Среда, 18 Август 2021   
ИЗЛЕЗЕ ОД ПЕЧАТ КНИГАТА „ТВОРЕШТВОТО НА СЛАВЕ КАТИН“ ОД ДУШАН РИСТЕВСКИ-МАКЕДОН

1slkat1Во издание на книгоиздателството Македонска искра“ од Скопје и Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, Австралија излезе од печат книгата „Творештвото на Славе Катин“ од Душан Ристевски-Македон. Публикацијата која е отпечатена на 400 страници, чиј рецензенти се проф, д-р Вера Стојчевска-Антиќ, Александар Донски и Славе Катин излезе по повод осумдесетгодишниот роденден на публицистот, новинарот и аналитичарот на македонското иселеништво Славе Катин

Книгата „Творештвото на Славе Катин“ од поетот, драматург, публицист, основач и претседател на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј  Душан Ристевски-Македон претставува повеќеслојна артикулација која на читателите истовремено им нуди омаж, монографијата и биографија на еден друг истакнат македонски автор, публицист и истражувач, т.е. како што со право го нарекува Душан Ристевски: „доблесен Македонец, истакнат и докажан новинар,  духовен посветеник и докажан припадник на својот библиски род и македонската земја“ – Славе Николовски – Катин.

            Концизното, но темелно претставување на ликот и делото на Славе Катин, Душан Ристевски-Македон (по вдахновениот вовед) го почнува со биографските податоци на овој истакнат автор и публицист. Овде најнапред умешно се избрани најударните сегменти од приватниот живот на Славе Катин, кои опфаќаат широк временски дијапазон почнувајќи од неговите претци, па сѐ до неговите директни потомци (деца и внуци). Потоа следуваат податоци за   неговиот општествен живот (школување, професионална кариера кај нас и во странство – државна и приватна, список со насловите на  бројните вредни изданија, список на медиуми со кои соработувал и други интересни податоци за богато исполнетиот творечки живот на Славе Катин).

            Книгата продолжува со првиот дел насловен како „Македонско иселеништво“. Во овој дел  се претставени шеснаесет статии во кои педантно и со сите најважни податоци се презентирани публикациите на Славе Николовски - Катин   посветени на повеќе сегменти од општествениот живот на македонското иселеништво. Душан Ристевски со право констатира дека македонското иселеништво е „алфа и омега“ за творештвото на  Славе Катин, т.е. македонските иселеници се една од главните теми во неговиот творечки опус. Покрај богато наведените податоци за овие дела само ќе додадеме дека  Славе Николовски – Катин навистина има одиграно огромна улога на начин што, преку своите творечки трудови, тој како да не сака да дозволи да се прекине  врската помеѓу нашите иселеници во западниот свет и Македонија како земја од каде потекнуваат тие или нивните предци.  Истовремено, преку истите дела, тој ја запознава и јавноста во Македонија со животот и дејноста на нашите сонародници во дијаспората, со што практично творечкиот опус на Славе Катин посветен на иселеништвото претставува траен мост помеѓу Македонците од дијаспората и народот во нивната некогашна татковина. Славе Катин несомнено е најдобриот познавач на македонската дијаспора кој живее во Република Македонија.

            Вториот дел од книгата е именуван како „Црковното живеење“ и во него се опфатени девет статии  во кои читаме богати податоци за истражувачките трудови на Славе Катин за црковниот живот на македонските иселеници и други сегменти кои, на еден или друг начин, се поврзани со религијата. Од насловите и краткиот опис на овие трудови недвосмислено се гледа дека и овде станува збор за сеопфатни студии богати со вредни податоци за темите што се обработуваат (црковните општини во дијаспората, историјатот на МПЦ,  репортажите за посетите на гробот на Св. Кирил во Рим и инаугурацијата кај папата Јован Павле Втори, посетата на Израел и значењето на Израел и Македонија во религијата и други интересни содржини). И со овие дела Славе Катин дава траен придонес во презентирањето на македонската историска вистина  пред нашата и светска јавност.

            Третиот дел од книгата е насловен како „Лексикографски изданија“ и во него се застапени пет статии. Од нивната содржина добиваме податоци за уште еден грандиозен опус на Славе Катин, овојпат тоа главно се речници. Катин објавил корисни англиско-македонски речници за возрасни со различни содржини (библиски, ветеринарен, лимнолошки, биотехнички и други), но и публикации за младинци и деца како што се илустрираните лексикографски изданија за учење англиски, германски, француски, турски, албански, влашки и ромски јазик. Во овој творечки опус влегува и преведувачката дејност од македонски на англиски и од англиски на македонски на Славе Николовски Катин на значајни дела од македонски и странски автори, од кои најпознат е преводот на романот „Александар Македонски“ од Улрих Вилкен (1989 год.).

            Четвртиот дел од книгата „Творештвото на Славе Катин“ е посветен на неговите историски изданија и истиот е насловен како „Публикации со историска содржина“. Во шесте статии  на овој дел читаме податоци за објавените книги со историска содржина од Славе Николовски – Катин, било како самостоен автор било како коавтор. Книгите обработуваат содржини од сите историски периоди на Македонија и Македонците, почнувајќи од антиката, преку Средниот век, па до поново време. Освен како истражувач на историјата, Славе Катин се јавува и како автор на литературни дела со историска содржина.

            Петтиот и последен дел од книгата носи наслов „Монографии“ и во него се застапени седумнаесет статии во кои читаме податоци за личностите за кои Славе Катин напишал сеопфатни и темелни монографии. Тоа главно се истакнати личности од дијаспората (Атанас Близнаков, Андреа Бранов, семејството Јановски, Светле Стамевски, Георги Томов, Бошко Рајчовски Пелистерски, Петар Стаматов, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, Гојко Јаковлески, Стив Пљакас, семејството Видиновски),  потоа истакнати личности од Македонија (Митрополтот Кирил, Благој Механџиски, Силјан Мицевски, Есма Реџепова-Теодосиевска) , но и сликовници за неговите внуци Сандра, Дина и Масимо.

            Да заклучиме дека книгата „Творештвото на Славе Катин“  што ја подготви Душан Ристевски-Македон претставува патоказ  кон обемното и грандиозно творештво на Катин од 60 публикации, преку кои секој заинтересиран читател, денес и во иднина, ќе може да дојде до вредните дела на овој неуморен и исклучително плоден и квалитетен автор и богатите податоци што таму се овековечени за сите времиња. Му го честитаме на Славе јубилејниот роденден во чија чест се објавува оваа книга  и му посакуваме уште вакви творечки подвизи.

Александар ДОНСКИ

 

На прво место

News image

Христијан Мицкоски : Бројот 7 за Наташа Колтар и бројот 82 за Данела Арсовска

Мини митинг на ВМРО-ДПМНЕ - Општина Центар-Скопје

Историја

News image

Македонија како римска провинција

Д-р  Иван Алексов ДОКУМЕНТИ ЗА МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНЦИТЕ (од праисторијата до почетокот на 21 ...

Иселеници

News image

КОЈ Е ФОЛКРОРИСТОТ георги (ЏОРЏ) томов? (2)

Уметничкиот директор и кореограф на ансамблот “Томов” - ...

Култура и туризам

News image

ДЕЛ ОД ЖИВОТНАТА ПРИКАЗНА НА ИСЕЛЕНИКОТ ПЕТАР СТАМАТОВ ОД СМИЛЕВО (2)

ИСЕЛЕНИЧКАТА ФОНДАЦИЈА „ПЕТАР СТАМАТОВ“ НА УКИМ 

Фељтон

News image

ПОЧЕТОЦИТЕ НА ОСВОЈУВАЊАТА НА АЛЕКСАНДАР III МАКЕДОНСКИ (ВЕЛИКИ) – (5)

 Почетоците на освојувањата на Александар Македонски (Велики) се особено потенц...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.