Среда, 31 Март 2010    Печати
Почнуваат Велигденските празнувања
Христос Воскресна
Православните христијани в недела го прославуваат Христовото Воскресение - Велигден, најголемиот христијански празник, празник на победатата над смртта, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвитe.

Велики четврток во 9 часот ќе се одржи литургија на свети Василиј Велики. Архиепископот Охридски и Македонија г.г.Стефан ќе богослужи во храмот „Св.вмч. Димитриј“. По светата литургија ќе се изврши Света тајна елеосвештение во сите храмови. Вечерта со почеток во 18 часот ќе бидат прочитани 12 Евангелија за христовите страданија, а г.г. Стефан ќе богослужи во Архиепископскиот соборен храм „Св.Климент Охридски“ во Скопје.

На Велики петок поглаварот на МПЦ ќе богослужи во храмот „Св.Петка“ во Црниче, а вечерта во храмот „Св.вмч. Димитриј“.

Света Василиева литургија ќе се одржи на Велика сабота, а Архиепископот Охридски и Македонија г.г.Стефан ќе чиноначалствува во храмот „Св.Наум Охридски“ во скопско Радишани. Вечерта ќе се одржи Воскресенската богослужба.

На Велигден Архиепископот Охридски и Македонија г.г.Стефан ќе богослужи воскресенска литургија во Соборниот храм „Св.Климент Охридски“ во Скопје.