Среда, 22 Јануари 2020    Печати
Академик Жан Митрев – човекот со големо македонско срце (4)

zan mitrev

ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА ЛИЧНОСТИ ОД МАКЕДОНИЈА ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“

Голем е предизвикот да се пишува за академик д-р Жан Митрев, за човекот со големо македонско срце, за човекот кои спасил многу животи, за човекот кој оди и води по правиот македонски пат, за човекот кој е познат и признат во Македонија и во светот. Да се пишува   за ваква личност во исто време претставува и задоволство и обврска, и почит и преку него и афирмација на својот македонски народ и на Македонија од античко време до денес.

Академик д-р Жан Митрев е човекот на кого со Божја промисла му се оствари сонот што го сонуваше и во Македонија и надвор од родната земја, во дијаспората, и стана  реалност неговата клиника која го носи името на македонскиот крал Филип Втори да биде во Македонија. Му се оствари желбата да стане врвен македонски лекар, специјалист по кардиохирургија, научен работник и академик.

Жан Митрев Костадинов е роден на 11 јануари 1961 година во Штип. Потекнува од семејство каде се негувала вербата во традицијата. Израснат и воспитан во кругот на семејството каде отсекогаш се почитувале верата и христијанските обичаи, кај него се развива почитта кон религијата и љубовта кон Македонија и својот роден град Штип, кој дал многу значајни личности од областа на просветата, политиката, науката, уметноста, културата и спортот.

Најголем дел од својата младост ја поминува во Штип, со  сите животни фази на детството и адолесценцијата, како и во Виница, од каде е неговата мајка Милка. Митрев завршува основно и средно (гимназиско) образование во Штип, а од 1979 година студира на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје. По дипломирањето во 1985 година, се вработува како лекар по општа практика на Одделот  за брза помош, Општа хирургија во болницата во родниот град Штип, каде ја доживува својата прва стручна афирмација.

Меѓутоа, иако се длабоки корените кои еден млад човек го поврзуваат со родниот град, судбината ќе го одвои Митрев од родната грутка и ќе го однесе далеку од Македонија, од  неговите другари, пријатели...   И тргнува по патот на успехот. Навидум неостварливата студентска желба кога за време на студентската практика се сретнува со кардиохирургијата, станува возможна во 1988 година кога добива специјализација по општа хирургија на Медицинскиот факултет во Скопје.

Стремежот да се занимава со оперативни зафати на градниот кош (торакална хирургија) ќе го одведе истата година на Клиниката за кардиохирургија „РЕБРО” на Медицинскиот факултет во Загреб. Таму за првпат ќе се сретне со вистинските оперативни зафати на отворен граден кош и операции на срце. На Медицинскиот факултет во Загреб ги завршува и постдипломските студии.

zan mitrev2

Штип

Својот пат го продолжува од Загреб во Франкфурт каде што две години работи како асистент и научен асистент на Клиниката за торакална и кардиоваскуларна хирургија „Јохан Волфганг Гете” на Универзитетот во Франкфурт, Германија. Потоа, во 1993 година, му било овозможено девет месеци  да работи како асистент на Клиниката за кардиохирургија во Лудвигсхафен, како и една година  да  биде асистент на Клиниката за кардиоваскуларна хирургија, на Медицинскиот факултет во Цирих, Швајцарија.

Во период од октомври 1994 до јуни 1997 година работи како самостоен хирург на Клиниката за кардиоваскуларна хирургија во Херцентрум, Франкфурт, а потоа две години работи како шеф на оддел на Клиниката за торакална и кардиоваскуларна хирургија  „Јохан Волфганг Гете” на Универзитетот во  Франкфурт на Мајна.

Неговата „печалбарско-иселеничка” кариера од десетина години ја завршува кон крајот  на 1999. година кога се враќа во Македонија. Така од 1999 до 2001 година е директор на Кардиохируршкиот оддел при ЦВЗУ Воена болница во Скопје, а на крајот на 2001. година се здобива со потврда од Европскиот борд на Здружението за кардиоваскуларни хирурзи со која му се признава стручната супспецијалистичка дејност како кардиоваскуларен хирург и во 2002 година станува директор на Специјалната болница по Кардиохирургија „Филип Втори” во Скопје, во неговата Македонија. Истата година д-р Митрев е примен и промовиран во академик во Светската академија за наука „Платон”.

Жан Митрев десет години се подготвува и учи. Тоа е огромен вложен напор и енергија во која се изучува секој метод, зафат, секој рез, секоја постапка и тимска уиграност, секој нов инструмент и апарат. Тоа се десет години во кои тој секојдневно е изложен на огромен притисок на научната работа да се постигнат врвни резултати и беспоштедна борба да се спаси човечкиот живот, зошто кардиохирургијата секогаш го носи ризикот на смртта.

А кога човек е во близина на смртта, приватниот живот е спореден. Сепак, и кога му било најтешко и кога изгледало безнадежно за време и по оперативните зафати, никогаш не ја губел надежта дека покрај знаењето и искуството, Бог и судбината ќе го водат него и неговите раце. Вербата во Бога и божјата сила, самопрегорот и љубовта со која работи со пациентите го издигнуваа над можностите, даваа успешни резултати и продолжени човечки животи, дела кои времето ќе ги потврди и ќе говорат за неговата вештина како голем кардиолог.

Со отворањето на болницата „Филип Втори” м д-р Жан Митрев ги постави темелите на македонската кардиохирургија и воспостави нови принципи на работа и однос кон пациентите со што ги надмина сите дотогашни стандарди, притоа, воведувајќи нов систем на вредности во кој пациентите се згрижуваат на највисоко ниво. Таков е случајот и со операцијата на срцето на авторот на овие редови, кој благодарение на д-р Жан Митрев и неговиот тим, после десет години го пишува овој значаен текст.

Со доаѓањето на академик д-р Жан Митрев во Македонија, сакаше да направи нешто за сопствениот народ, и тоа го направи и покрај големиот отпор со кој се соочуваше. Покрај науката покрена еден нов пристап во медицината кој со текот на времето повеќе се прифаќаше. Овозможи да се пробие мразот во приватната медицина.  За да се постигне сето тоа беше потребен голем напор, самопрегор, посветеност и вистинска љубов кон тоа што се работи.

Академик д-р Жан Митрев публикувал и презентирал над 150 стручни трудови. Како резултат на тоа тој е добитник на многубројните награди, признанија за неговиот труд и хуманост. Тој е автор на делото „Македонски приказни за Филип и Александар”, кое е првото авторско дело на академик д-р Жан Митрев.

Станува збор за збирка од 8 раскази за деца и возрасни, исполнета со историски слики, но видени низ сопствената креативна имагинација на авторот. Во секој од расказите се опишува по една случка од животот на двајцата најголеми војсководци од македонската историја, каде јунаците низ едноставни и очигледни решенија наоѓаат излез од секоја ситуација. Расказите се наменети за деца, но според мудроста и книжевниот пристап подеднакво соодветствуваат и за возрасната читачка публика.

zan mitrev3

Болницата „Филип Втори“

Големината на љубовта, која се манифестира кон татковината, претставува највисок дострел на човечкиот дух, кој секогаш останува забележан и неизбришлив од колективното паметење на еден народ. Само со таа љубов кон татковината Филип и Александар до ден денешен се ненадминати..

Инаку, во 2002 година академик д-р Жан Митрев е промовиран за менаџер на годината од страна на Центарот за развој на кадри од областа на менаџментот (МОТИВА). Меѓу другото, добитник е на благодарница и статуетка за хуманист на годината во 2003 година, доделена во чест на роденденот на големата хуманистка и нобеловка Мајка Тереза. Во истата година ги добива наградите за меѓународен научник на годината од страна на „Меѓународниот биографски центар” (Интернатионал Биограпхиц Центр) од Кембриџ, Велика Британија и на наградата „Човек на годината” на Американскиот биографски институт.

Член е на повеќе европски и светски здруженија на лекари специјалисти од областа на кардиохирургијата како што се: Германската асоцијација за торакална и кардиоваскуларна хирургија (1991), Американскиот колеџ за ангиологија (1992), Европската асоцијација за вештачки органи (1993), Европската асоцијација за кардиоторакална хирургија (1994), Меѓународното здружение за минимална инвазивна кардиохирургија (2004), Здружението за торакална хирургија (2206) и бил член на Иницијативниот одбор во 2007 година за отворање на државниот универзитет „Гоце Делчев” во Штип.

За академик д-р Жан Митрев значајно е да се одбележи  дека на 1 март 2016 година е пуштена во употреба и новата современа болница за врвна дијагностика и хируршки болести „Филип Втори”, инвестиција вредна 40.000 милиони евра. Со тоа се реализираше неговата визија по 16 години успешна работа на Специјалната болница по хируршки болести „Филип Втори” да изгради модерна приватна болница во срцето на Скопје, во Македонија.

Специјалната болница по хируршки болести „Филип Втори“  работи во новиот објект, веднаш до објектот каде што кардиохирургот работеше веќе 16 години. Новиот објект е изграден според највисоките светски стандарди и норми за еко-болница, а системите што се вградени во објектот се во насока на висока енергетска ефикасност, максимална безбедност и функционалност.

Болницата располага со 12 амбуланти, 128 болнички кревети од кои 63 кревети за интензивна нега. Објектот е изграден според највисоките светски стандарди и норми за еко болница. На приземјето е сместен дијагностичкиот центар, при што секоја амбулантна е опремена со смарт 3Д ултразвучни апарати со можност за висококвалитетни прикази на внатрешните органи.

Притоа,  рендген дијагностиката е опремена со најнова генерација на рендген апарати, компјутерска томографија, ангиографија и магнет дијагностика. Во оваа значајна „болница на животот, како често многумина ја нарекуваат, тимската работа е императив во болницата, секој спасен живот значи уште едно среќно семејство, секоја нова добиена битка значи продолжување на борбата, смета академик д-р Жан Митрев.

Продолжува

 KatS

Пишува: СЛАВЕ  КАТИН