раселените, Катин остварува своевидна исто­рис­ка синтеза ко­ја овозможува автентичен поглед на македонската ис­то­рија, создавана низ вековите, низ нивните  бу­ни и востанија против број­ните освојувачи. Низ диоптријата на Катин се­кој Македонец ја со­гле­дува големината на просторот на неговата држава, која низ вековите до­живувала трансформации во нејзиното рас­пар­чу­вање, од нејзините со­седи, кои и покрај жилавите напади и освојувања низ вековите, не мо­жеа да ја освојат.         

Преокупиран со македонската колективна судбина, Славе Катин оста­нува фанатично приврзан кон оваа важна национална тема. Тој ни ја от­­крива нај­болната македонска трагедија, кревајќи ја и возвишувајќи ја на ниво на една колективна национална судбина и историска ка­те­го­рија, испол­ну­вајќи ја, притоа, општествената мисија во одржу­ва­ње­то и градењето на врските меѓу раселените Македонци и оние кои живеат и создаваат во Република Македонија

Славе Катин е автор кој најимпресивно ги доловува талкањата на ма­ке­донските економски и политички емигранти и сите протерани по светот, односно нивното раселување, па и современото отселување, а низ тоа и нашето разма­ке­дон­чу­вање, на­шата најболна рана, која за жал и денес не стивнува. Поминувајќи од судбина до судбина, секоја различна по својот скитнички знак, тој ефектно го прикажува духот и психата на тие несреќни луѓе, кои се’ уште не можат да ја прифатат својата судбина. Потврдувајќи се како автор со вистински афинитет кон оваа тема, Славе Катин е нејзин верен и смел истра­жу­­­вач, нејзин страствен опсерватор и протагонист, нејзин очевидец и ело­квентен сведок.

Неговите текстови не само што ги опишуваат сред­бите и настаните, туку предизвикуваат љубов и верност кон татковина­та етничка Македонија, а низ нив се сублимира и авторовата визија за македонството. Токму поради тоа, делата на Славе Катин имаат и историски аспекти, хуманистички пораки, ин­тимни исповеди, патриотски мечти, но и психо­лош­ки и соци­јални еле­менти.

Продолжува

1Dusan Ristevski ДУШАН РИСТЕВСКИ - МАКЕДОН