|
||
| Игумен на Свештената Бигорска Обител Архимандрит г. Партениј |
|
Божјата промисла сакала, сепак, тој уште понепосредно и подлабоко да се запознае со православниот духовен и монашки опит, доведувајќи го во манастирот Григоријат на Света Гора, каде што престојува извесно време, под мудрото духовно раководство на, сега веќе блаженоупокоен Старец Георгиј Капсанис, григоријатскиот игумен. Наследувајќи го неговиот благослов, по враќањето во Татковината, кон крајот на месец јули 1995 година, младото момче од Битола, тогаш 24 годишниот Зоран Фидановски, со благослов на надлежниот Дебарско-кичевски митрополит г. Тимотеј, ја започнува својата монашка посветеност, за обнова и продолжување на вековната духовна традиција во древното македонско православно светилиште – Бигорскиот Манастир. Оваа духовна обнова била повеќе од потребна, затоа што по упокојувањето на последниот монах и игумен, отец Спиридон, во 1948 година, монашкиот живот во Бигорски бил сосема згаснат, а богослужението прекинато. Храмот на Свети Јован Претечата бил целосно запуштен и нечист, конакот Долни палат – само еден несоодветно принаправен објект, Горни палат во распаѓање, немало ни соодветна електрична инсталација ни водоводна мрежа, ниту некакви основни услови за живот. Духовноста била целосно замрена. Отец Партениј е замонашен на 5 август 1995 година, во навечерието на споменот на Светата Великомаченица Христина, од страна на митрополитот г. Тимотеј. Веќе следниот ден по примањето на монашкиот потстриг, ракоположен е за јероѓакон, а истата година, на 9 август, во охридскиот храм на Пресвета Богородица Перивлепта – и за јеромонах. Следната година, на празникот Рождество на Свети Јован Крстител, е ракопроизведен за игумен, а во 1998 година е одликуван со граден крст, со архимандритско достоинство. |