|
|
| Дали светот е на прагот на Трета светска војна? |
|
Рамнотежата на моќта отсекогаш била кревка архитектура изградена врз интереси и сојузништва. Од времето на Студената војна, кога светот беше поделен меѓу два блока предводени од Соединетите Американски Држави и Советскиот Сојуз, па сè до денешната мултиполарна сцена, прашањето на глобалниот баланс постојано се преиспитува. Но денес, повеќе од кога било, се чини дека таа рамнотежа не е само нарушена туку опасно разнишана. Војната во Украина одамна ја надмина локалната димензија. Таа стана судир на визии за идниот светски поредок, тест за издржливоста на Западот и сигнал дека ревизијата на границите повторно станува средство на политика. Истовремено, тензиите околу Тајван ја засилуваат неизвесноста во Азија, отворајќи прашање до каде се подготвени да одат големите сили во одбрана на своите интереси и престиж. Светот повторно се врти и околу Блискиот Исток, како толку пати досега. Конфликтот меѓу Соединетите Американски Држави и Израел од една страна, и Иран од друга, не е само уште една регионална криза. Тој претставува тест за глобалната рамнотежа на моќта, за трпението на големите сили и за способноста на меѓународната заедница да избегне нова катастрофална спирала на ескалација. Во свет во кој „ограничените удари“ стануваат вообичаени, а заканите се дел од дипломатскиот речник, линијата меѓу одвраќање и провокација станува опасно тенка. Доволна е една погрешна проценка, еден напад со погрешна интерпретација, за да се отвори спирала што никој нема лесно да ја запре. Историјата нè учи дека големите конфликти често започнуваат со низа мали, наизглед изолирани кризи. Особено загрижува фактот што современите конфликти повеќе не се водат само со тенкови и пушки. Информациските кампањи, кибер-нападите, дроновите, хиперсоничните ракети, авионите, подморниците, eнергетските пазари, глобалната економија, станаа подеднакво моќно оружје. Светот можеби сè уште не ја достигнал точката од која нема враќање, но прашањето е колку долго ќе опстане оваа тенка линија на воздржаност. Но дали навистина сме на прагот на Трета светска војна? Одговорот не е едноставен. Од една страна, силната меѓузависност меѓу економиите делува како кочница за директен судир меѓу најмоќните држави. Од друга страна, токму таа меѓузависност може да стане средство за уцена и притисок. Изборот, сепак, останува во рацете на лидерите на големите сили. МН |














