Среда, 17 Февруари 2016    Печати
Манифестација „Вешта жена - Гостивар 2016“ - Сите гласаа за Сашка Секулоска

vesta-zena-gostivar

Киро Кипроски

Масата „Св. Трифун“ подготвена од вештите раце на Сашка Секулоска, го освои првото место на натпреварот „Вешта жена - Гостивар 2016“, што се одржа по четврти пат од возобновувањето во гостиварскиот репрезентативен ресторан „Сајгија“.

Специјалното жири во образложението истакна дека во целост Секулоска ги исполнила сите пропозиции на натпреварувањето и тоа со висок визуелен квалитет, вкусот на главното јадење и десертот, за аранжирање на масата и за идејата. Шестчленото жири од Скопје и Гостивар одлуката ја донесе едногласно и Секулоска ќе го претставува Гостивар на 25. јубилејно републичко натпреварување „Вешта жена - 2016, “ што ќе се одржи на 13 и 14 мај годинава, во манастирскиот комплекс Лешок, на кој ќе учествуваат победничките на регионалните натпревари од 25 града на нашава држава.

„Пресреќна сум што бев прогласена за највешта жена, не го криеше своето задоволство Секулоска и при тоа ни ги претстави содржините кои ја сочинуваат масата што ја подготви.

„Масата ја посветив на свети Трифун, чувар на лозјата и гостилниците, како и на брачната љубов и верност“, рече Сашка и додаде „ главното јадење го нареков ’трифунова трпеза‘, која се состои од свинско месо со сос од печурки и хопла и со пролетна декорација. Како десерт подготвив торта од вишна и ја ставив во буренце за вино, како симболика на денот - 14 февруари. Се разбира на декорираната маса со чаршав, салфети и чаши во тон со црвена боја, се наоѓа и славската погача декорирана со гроздови“.

На натпреварот учествуваа и Оливера Божиновска, Варолина Беголи-Бела, која се претстави со „Пролетна трпеза“, Емилија Србиновска со „Маша и медо“ , а масата насловена „Бисерна пролетна романса беше на Даниела Мицоска.

Членот на жири од Гостивар, Мирјана Србиноска, истакна дека конкуренцијата беше мошне силна со прекрасно урдени маси, секоја од нив пленеше со посебна убавина, со различни бои и аранжмани. Жирито иако имаше тешка задача, сепак одлучи првото место да и' го додели на Сашка Секулоска, која по многу елементи од пропозиции со квалитет се двоеше од конкурентките.

Даниела Мицкоска, претседател на гостиварскиот огранок на „Вешта жена“ ни изјави дека оваа манифестација е голем настан за понежниот пол на првиот град на Вардар, Гостивар. Самото присуство на над 250 жени тоа најдобро го потврдува. Организаторите веруваат дека во наредните години ќе се зголемува бројот на учеснички во натпреварот и на посетеноста.

Инаку, впечатоците од настанот се импресивни. „Сите маси беа успешно подготвени и тие се само гаранција за квалитетот и се она што вешта, како манифестација го прави за активирање на жена, за меѓусебно запознавање, зближување, размена на искуства и забавување, ни изјави Жана Стојановска, идејниот творец на манифестацијата и претседател и главен координатор на натпреварите „Вешта жена“ во нашата држава.

Таа не' информира дека годинава ја издале книгата „Етно-вешта жена“, во кои се отпечатени производите кои беа презентирани во есенскиот дел на „Вешта жена“. Сите рецепти автентично направени од вештите жени, меѓу кои и од гостиварки, се внесени во книгата. Средствата добиени од продажбата на книгата се наменети за децата со посебни потреби.

По неколкучасовната весела забава, присутните на „Вешта жена Гостивар 2016“ задоволни ја напуштија салата и посакаа вакви манифестации почесто да се организираат. На тој начин жените да се одделат од секојдневните обврски и задачи и да минат пријатни мигови со забава и разонода.