Среда, 17 Мај 2017   
ДИМИТАР НАКОВ, ЕГЗАРХИСКИ УЧИТЕЛ ПРЕД, ЗА ВРЕМЕ И ПО ИЛИНДЕНСКИОТ ПЕРИОД, ВО НЕГОВОТО РОДНО ШТИПСКО НОВО СЕЛО

(Записи од просветната исторја на Македонија)

dimitar-nakovНеретко, низ историјата, во записите за значајни периоди , во случајов за Македонија, се пишувало главно за водечките личности, а останатите учесници во тие исти, историски значајни периоди, биле оставани, подзаскриени, под неблагодарната флоскула „и други", за понатаму да бидат и целосно изоставени. Во случајов, станува збор за егзархискиот учител Димитар Наков (1871 - 1943), роден во штипско Ново село, каде, во родителската куќа, последна во низата куќи преку мостот, кон изворот Л'џи, живеел до убиството на неговите млади родители за време на турското ропство, по што бил посвоен во семејството Накови, во населбата Дамјаница, која ги поврзува градот Штип и штипско Ново село, каде се оженил со исто така новоселската мома Софија, со која, во бракот изродиле повеќе деца, од кои останале живи и израснале 5 деца, две девојчиња и три машки. Димитар Наков учителствувал во училиштето во штипско Ново Село, пред, за време и по значајниот Илинденски период, а за потребите од описменување на македонското население и во други делови од татковината, во 1907 година бил прераспореден за учител во селото Фариш, лоцирано на десната страна од патот Росоман кон Прилеп., каде, сопругата Сова, му родила и едно од нивните машки деца. Прогонуван од разните поробители на Македонија, кои се менувале во тој период, Димитар Наков, во учителската професија останал се до 1913 година. Поради честите и жестоки прогони од разните поробители, професијата учител ја напуштил и продолжил да работи како адвокатски помошник во градот Штип.

ПРВИОТ ПОВОЕН ДИРЕКТОР НА ШТИПСКАТА ГИМНАЗИЈА ПАНЧЕ НАСТЕВ, ПРОФЕСОР ПО ХЕМИЈА, БИЛ УЧЕНИК НА ДИМИТАР НАКОВ.

Во учебната 1951- година, на првиот час по хемија, во тогаш први клас во Вишата гимназија, кога, професорот и прв повоен директор на штипскста Гимназија, Панче Настев, ги прозивал учениците, за да се запознае со нив, кога дошол до името на ученичката Зора Накова, подзастанал, го изговорил нејзиното име, а потоа ја прашал: "Дали таа е во некаква роднинска врска со учителот Димитар Наков?“, и кога од неа добил потврден одговор, професорот и директор Настев, воодушевено, пред целиот клас рекол: „Нели е интересно ученици, што денеска јас сум професор на една внука на мојот учител од основното училиште, Димитар Наков, кој ме научи да читам и пишувам, и од кого ги стекнав првите знаења од училишната програма“. (Зора Накова пак е трето родено дете од синот на учителот Димитар, Крум Наков. Нејзини соученици, пред кои Настев во класот го кажал ова, се сеуште живите д-р Методи Чепреганов, познат невролог, Томо Парчаклиев, судија во пензија, Душко Цацков, универзитетски професор, Тодор Кожухаров, дипл. Економист, Рада Ангелова Топуз, Ленче Наумова-Давкова, Анка Шуманска Шопова, Дана Цекова и др.).

Подоцна, истата внука на учителот Димитар Наков, кога се запишала во прва година на Природно-математичкиот факултет – отсек хемија во Скопје, го доживеала истото, со професорот по хемија Панче Настев, кој во меѓувреме станал универзитетски професор и предавал хемија на студентите од соодветниот факултет. И во оваа прилика Настев ја повторил коинциденцијата - тој да предава на внуката на неговиот прв учител Димитар Наков од Штип.

Освен за Панче Настев, познато е дека меѓу бројните ученици во. училиштето во штипско Ново село, на кои учител им бил Димитар Наков, била и извесна медицинска сестра, родена штипјанка, од семејството Цицонкови. Но, кога требаше со неа да се стапи во контакт, таа во меѓувреме почина во Скопје, каде подолг период била преселена со нејзиното семејство.

Од сведоштвата дека Димитар Наков бил учител, денешните негови потомци располагаат со оригинални документи со печати и потписи од надлежни лица од официјални државни институции, какви што се:

1. Писмо од 1922 година напишано во ракопис и со своерачен потпис на класниот раководител на неговиот син Крум Наков, кој тогаш бил ученик во трети клас гимназија, извесен Франо М. Графенауер, и кое е адресирано "Господину Димитрију Наковиќу, бив. учитељу". На горната десна страна стои штембил со грбот на "Краљевина Срба, Хрвата и Словенаца", пишува дека е тоа штембил на Гимназијата од Штип и годината 1922. Ова писмо класниот раководител на неговиот син Крум (во писмото именуван како Крумислав) го испратил до Димитар поради отпуштањето на Крумислав од средно училиште со право да ги полага испитите. Имено, синот на Димитар Крумислав (Крум) бил познат како немирен дух и учесник во социјалните движења во Штип, па можеби поради тоа бил предвремен отпуштен од училиште. Писмото во превод на македонски гласи:

До г-дин Димитрије Наковиќ (Димитар Наков, з.м.), поранешен учител

Чест ми е да Ве известам дека Вашиот син Крумислав, ученик во трети клас, врз основа на членот 42 од Законот за средни училишта, а според Одлука на Наставничкиот совет, е отпуштен од училиштето со право да ги полага испитите на крајот од учебната година.

Класен раководител на трети клас

(Потпис)

dimitar-nakov-2

2. Постои и заверен судски документ (купопродажен договор) под Бр. 9873, од 16. Септември 1926 година, со печат на „Штипски првостепени суд" и со своерачен потпис на судијата Станко Миленовиќ, каде на наколку места се спомнува дека се склучува договор за купопродажба на лозје помеѓу продавачот Мурат Исмаиловиќ, работник и купувачот Димитрије Наковиќ, поранешен учител од Штип. Стојат и своерачните потписи на двајцата договарачи. Во воведниот дел на овој купопродажен договор, во превод на македонски, пишува:

„Договор за продажба, заклучен помеѓу продавачот Мурат Исмаиловиќ, работник од Штип од една страна и купувачот Димитрије Наковиќ (Димитар Наков, з.м.) поранешен учител од Штип од друга страна.“

dimitar-nakov-3

3. Семејството на учителот Димитар Наков до денес чува и неколку писма и разгледници испратени по пошта по разни поводи до него, во кои покрај неговото име задолжително стои и она „бивш учител“. Една таква разгледница му е испратена на адреса на учителот од неговиот син, воено лице Ристо Наков, кој тогаш службено престојувал во Крањ, Словенија. Попрецизно, разгледницата е адресирана до „Димитрије Наковиќ, бивш учитељ, Штип, Вардарска“ (во тоа време Македонија била именувана како „Вардарска бановина“).

dimitar-nakov-4

За учителот Димитар Наков, во својата книга „Училишен летопис", издадена 1998 година во Штип, пензионираната учителка Јелисавета-Фетка Бојаџиска, на страница 9 во последниот пасус кој продолжува на стр. 10, пишува:

„Од Илинденскиот период до Балканските војни ги бележиме и овие уители од Штип: Ефрем Чучков, Димитар Мирасчиев, Атанас Чепреганов, Коце Шекеринов, Димитар Наков, Магда Хаџи Панева, Добрина Рашева и Блажо Пуздерлија“.

Во фуснотата, како извор на информаците се наведува „Црковна историја на Македонија" од д-р Славко Димовски, протојереј-ставрофор.

Во книгата „Сведоштва", издадена 2008 година од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј Штип, на стр. 43-та, авторот Кирил Панајотов, пишувајки за сочуваната литература од XIX век во Штип и нејзиното значење и улога во будењето на националната свест, поместува факсимил од насловната страница на Учебник по хемија (во оригинал: „Начална химија“), од 1883 година, која неговите деца и внуци, ја сочувале до денес, а била наследена од егзархискиот учител Димитар Наков.

Најновиот пишан документ во кој господинот Димитар Наков се споменува како бивш учител, датира од 2016 година. Стаува збор за Зборник со наслов “Ослобождението на Б'лгари от вардарска Македонија, воено-пленици, от Бившата Југославска армија през Втората световна војна“, издадена од Институт за исторически следванија, Државна агенција - архиви, БАН (Бугарска Академија за Наука) Софија, во кој, на стр. 52, е поместена молба (најверојатно датирана од април 1941 година) од родителот Димитар Наков (кој е потпишан како „бивш егзархиски учител“), со која тој од бугарските власти побарал да биде ослободен од политички притвор во Марибор, Словенија, неговиот син Христо Димитров Наков, офицер во Југословенската војска пред да биде депортиран во логор во Италија заедно со својата вереница Аница (Словенка). Имено, по погромот на кралска Југославија, сите заробеници со потекло од Македонија биле ослободени од германско заробеништво и вратени во Македонија која во тоа време била под бугарска окупација, т.е. административно била составен дел од фашистичка Бугарија која била сојузник на Германија.

Од овде наведените документи јасно се гледа дека штом во 1922 година Димитар Наков веќе бил „поранешен учител“, јасно е дека тој учителствувал во времето на османлискиот период заедно со Гоце Делчев (кој е помлад од него само неполна година) и Даме Груев.

Најдлабото копање по корените на егзархискиот учител од Штип, Димитар Наков (1871 - 1943) преземени од сведоштва собирани од луѓе кои лично го познавале, допираат до неговите родители, кои заедно со нивните три дробни дечиња, меѓу кои најстаро било детето Димитар, живееле во сеуште постоечката бела куќа, последна во низот куќи преку новоселскиот мост, од кој десно се оди кон изворот Л'џи, а лево кон бањата Кежовица. Приказната од најраното детство не учитечот Димитар Наков е многу тажна. Кога тој имал само 7.-8 годинки, а братчето и сестричката биле помалечки од него, од неразјаснети причини (за време на Турско) им биле убиени двајцата родители. Останати сирачиња, трите деца од страна на роднините биле посвоени во три различни семејства, поради што тие никогаш веќе не се сретнале. Не е познато ниту кое им било заедничкото фамилијарно презиме. Детето Димитар, било посвоено од Фета и нејзиниот сопруг (чие име не е познато, но најверојатно дека се викал Нако, па оттаму Димитар го наследил своето презиме според тогашната традиција презимињата да се создаваат од името на таткото). Фета и Нако (?) немале свои деца, а живееле во месноста Дамјаница, која ги спојува неговото родно штипско Ново село и градот Штип. Нивната куќа се наоѓала спроти денешната бензинска станица, од десната страна во ридот, поаѓајки од градот кон Ново село. Посвоителите убаво го чувале детето Димитар и му обезбедиле солидно школување, со кое стекнал право да работи како учител. Учителствувал во училиштето во Штипско Ново село, пред, за време и по славниот Илинденски период. Во професијата, повремено бил прераспоредуван и во други македонски места, каде имало потреба од описменување на македонските деца. Од најстарите членови на неговото семејство, познато е дека учителствуал некаде до 1913 година, кога поради тортурите од тогашните поробители во Македонија кои постојано се менувале, продолжил да работи како адвокатски помошник. Сопствено семејство Димитар Наков оформил во 1901 година кога бил учител во училиштето во штипско Ново Село. Се оженил за 12 години помладата Софија - Сова Данева (1883 - 1962), кога таа имала само 18 години и била позната новоселска убавица. Сова била третородено дете, а втора ќерка на Марија (починала во 1937 год.) и Дане (починал во 1897 год.). Кога Димитар Наков ја бендисал и пратил стројници да ја побараат за негова невеста, Сова не сакала да чуе затоа што бил многу постар од неа. Но, по убедувањето од најстарата сестра Ката, која веќе била мажена за познатиот и богат штипски шивач Тодор Басотов, дека ако сака да се спаси од сиромаштијата треба да го прифати бракот со Димитар, затоа што со него како учител, немало никогаш да гладува, Совето на крајот попуштила и станала Накова. Венчавањето им било во црквата „Свети Никола“, каде, во чест на угледот на учителот, наместо со еден, биле венчани со два свештеника. Отпрвин во бракот се им одело како подмачкано. Успеале, покрај куќата во реонот Дамјаница, да купат уште две куќи (залепени една за друга) во центарот на градот во реонот „Пролеќе“.

Во бракот им се родиле осум деца, но првите три им починале како бебиња. Другите деца биле: НАДА (1906 – 1942), КРУМ (1909 – 1961), РИСТО (1912 – 1983), КИРО (1915 – 1981) и ВЕРА (1926 - 2006). Со текот на времето, учителот Димитар Наков поради тортурите што ги доживувал при секоја промена на власт започнал да размислува за промена на професијата што и го сторил во 1913 година, кога го напуштил учителствувањето и продолжил да работи како адвокатски помошник. Една од причините несомнено била и тоа што тој, како учител, бил малтретиран од тогашните угнетувачи на Македонија. Кој и да дошол на власт, физички го малтретирал Мите затоа што наводно „им служел“ на противниците. Во меѓувреме Сова почнала да се занимава со трговија, борејќи се и самата со проблемите околу одгледувањето на многудетното семејство. Со текот на времето станала угледен и успешен трговец во Штип. Тргувала со басми, сапун, восок и се што сметала дека ќе и донесе профит. Правела и кисело млеко кое го продавала преку својот син Ристо во Исарското маало, а во куќата кај градската црква (реонот Дамјаница) одгледувала и свињи и кокошки.

Димитар Наков учителот починал во 1943 година како пензионер на возраст од 72 години по краткотрајно боледување. Останал запаметен како интелигентен и добродушен, но веројатно несфатен човек, , како што е впрочем случајот и со сите оние кои даваат предност на боемскиот живот.

Сова останала сама да се грижи за петте деца и го надживеала Мите за цели 19 години, успешно заминавајќи се со трговија. Во 1945 година новата комунистичка власт и конфискувала голем дел од материјалните добра со кои работела. Пред крајот на животот добила склероза и починала во 1962 година. Останала запаметена како ретко способна и вредна жена, која и покрај сите тешкотии, успеала да ги изведе своите деца на вистински пат. Да го проследиме накратко животот на овие пет деца.

Најстарото дете НАДА НАКОВА се родила во 1906, а починала во 1942 година. Во 1929 се омажила за Коста Какашиќ (1900 – 1975), учител од Кратово. И Нада работела како учителка. Во 1941 година, со доаѓањето на бугарската власт, таа и натаму работела како учителка. Сепак со сопругот одлучиле да се преселат во Србија откако тој добил закани по неговиот живот. Но, на патот кон Белград, Нада се разболела и починала во 1942 година. Во бракот помеѓу Нада и Коста се родиле децата: МАРИЈА (род. 1930 год.), ЉУБИША (1933 - 2006) и ПЕТАР (1938 - 2011). Сите останале да живеат во Војводина. Нивното потомство трае до денес.

КРУМ НАКОВ (1909 – 1961) е второто дете на Сова и Мите Накови. Во 1930 година се оженил за Драга Панева (1908 – 1979) од Свети Николе (инаку ќерка на учителот Пано и домаќинката Анастасија). Крум работел како кондуктер и трговец, а Драга останала домаќинка. Во бракот им се родиле седум деца од кои едно починало како бебе. Нивните деца се: ЉУБИЦА (1931 – 2014), БЛАГОЈ (1934 – 1991), ЗОРИЦА (1937 – 2013), АНА (род. 1940 год.), ИЛИЈА (род. 1943 год.) и НАДА (род. 1947 год. и автор на овој текст, т.е. внука од син на учителот Димитар Наков). Од нив, потомство кое трае до денес, оставиле: ЉУБИЦА, БЛАГОЈ и АНА

Љубица Накова во 1956 година се омажила за сликарот и писател Љубомир Донски (1926 – 2006). Во бракот им се раѓаат децата: АЛЕКСАНДАР (р. 1960), историчар и писател – директен правнук на учителот Димитар Наков и ТАТЈАНА (род. 1962), мажена Биџовска.

Од останатите деца на Димитар учителот, потомство оставила само ќерката ВЕРА (по сопруг Зафирова).

Таа се родила во 1926 година, а починала во 2006 г. Се омажила за Трајко Зафиров (1922 - 1991), кој бил способен трговец, а работел и како берберин. Нивна ќерка е Ленче (1955 - 2003), која во 1976 година се мажи за Панче Филипов (1949 – 2011), кој работеше како референт во МК „Астибо“, додека Ленче работеше како професорка во средно училиште. Во бракот им се раѓаат децата ТРАЈЧЕ (род. 1976) и ВЛАТКО (доктор специјалист по урологија, род. 1977). Нивното потомство трае до денес.

dimitar-nakov
Единствената зачувана фотографија од учителот Димитар Наков (снимена во 1938 година)

Нада Накова

 

На прво место

News image

Премиерна изведба на најновото драмско дело на Стефо Нанцу

Минатиот четврток во просториите на Центарот за уметност во Бенкстеон, предградие на Сиднеј, се одрж...

Историја

News image

Српска пропаганда во Македонија

Српската пропаганда е разгранет систем за ширење на српското национално чувство, култура, јазик, иде...

Иселеници

News image

Солунските атентари и нивната улога за ослободување на Македонија (5)

По 29 април 1903 година друг еден настан ја возбудил Макед...

Култура и туризам

News image

Како се изнесуваше македонското културно наследство за време на Првата светска војна (1)

Научната експедиција во Македонија и Поморавија за време Првата светска војна е проект на началникот...

Фељтон

News image

Александар Македонски (2)

Сакаме да ги информираме читателите на „Македонска нација“ дека продолженијата „Алек...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.